16.4 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Дали Фридрих Мерц е премногу стар за да биде канцелар?

Кога Фридрих Мерц утре ќе ја преземе функцијата германски канцелар, ќе биде најстар шеф на владата по легендарниот Конрад Аденауер. Дали е тоа предност или недостаток? И што значи возраста за таа функција?

Кога Фридрих Мерц ја започна својата изборна кампања во јануари, првото место што го посети беше Рендорф, каде што порано живееше Конрад Аденауер. Тој беше првиот повоен германски канцелар, легенда на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и политичар кој со почит го нарекуваа „Старецот“. Мерц ја обиколи меморијалната област и одржа долг говор. На сите присутни им беше јасно дека сака да повлече историска паралела.

Кога Фридрих Мерц ќе биде избран за канцелар на 6 мај,  според планираното, тој ќе има тогаш 69 години. Тоа значи дека тој ќе биде вториот најстар канцелар по Аденауер. Што значи тоа за него? А што  за Германија?

Прашањето на возраста како политичка категорија

Едно е сигурно, а тоа е дека  идниот канцелар е свесен дека повеќе не припаѓа во редовите на младите сили. Во мај 2024 година, беше објавена епизода од подкастот „Hotel Matze” во кој Мерц беше гостин. Тој формат на водителот Маце Хилшер е познат по тоа што политичарите можат да ја покажат својата „помека“ страна и таму да се опуштат. Така Хилшер го праша Мерц каде го гледа „најголемиот знак прашалник“ во себе, а Мерц, на изненадување на многумина, зборуваше за неговата возраст.

„Веќе немам 40 или 50 години“, рече тој. Секако, се поставува прашањето дали тој е дораснат на барањата на својата функција – во тој момент е претседател на ЦДУ и шеф на пратеничката група на Демохристијаните. Тоа беше моментот кога  прашањето за возраста наеднаш повторно стана политичка категорија.

Џо Бајден САД
Џо Бајден на крајот, поради неговата возраст, мораше да се откаже од својата кандидатура за претседател на САДФотографија: Allison Robbert/AFP

Неколку недели подоцна,  Џо Бајден,  видно напреднат во години, се откажа од својата кандидатура за претседател на САД. Се разбира, Мерц не пропушти веднаш по признанието за неговата возраст јасно да каже дека се смета себеси за „без ограничувања способен да ги извршува своите должности“.

Некои други на негова возраст не би го кажале тоа така лесно за себе. На пример, познатиот германски сатиричар Харалд Шмит неодамна во подкаст изјави дека мисли дека на Мерц новата работа сепак ќе му биде доста напорна. „Сакам да дремам попладне, а понекогаш и уште во 11 часот наутро. Тешко ми е да замислам дека сега треба да се навикнувам на нова работа“, рече Шмит и заклучи дека функцијата канцелар „воопшто не е лесна“.

Шмит е во право: веројатно нема функција со повисок фактор на исцрпување од онаа на канцеларот.

Што научивме од историјата?

Во интервју за јавниот сервис АРД во текот на летото минатата година, пред одлуката да стане кандидат за канцелар на Демохристијаните, Мерц рече дека ако сака да се стави на располагање како кандидат за канцелар, мора да има „чиста совест кога станува збор за фактот дали може физички и психички да го издржи тоа – и не само за кратко време“. А на дополнително прашање прецизираше дека во тој случај би сакал да биде канцелар „шест до десет години“.

Конрад Аденауер
На 21 септември 1949 година, како новоизбран канцелар, Конрад Аденауер потпиша договор со трите победнички сили во Втората светска војна за формирање на Сојузна Република Германија во хотелот Петерсберг во близина на Бон: Аденауер тогаш имаше веќе 73 годиниФотографија: picture-alliance/AP Photos

Тоа навистина потсетува на Конрад Аденауер, кој во 1949 година, како 73-годишник, се соочи со голем скептицизам во сопствената партија поради неговата возраст. Дури и тогаш, многу луѓе се прашуваа дали поранешниот градоначалник на Келн е премногу стар за да биде канцелар. Вакво прашање особено поставуваа оние од партијата кои и самите сакаа да бидат на чело на владата. Аденауер, познат како „лисец“, тогаш изјави дека се консултирал со лекар: „Тој вели дека можам да ја извршувам функцијата две, три години“. На крајот беа четиринаесет!

А кога бил уште постар, Аденауер бил многу витален, потврдува неговиот истоимен внук. „Тој сè уште беше многу присебен“, вели Конрад Аденауер (80). „Беше и многу дисциплиниран во сѐ, живееше умерено и  практикуваше да оди на годишен одмор.”

Вили Брант, „германскиот Кенеди“, изгледаше особено младешки, радо им позираше на фотографите во градината со својот син Матијас и кучето Бастијан. Или на одмор во лулашка во градината.

