Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе најде решение за исплата на заостанатите плати на вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците, кои пет месеци не примиле плата.
Изјавата следи по средбата со првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи, и дел од вработените во институцијата.
„Инспекторатот ќе премине под надлежност на Министерството за правда, со што ќе се овозможи редовна исплата на платите,“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека со усвојување на измените на законот за Инспекторатот за употреба на јазиците, кој веќе е во собраниска процедура, ќе се обезбеди правна усогласеност со Законот за организација на органите на државната управа.
„Очекуваме сите политички партии во Собранието да постапат рационално и конструктивно, имајќи предвид дека станува збор за Бадентерово прашање кое директно ја засега егзистенцијата на вработените и нивните семејства,“ рече Мицкоски.
Во следниот период, ќе се формира работна група за целосна реорганизација на Инспекторатот и неговите надлежности.
.