Семејствата и блиските на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно излегоа на улиците во рамки на протестниот „Марш за ангелите“, барајќи одговорност и независна истрага за трагедијата што го потресе градот.
Маршот започна во 16:05 часот – симболично време што, според организаторите, ја претставува задоцнетата реакција на институциите. Демонстрантите се движеа од градскиот парк кон полициската станица, обвинителството и судот, држејќи фотографии од загинатите и транспаренти со барања за правда.
„Со оваа покажуваме дека нема да молчиме. Молкот и трпението не доведоа до оваа трагедија,“ рече еден од родителите чие дете загина во пожарот. Тој апелираше обвинителите и судиите да постапуваат праведно и најави дека ќе се бара по една година затвор за секое загинато дете, како и дополнителна казна за повредените.
Родителите претходно одбија понуда за средба со премиерот Христијан Мицкоски во понеделник во Владата, наведувајќи дека средбата треба да се одржи во Кочани. „Не сакаме тајни средби. Кога ќе добиеме одговори, ќе бидеме смирени,“ изјави мајка чие дете починало во пожарот.
На протестот беа упатени и директни прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и до премиерот Мицкоски – кој дозволил да се случи трагедијата и кој ќе понесе одговорност.
Семејствата повторија дека ќе бараат правична судска постапка и дека, доколку не добијат правда дома, ќе се обратат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тие најавија соработка со домашни и странски правни експерти и адвокати.