Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, се соочува со шест активни судски постапки, од кои пет се водат во кривичниот, а една во граѓанскиот сектор на Основниот суд во Стругa.
Во четири предмети, Мерко е обвинет за „Несовесно вршење на службената должност“ според член 353 и 353в од Кривичниот законик. Три од овие случаи се во фаза на расправа, закажани за 19 јуни и 7 јули, додека четвртиот е во завршна фаза и се очекува објава на пресудата. Случаите се однесуваат на незаконски именувања на директори во основни и средни училишта.
Дополнително, Мерко на 16 септември треба да се појави пред суд по обвинение дека со поставување на спомен-плоча на влезот од градот предизвикал етничка омраза меѓу жителите на Струга. Обвинителството наведува прекршување на член 27 од Законот за споменици и спомен-обележја.
Мерко е и тужен во граѓанска постапка од страна на раководителот на секторот за урбанизам во општината, Ресул Хани, кој го обвинува за мобинг и нарушување на работната атмосфера. Предметот е во фаза на подготвителна постапка.
Овие постапки доаѓаат откако на 20 јуни 2023 година САД го ставија Мерко на „црната листа“ заради, како што беше наведено, значителна вмешаност во корупција. По тој потег, институциите започнаа внатрешни проверки. Специјален увид во Обвинителството во Струга откри дека против Мерко постоеле најмалку 30 предмети, од кои половината се застарени поради институционален молк и недејствување.
Државната комисија за спречување на корупцијата тогаш предупреди дека Мерко со години бил заштитен од речиси сите државни институции, вклучително и Судскиот совет, обвинителството, Министерството за внатрешни работи и самата Влада.
.