9.2 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНА

По пожарот во „Пулс“, политичарите го избегнуваат Кочани — експертите предупредуваат на политички последици

Два месеца по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади луѓе, политичките лидери сè уште го одминуваат градот. Според експертите, јавниот гнев, недовербата во институциите и барањата за одговорност може да се прелеат на локалните избори закажани за октомври.

„Трагедијата од Кочани ќе влијае најмногу врз владејачките партии, затоа што граѓаните најчесто ја поврзуваат состојбата во државата со оние на власт,“ изјави комуникологот Петар Арсовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Пожарот, кој избувна на 15 март, откри сериозни системски пропусти — објектот функционирал со фалсификувана дозвола, без противпожарни аларми и итни излези. Веднаш по настанот, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ненајавено ја посети Кочани, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се сретна со семејствата на жртвите, но не отпатува во градот.

„Одговорноста е споделена. Целиот политички спектар е вклучен во градењето на систем што дозволува вакви трагедии,“ вели аналитичарот Џелал Незири. „Сепак целата ситуација потоа беше прилично добро менаџирана од страна на владата и тоа можеби го амортизираше тој ефект кој би можел политички да биде негативен за владејачките партии. Но, од друга страна и опозицијата се покажа конструктивна до крај и не ја искористи трагедијата за да поентира политички или да излезат на протести со кои би се нарушил актуелниот рејтинг на владините партии“, вели Незири.

Досега, Обвинителството осомничи 68 лица и три правни субјекти. Сепак, ниту еден функционер не поднесе оставка, што ја зголеми фрустрацијата кај јавноста. Илјадници граѓани протестираа во Скопје и Кочани, барајќи одговорност и неселективна правда.

Според Арсовски, останува нејасно дали тоа незадоволство ќе се претвори во изборна казна или ќе се канализира во апатија. „Она што недостасува е визија како да спречиме вакви трагедии во иднина. Тоа ќе биде клучно за изборниот исход,“ додава тој.

Незири пак посочува дека трагедијата ги отвори и раните од претходни несреќи без судски епилог, како што се случаите на „Беса транс“, „Дурмо турс“ и пожарот во модуларната болница во Тетово. Тој очекува дека апатијата може да отвори простор за независни кандидати.

„Пред сѐ, за ДУИ кога тогаш беше на власт, но и за ВЛЕН кои управуваат со министерството за економија и имаат кадри во извршната власт кои се индиректно одговорни за тоа што се случи во Кочани“, вели Незири.

Терминот за локалните избори сè уште не е официјално утврден, но според најавите, ќе се одржат во октомври. Поголемите партии веќе најавија дека до крајот на мај ќе почнат да ги објавуваат кандидатите за градоначалници.

 

Related posts

СДСМ формира работни групи, Ковачевски: За поздравување е првиот чекор на Мицкоски

admin

Мицковски: СДСМ и ДУИ формираа антимакедонски фронт

admin

Ковачевски: САД, ЕУ и ние имаме заеднички интерес

admin

СОБРАНИЕТО ГО УКИНА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК ПРЕД ДА СТАПИ НА СИЛА

ninja

Косово во неизвесност: Дали Самоопределување ќе стигне до 49 мандат?

admin

Северна Македонија доби „заштитена соба“ која ќе помогне и во надзорот над тајните служби

admin