Несогласувањата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса кулминираа во средата попладне за време на напната средба во Овалната соба, каде што Трамп го праша Рамафоса дали навистина се случува „геноцид над белците“ во Јужна Африка.
Средбата, на која присуствуваше и милијардерот Илон Маск, роден во Јужна Африка, се одржа во услови на зголемени тензии меѓу двете земји, откако САД минатата недела им доделија статус на бегалци на 59 белци од групата Африканери.
Во еден момент, Рамафоса одговори на прашање упатено до Трамп – што би го убедило дека во Јужна Африка не се случува геноцид врз белците.
„Ќе треба претседателот Трамп да ги слуша гласовите на Јужноафриканците, меѓу кои се и негови пријатели, како овие што се тука,“ изјави Рамафоса, кој на средбата ги доведе јужноафриканските голфери Ерни Елс и Ретиф Гусен, како и милијардерот Јохан Руперт. „Кога ќе разговараме на тивка маса, ќе треба тој да ги слуша. Јас нема повторно да го кажувам она што одамна го велам.“
Трамп одговори дека постојат „илјадници приказни“ и „документарци“ за ситуацијата во Јужна Африка, по што им нареди на соработниците да ги затемнат светлата во Овалната соба и да пуштат видео со наводи за насилство врз белците во земјата.
Агенцијата Ројтерс направи проверка на некои од тврдењата што ги изнесе Трамп во врска со наводниот прогон на белото малцинство во Јужна Африка. Трамп даде повеќе неточни и погрешно претставени информации за време на бурната средба со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во Белата куќа во средата.
Рамафоса се обиде да ги негира тврдењата, но често беше прекинуван од Трамп, кој ги повторуваше наводите. Трамп им нареди на своите соработници да пуштат видео составено претежно од стари снимки со запаливи говори на некои јужноафрикански политичари, што со години кружат по социјалните мрежи.
Најзначајни тврдења што се во спротивност со фактите:
1. Во Јужна Африка се случува геноцид над белите фармери.
Оваа теорија на заговор ја шират маргинални групи уште од крајот на апартхејдот во 1994 година, и таа е присутна на екстремно десничарски форуми низ светот. Јавно ја поддржува и сојузникот на Трамп, родениот во Јужна Африка Илон Маск.
Застапниците на оваа теорија ги наведуваат убиствата на бели фармери во руралните делови на земјата како доказ за организирана кампања на етничко чистење. Вината често се префрла врз владата, која наводно или ги охрабрува нападите или не презема ништо да ги спречи. Властите остро ги негираат овие тврдења.
Јужна Африка има една од највисоките стапки на убиства во светот – просечно 72 дневно, при популација од 60 милиони жители. Повеќето жртви се црнци.
Полицијата во 2024 година регистрирала 26.232 убиства во земјата, од кои 44 биле поврзани со фармерски заедници. Само осум од жртвите биле фармери.
Дури и податоците собрани од самите бели фармери не ја поддржуваат теоријата за геноцид. Здружението на африканерски фармери TLU-SA регистрирало 1.363 убиства на бели фармери од 1990 година, што претставува просек од 40 годишно – значително под 1% од вкупниот број убиства.
Високиот суд на провинцијата Западен Кејп годинава пресуди дека тврдењата за „геноцид над белците“ се „јасно измислени и нереални“.
2. Владата насилно одзема земјиште од бели фармери без компензација.
Владата има политика на поправка на историските неправди во сопственоста на земјиштето, наследени од времето на апартхејдот и колонијализмот. Но досега не е одземено ниту едно земјиште. Наместо тоа, властите се обидуваат да поттикнат доброволна продажба од страна на белите фармери.
Трите четвртини од приватното обработливо земјиште и понатаму се во сопственост на белците, кои сочинуваат под 8% од населението, додека само 4% е во сопственост на црнци – кои се околу 80%.
Во обид да го реши овој дисбаланс, Рамафоса во јануари потпиша закон кој дозволува одземање земја во јавен интерес, во исклучителни случаи, без надомест. Законот бара прво да се направи обид за договор со сопственикот и досега не е применет.
3. Песната „Убиј го бурот“ е повик на насилство врз белците.
Песната потекнува од времето на борбата против апартхејдот, кога земјата беше под контрола на африканерската националистичка елита. Во видеото што го прикажа Трамп, лидерот на левичарската партија ЕФФ, Џулиус Малема, ја пее песната.
Три судови во Јужна Африка пресудија дека оваа песна не претставува говор на омраза, туку историски револуционерен повик и не е буквален повик на убиство.
По средбата со Трамп, ЕФФ издаде соопштение дека песната „изразува желба за уривање на системот на бело малцинско владеење врз ресурсите“.
„Не знаевме дека ќе бидеме дел од театар за оправдување на измислен геноцид над белците во Јужна Африка,“ изјави портпаролот на партијата, Синаво Тамбо.
4. Видео со бели крстови покрај патот претставува „гробишта на убиени бели фармери“.
Видеото е снимано во септември 2020 година, за време на протест против убиства на фармери, откако две лица беа убиени на својата фарма. Крстовите беа симболични и не претставуваа вистински гробови. Организатор за јавниот сервис SABC тогаш изјави дека тие се поставени како претставување на сите убиени фармери низ годините.
5. Фотографија со телесни вреќи наводно прикажува погреб на бели фармери.
Фотографијата што ја покажа Трамп всушност е снимена во Гома, во Демократска Република Конго, и прикажува хуманитарци како закопуваат тела по насилни судири со бунтовници. Станува збор за снимка од Ројтерс од февруари годинава.
Сликата се појавила во блог за племенска нетрпеливост во Конго и Јужна Африка, без јасен опис, но со линк до оригиналното видео на YouTube, каде се наведува изворот. Трамп го покажа блогот пред новинарите заедно со печатени текстови кои, според него, „докажуваат“ убиства на бели во Јужна Африка.
6. Малема повикува на насилно преземање земјиште.
Во видеото што го прикажа Трамп, Малема во парламентот вели дека „луѓето ќе ја заземат земјата, без дозвола од претседателот“.
Некои узурпации на земјиште се случиле во изминатите години, најчесто од сиромашни луѓе кои немаат каде да живеат. Во некои случаи, тие биле и политички мотивирани. Земјата обично е необработена, а нема докази дека ЕФФ стои зад организирани узурпации.