Од ДУИ го критикуваат предлог-законот за соодветна и правична застапеност – тврдат дека е централизирана алатка, дизајнирана за да ја заштити дискриминаторната статус-кво состојба.
Манипулира, ги продлабочува нееднаквостите во застапеноста и ги избегнува уставните обврски. Ова се критиките на опозицијата во албанскиот блок за Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, кој Владата го усвои завчера, но сѐ уште не се нашол пред пратениците.
Тој предлог следи откако Уставниот суд го укина балансерот – алатката која се користеше при вработувањето во јавната администрација, со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Премиерот го опиша како закон со кој се отвора ново поглавје на професионализам во јавниот сектор на државно и на локално ниво.
„Овој закон има една јасна цел: администрацијата да биде вистински сервис на сите граѓани, но изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор. За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард: знаење, интегритет и заслуги“, рече Христијан Мицкоски.
Потенцираше дека со законот се воспоставува баланс и се поставува темелот на професионална, транспарентна, модерна и мултиетнички силна администрација.
„Овој Предлог-закон го доставуваме на разгледување до Венецијанската комисија, затоа што сакаме највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности. Законот ќе биде поднесен до Собранието откако ќе го добиеме мислењето од Венецијанската комисија“, рече Мицкоски.
Гаранции за ефективна примена на законот
Со тоа, сите критики на адреса на предложениот текст од страна опозицискиот блок на Албанците, практично доаѓаат „на невидено“. Според реакцијата на Елми Азири од Европскиот фронт, евидентно е дека во опозициската коалиција не се задоволни што предлог-законот прво е испратен до Венецијанската комисија.
„Со доставувањето на овој ваш предлог- закон до Венецијанската комисија, има обид да се стави една железна одбрана на тој закон, за кога ќе стигне во Собранието, ние како пратеници да немаме можност да интервенираме, со образложение дека така кажала Венецијанската комисија, дека таа дала свое мислење и проценка“, рече Азири од собраниската говорница на вчерашната седница за пратенички прашања.
Тој реагираше дека со предлог-законот се прави и обид за одолговлекување на надзорот врз вработувањата и дека недостигаат гаранции за ефективна примена на законот.
„Има недостиг на гаранција за ефективна примена на законот, недостасува гаранција за етничката припадност на оние на кои им е наменет овој закон, недостасуваат заштитни механизми, обврзувачки механизми кои ќе ги натераат институциите на државата да го спроведат законот. Недостасуваат и санкции за неговото непочитување“, рече Азири.
„Откако ќе се добие сублимат и став од Венецијанската комисија ќе се најде пред пратениците“, одговори министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
„Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, согласно со Охридскиот рамковен договор. Од тоа нема бегање и тоа ќе се спроведува“, нагласи тој.
Министерот посочи дека координативно тело кое ќе биде составено од повеќе министри, во соработка со Агенцијата за администрација ќе го следи процесот на правична застапеност во јавната администрација, односно во сите институции. Тој го потсети Азири дека за укинување на балансерот се заложила претходната влада во која партиципираше ДУИ.
Меџити: На ДУИ ѝ одговораше нормативна конфузија
Критиките и прејудицирањето за предложеното законско решение почнаа веднаш откако Владата го усвои.
„’Европскиот фронт’ нема да го поддржи законот за правична застапеност бидејќи со него се регулира само злоупотребата што му се правеше на балансерот“, најави завчера Зијадин Села, пратеник и лидер на едно крило на Алијанса за Албанците (АА), кое е дел од тој фронт.
Тој обвини за недостиг на транспарентност во постапката за донесување на предлог-законот, кој според него имал две цели: едните да се фалат дека донеле закон за правична застапеност, а другите да добијат време додека да поминат локалните избори.
Вицепремиерот и еден од лидерите во владејачката коалиција ВЛЕН, Изет Меџити, потсети дека балансерот не бил закон, туку недостаток на закон.
Вицепремиерот и еден од лидерите во владејачката коалиција ВЛЕН, Изет Меџити: На ДУИ ѝ одговораше нормативна конфузијаФотографија: Ministerium für Umwelt und Raumplanung, Nordmazedonien
„Затоа беше укинат. Но, тие не можеа да донесат закон затоа што играа фудбал во канцелариите на министерствата. Тие не можеа да донесат закон затоа што беа посветени на купување на Соравии (…) Тие никогаш не биле заинтересирани за законски решенија за фер застапеност, бидејќи нормативната конфузија им дозволуваше да условуваат со вработување за гласови“, искоментира Меџити на Фејсбук.
ДУИ: Ова е институционална измама
Неговата критика уследи откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) оцени дека „предлог -законот претставува институционална измама: не е закон на сите граѓани на РСМ, туку централизирана алатка дизајнирана за да ја заштити дискриминаторната статус-кво состојба”.
Како аргумент за ваквата оценка, ДУИ се повика на јавно дистанцирање на членот на работната група, проф. д-р Мерсим Максути, пренесувајќи дека тој во издвоено мислење го оценил предлог-законот како скандалозен, неприменлив и противуставен, со отсуство на квоти за помалку застапените заедници, со слаби механизми за имплементација и потпирање на политичка волја, наместо на законски обврски.
„Тој е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата (…) Законот не гарантира никакви квоти за застапеност на етничките заедници, релативизирајќи го колективното право на застапеност преку нејасни и исклучувачки критериуми како ‘професионалност’ и ‘компетентност’, исто како пред 2001 година”, реагираше ДУИ.
Кратко памтење
Но пред две години токму ДУИ се залагала за „стручност и компетентност“, согласувајќи се дека е надмината потребата од примена на алатката балансер. Доказот за тоа стои во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, владин акт од јули 2023 година, донесен во мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ.
Во него, на страница 47 е наведено дека „се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’која во пракса предизвикува бројни злоупотреби“, и се објаснува дека општа цел е департизирана, професионална и стручна јавна администрација.
„Тоа е единствениот начин кој на граѓаните може да им гарантира побрзо, поквалитетно и поевтино остварување на нивните индивидуални права, како и заштита на јавниот интерес“, се наведува во Стратегијата.
Во неа се елаборира и дека „начелото на еднаков пристап до секое работно место, начелото на стручност и компетентност и начелото на родова еднаквост треба да се примарни и единствено применети во целиот процес на селекција, вработување и унапредување на сите нивоа во јавната администрација, а во фазата пред донесување на одлуката за избор секако треба да се води сметка и за начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците”.
„На овој начин, од една страна се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’, која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Со објективни критериуми и постапки на отворен натпревар за избор на најдобриот кандидат, спроведени од професионалци во администрацијата кои поседуваат висок степен на стручност и интегритет, ќе се направи брана од политичкото влијание“, се вели во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, донесена во време кога ДУИ беше владејачка партија. /DW