24.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Врховизам и диктатура: Tешки зборови од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ

пред 60 минуСДСМ упати серија критики на тема врховизам до владејачката партија на 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ не е никакво продолжение на историското ВМРО. Ако нешто е ова ВМРО-ДПМНЕ, тоа е континуитет на врховизмот кој ја уништи македонската идеја.

Со вакви оценки СДСМ ја „честиташе“ 35 -годишнината од основањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која синоќа свечено беше одбележана во античкиот локалитет Хераклеја крај Битола.

Претседателот на партијата,  Христијан Мицкоски,  во синоќешното обраќање порача дека тој ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на заедништво.

„ВМРО-ДПМНЕ  е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и под притисоци, се бореше за својот идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние кои што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност“, рече Мицкоски.

Ги повика партиските функционери и членови да не дозволат надменост, агонија од моќ и корист да им го заматат погледот, и да докажат дека не се исти како оние кои владееле во минатото. Оцени дека државата е предмет на долготрајно уназадување и дека седумте години владеење на ДУИ и СДСМ оставиле длабоки рани.

„Македонија нема повеќе да биде земја на понижување  и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме да нѐ кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само нѐ потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори“, рече Мицкоски.

Не е кодошење туку патриотизам

Реагираше претседателот на СДСМ,  Венко Филипче,  кој пред една седмица  на меѓународна конференција во Атина  организирана од Институтот „Алексис Ципрас“ рече: „Моментално имаме  десничарска авторитарна Влада во нашата земја  која не сака да ја придвижи земјата напред…“.

Овој пат Филипче во објава на Фејсбук обвини и за „врховизам во начинот на владеење на Мицкоски“.

„Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера не е ‘кодошење’ туку патриотизам. ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти. Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое може еден Македонец да го направи“, напиша меѓудругото Филипче.

Маж во црно сако (Венко Филипче) стои пред микрофон на говорница, на која и зад која се гледа логото на СДСМ
Венко Филипче и СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не е никакво продолжение на историското ВМРО Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во сличен стил се огласи и  СДСМ.

„Историското ВМРО преку НОБ и АСНОМ е код на секој Македонец, а ова денешно ВМРО-ДПМНЕ е блед израз на апсолутното непознавање на македонската историја, манипулирање со чувствата на граѓаните и антипатриотска агенда која владее во ДПМНЕ (…) Мицкоски е врховистот во ВМРО-ДПМНЕ. Ова ДПМНЕ ја киднапира славната историја на ВМРО за своја лична корист и полнење на џебови“, се вели во партиското соопштение.

Дупките до Хераклеја и плажите во Дубаи

Терминот врховизам и врховисти се употребува за приврзаници на официјалната бугарска политика во однос на Македонија и македонското прашање, па на социјалните мрежи се коментираше „логиката“ врз која се изведени такви обвинувања, во време кога Владата укажува на штетноста од билатерализација на интегративниот процес, идентитетски условувања, историски ревизионизам,  негирање на македонскиот идентитет и јазик.

„Да не се прави разлика меѓу македонизам и врховизам, е како да не се прави разлика меѓу антифашизам и фашизам, социјализам и капитализам…“, гласи еден од коментарите.

Битката со соопштенија не заврши само со обвинувања за врховизам. Од СДСМ посочија обвинија дека Мицкоски немал ништо остварено освен продавање шарени лаги и дека ја направил Македонија понижена, наместо горда. Филипче се осврна и на резултатите во општината каде се одбележа денот на основањето на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ е четири години власт во Битола. Се прашувам, нели му беше непријатно на Мицкоски да се вози по дупките до Хераклеjа и џунглата околу локалитетот која со години не е средена“, праша претседателот на СДСМ.

„Кога ќе зборува Филипче, јавноста не слуша план, туку  ехо од Дубаи“, – се вели во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Човекот кој четири години беше дел од најрасипничката и најкорумпираната власт во историјата на Македонија, сега од удобната опозициска фотелја се осмели да зборува за работа! Па токму Филипче беше симбол за ‘ништо не работеше’ – освен кога се делеше тендер, договараше провизија или се распарчуваше здравството“, наведуваат од партијата.

Потсетуваат дека Мицкоски рекол оти досега исправал дупки и решавал проблеми што Филипче и неговите пајташи ги оставиле во државата – оставена во долгови, со уништени институции, со криминализирана администрација и со економија на колена.

„Работиме – и ќе работиме. А ти, Венко – одмори. Плажите во Дубаи повторно чекаат“,порачаа од владејачката партија. / DW

Related posts

Кастинг без тефтер, автономен буџет и мониторинг

admin

Трајко Славески нов гувернер: Политичар или чувар на македонската економија?

admin

Шефот на Антимонополската комисија на Турција: Алгоритмите тајно ги одредуваат цените – ние враќаме удар со Вештачка Интелигенција

admin

КУРТИ: ЗГОЛЕМЕНИ СЕ ЗАКАНИТЕ НА СРБИЈА ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА КОСОВО

ninja

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

admin

Самит ЕУ-З.Балкан во Тирана: Како да се поттикне економски развој?

admin