Но, Брант не беше најмладиот шеф на германската влада: тоа беше Ангела Меркел, која имаше само 51 година на почетокот на нејзиниот канцеларски маратон. Зад неа доаѓа Хелмут Кол на 52 години.

Вили Брант
Вили Брант (десно) на 18 декември 1963 година во Шенеберг: неговиот син Матијас трча кон него за да му го честита 50-тиот роденденФотографија: picture alliance/Zettler

Што вели психологот

Со оглед на неговата генетска предиспозиција, Фридрих Мерц може да се надева дека ќе живее долг живот: неговиот татко има повеќе од 100 години, а неговата мајка има речиси 100 години. Покрај тоа, возраста има врска и со личниот став.

„Постојат подгрупи кај кои телесните и когнитивните функции остануваат зачувани неверојатно долго време“, вели психологот Винфрид Риф (65) од Универзитетот во Марбург. „Имам пријател кој има 80 години и сè уште оди на скијање на длабок снег со мене. Во исто време, вели Риф, следново е исто така точно: „Ризикот од когнитивно опаѓање е поголем кај некој кој има 69 години отколку кај некој кој има 40 години. Нема корист од разубавувањето на вистината“.

Веќе не се реагира толку брзо, ниту физички ни психички. Сложените ситуации се постресни, вели Риф. Од друга страна, има позитивни работи: „Искуство. Тоа е таканаречената мудрост на возраста, која може да резултира и со отвореност и позитивен однос кон новите идеи“.

Психолошки треба да се погледне и како некој се развивал низ годините. „Дали останав флексибилен или станав многу тврдоглав?” – тоа е прашањето.  „Во САД,  кај сегашниот претседател  Доналд Трамп, во моментов гледаме висок степен на тврдоглавост: мала толеранција и мало прифаќање на различни решенија. Може да се каже дека тоа не се добри предуслови за лидерска функција“.

Каков е случајот со Мерц – тоа ќе се открие дури кога ќе ја преземе должноста.

Што значи тоа политички?

Едно е сигурно: со оглед на неговата напредна возраст, Фридрих Мерц веројатно нема да биде канцелар толку долго како Конрад Аденауер (14 години), Хелмут Кол или  Ангела Меркел  (и двајцата по 16 години). „Но, таквите долги периоди на власт и онака веќе не се реални поради промените во партискиот систем во Германија“, смета политикологот Јирген Фалтер, кој и самиот има 81 година. Според него, системот стана значително понестабилен – од една страна има повеќе партии во Бундестагот, а од друга, позициите на тие партии се многу поодалечени откако што беа пред 15 години.

Ангела Меркел, Фридрих Мерц
Букет цвеќе за Ангела Меркел минатата година во Берлин по повод нејзиниот 70-ти роденден: Мерц ќе биде најстариот канцелар по Аденауер – а Меркел беше најмлада во времето кога ја презеде функцијатаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Со оваа изјава се согласува Штефан Маршал, професор по политички науки во Диселдорф. Следниот изборен период е секогаш важен за гласачите. А внатре во партијата дури може да биде и предност ако се знае дека позицијата на врвот не е трајно заземена.

Ако, на пример, поради  низа грешки на Мерц како канцелар,  се појават сомнежи за неговата соодветност за позицијата, тогаш тоа сигурно многу брзо би се поврзало со неговата возраст.

„Но, освен тоа, јас не ја гледам неговата возраст како проблем“, вели Маршал, потсетувајќи дека денес во Германија дури 40 отсто од гласачите се постари од 60 години. „Имаме општество кое старее и во тој контекст можеби ни одговара постар канцелар.”

Тоа што многумина го доживуваат Мерц како човек од 90-тите и по однесување и стил, не мора да биде мана, истакнува Маршал. „Германската политичка култура генерално не сака  премногу упадливи луѓе, туку го цени кредибилитетот и автентичноста. Голема е можноста токму во време на криза, приоритет да се даде на животното искуство. Во тој случај Мерц би бил вистинскиот избор“.

 

 

 

Related posts

Словенија распореди полиција на границите со Хрватска и Унгарија

admin

Таравари претставен како доверлив лидер, но авторот ги „заборавил“ минусите – Почна ли изборната кампања?

admin

Гардијан: Ердоган се соочува со реални шанси да загуби додека Турција се подготвува да гласа

admin

ЗОШТО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРОДОЛЖУВА ДА БИДЕ ЗАВИСНА ОД РУСКИОТ ГАС?

admin

Дезинформациите виновници за малата вакцинација

admin

ВАЈСМEН: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СЕКОГАШ БЕШЕ ЦЕЛ НА ХИБРИДНИ НАПАДИ ОД РУСИЈА

ninja