Европската комисија предложи денес Украина да стане дел од ЕУ роаминг-зоната од јануари 2026 година, што ќе ѝ овозможи на украинските граѓани да вршат повици, испраќаат пораки и користат мобилни податоци во сите 27 земји-членки на ЕУ без дополнителни трошоци. Истиот режим ќе важи и за европските граѓани кои патуваат во Украина.
„Сакаме украинските граѓани да останат поврзани со своите најблиски низ ЕУ, но и во својата татковина. Затоа предлагаме Украина да стане дел од нашето роаминг-семејство,“ изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Уште еднаш ја потврдуваме нашата цврста поддршка за Украина и нејзините граѓани.“
Ова ќе биде првпат ЕУ да примени третман на внатрешниот пазар во областа на телекомуникациите за држава која не е членка.
„Денес преземаме важен чекор кон приклучувањето на Украина кон ЕУ роаминг-зоната. За Украинците ширум Европа, поврзаноста со своите најблиски значи и момент на олеснување. Ние сме со Украина на секој чекор,“ – Хена Виркюнен, извршна потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија.
Според предлогот, патниците од Украина што ќе ја посетат ЕУ, како и европските граѓани во Украина, нема да плаќаат дополнителни трошоци за роаминг. Повиците, СМС-пораките и мобилниот интернет ќе се наплатуваат по истите цени како дома. Корисниците ќе имаат иста брзина и квалитет на мрежа, а пристапот до итни служби ќе биде бесплатен.
Сегашниот доброволен договор меѓу украинските и европските телекомуникациски оператори ќе биде продолжен до 31 декември 2025 година, за да се осигури непречено премостување до целосното приклучување на Украина кон ЕУ роаминг-зоната.
Комисијата го достави денешниот предлог до Советот на ЕУ за одобрување. Доколку биде усвоен, Украина ќе се приклучи на режимот „роаминг како дома“ од 1 јануари 2026 година, период во кој операторите од ЕУ и Украина ќе имаат време технички да ги имплементираат правилата.
Од 2017 година, правилата за роаминг во ЕУ им овозможуваат на граѓаните да ги користат своите мобилни услуги низ Унијата по истите трошоци како дома. Украина го изрази својот интерес за приклучување во јуни 2022 година, а претседателката фон дер Лајен ја најави иницијативата во својот говор за состојбата на Унијата истата година.
Во април 2022 година, украински и европски оператори се договорија за доброволни мерки со кои над 4 милиони украински бегалци добија пристап до достапна мобилна поврзаност, вклучително и бесплатен роаминг и поевтини меѓународни повици.
Во јуни 2025 година, Украина ја усогласи својата регулатива за роаминг со таа на ЕУ – клучен чекор кон приклучување во ЕУ роаминг-зоната. По извршената оценка, Комисијата утврди дека земјата ги исполнува потребните услови, што беше основа за денешниот предлог.