Лидерите на Косово и Северна Македонија изјавија дека досега не биле формално контактирани од Обединетото Кралство во врска со идејата за воспоставување прифатни центри за одбиени баратели на азил, откако британскиот премиер Кир Стармер откри дека се водат разговори со повеќе земји за такви договори.
На самитот на Европската политичка заедница во Тирана, претседателката на Косово Вјоса Османи и премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски за „Скај њуз“ изјавија дека не им било официјално побарано да учествуваат во ваков план, но дека се подготвени да разговараат.
„Нема формални разговори со Обединетото Кралство за ова прашање. Досега тоа не било покренато,“ рече Османи. „Отворени сме за дијалог, но не можам да кажам ништо повеќе бидејќи не ги знам деталите.“
Османи го нарече Обединетото Кралство „цврст сојузник“ и посочи дека британската технологија се користи во Косово за спречување на шверц на луѓе и нелегални стоки.
Мицкоски, кој имаше билатерална средба со Стармер на самитот, изјави дека не е информиран за оваа иницијатива. На прашањето дали имало формални разговори, тој одговори: „Не, сè уште не.“
Изјавите уследија еден ден по јавната одлука на албанскиот премиер Еди Рама да ја отфрли можноста неговата земја да биде домаќин на британски прифатен центар, нагласувајќи дека договорот со Италија е „единствен случај“ и критикувајќи го начинот на кој Албанците се прикажани во британската јавност.
Стармер во петокот за британските медиуми иизјавил дека Велика Британија е во разговори со „неколку земји“ за воспоставување прифатни центри во трети земји за одбиени баратели на азил. Тој ги нарече ваквите хабови „важна дополнителна алатка“ во борбата против криминалните мрежи кои шверцуваат мигранти, иако нагласи дека тие не се „магично решение“.
Во Западен Балкан се наоѓаат шест земји – Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија – кои се сметаат за клучна транзитна рута за илегални миграции од Азија и Африка кон Европа. Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека минатата година речиси 22.000 лица ја користеле оваа рута.
Иако официјално не се објавени имињата на земјите со кои се преговара, медиумите јавуваат дека Велика Британија разговара со најмалку девет држави.
По средбата со Мицкоски, кабинетот на Стармер не спомена прифатни центри во официјалното соопштение, но нагласи дека двете земји се заложиле за продлабочување на соработката во трговијата, безбедноста и справувањето со миграцијата. Северна Македонија неодамна се приклучи на британската Иницијатива за заедничка миграција, насочена кон разбивање на шверцерските мрежи на Балканот.
Косово, една од најсиромашните земји во Европа, во 2021 година постигна договор со Данска за прифаќање 300 странски затвореници кои ќе ја одслужат казната таму, во замена за 200 милиони евра. Договорот сè уште не е имплементиран.
Британската влада се соочува со зголемен притисок поради растот на бројот на мигранти кои преку мали чамци ја преминуваат Ла Манш. Над 12.000 лица пристигнале по оваа рута од почетокот на 2025 година, што ја става годината на пат да стане рекордна. Властите наведуваат дека порастот делумно се должи на поволните временски услови и на поагресивните тактики на шверцерите.
Опозициската Конзервативна партија го обвини Стармер дека делува во „паника“, повикувајќи на враќање на планот за депортација во Руанда. Конзервативниот министер за внатрешни работи во сенка, Крис Филип, изјави дека без конкретни договори, идејата за прифатни центри нема тежина.
Портпарол на Министерството за внатрешни работи изјави дека Обединетото Кралство презема „итни мерки“ за намалување на бројот на илегални премини, вклучувајќи проширена соработка со Франција, засилени патроли и нови законски мерки за разбивање на мрежите за шверц на луѓе.