Бугарија би можела да стане 21-та членка на еврозоната на 1 јануари 2026 година, откако Европската комисија во средата соопшти дека земјата ги исполнува условите за воведување на единствената валута.
„Бугарија денеска е чекор поблиску до воведувањето на еврото“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека земјата ќе го „заземе своето заслужено место во обликувањето на клучните одлуки на еврозоната“.
Во заедничка анализа со Европската централна банка (ЕЦБ), Комисијата оцени дека економијата на Бугарија е доволно подготвена и дека земјата ги исполнила конвергенциските критериуми – вклучително и стабилна инфлација, уредни јавни финансии и стабилен девизен курс.
Според Комисијата, инфлацијата во Бугарија во 2024 година изнесувала просечно 2,7 отсто – под референтната вредност од 3,3 отсто. Според правилата на ЕУ, просечната инфлација во земјата-кандидат не смее да надмине повеќе од 1,5 процентни поени над просекот на трите земји од еврозоната со најниска инфлација.
Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, оцени дека бугарските власти покажале „значителен напор“ во спроведувањето на реформите. Земјата се обидуваше да го воведе еврото и претходно, но беше попречена од високата инфлација.
Бугарскиот лев е веќе вклучен во Европскиот механизам за девизни курсеви (ERM II) од 2020 година, што е предуслов за преминување на еврото.
Бугарија, со околу 6,4 милиони жители, би станала најсиромашната членка на еврозоната. Последниот збор ќе го имаат министрите за финансии на земјите од ЕУ, кои треба да ја потврдат одлуката – што се очекува да се случи во јули.