Првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, во средата ја обвини градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за ширење лажни тврдења и најави поднесување кривична пријава против неа, поврзана со објект во скопската општина Чаир.
„Арсовска треба да се фокусира на своите надлежности, наместо да игра улога на инспектор и контролор“, изјави Меџити на прес-конференција, нарекувајќи го случајот дел од, како што рече, „последниот план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.
Тој додаде дека ова, според него, е обид за нова фаза на дестабилизација, каде инструмент е токму Арсовска, а зад сцената стојат фигури како Блерим Беџети, шефот на пратеничката група на ДУИ, и партијата Левица.
„Добро е што се појави, бидејќи четири години ја немавме видено. Наместо одговор за ветеното и несработеното во Скопје и Чаир, Арсовска се претставува како инспектор, додека јавните претпријатија се на раб на банкрот. Ова е најлошо управување со Скопје досега, заедно со ДУИ и Левица“, рече Меџити.
Обвинувања за непотизам
Министерот ја повика Арсовска да провери состојбите и во други скопски општини, каде, според него, исто така има нерегуларности.
„Добро е што почна со Чаир, но зошто не ја видиме во Сарај, во Шуто Оризари? Зошто не каже ништо за синот на Блерим Беџети кој, иако има само 17 години, има договор за интелектуални услуги во ЈП Комунална хигиена, каде директорот е кадар на Беџети?“, запраша Меџити.
Тој обвини дека ваквите случаи се причина зошто „градот се дави во ѓубре“.
Внатрешни тензии во коалицијата „Вреди“
Во однос на локалните избори, Меџити соопшти дека се водат разговори и се чекаат резултати од анкети за да се изберат најдобрите кандидати.
Тој рече дека очекува зголемување на бројот на пратеници на коалицијата „Вреди“, која се соочува со внатрешни тензии откако Алијансата за Албанците на Арбен Таравари најави дека на локалните избори ќе настапи самостојно.
Овој потег беше остро критикуван од другите коалициски партнери, кои го обвинија Таравари за соработка со опозициската ДУИ и најавија трансформација на „Вреди“ во политичка партија – но без Алијансата.