Косовскиот премиер Албин Курти изрази силна поддршка за изградбата на патната врска Тетово–Призрен, на средбата со заменик-министерката за транспорт и врски на Северна Македонија, Калтрина Зеколи-Шаќири, што се одржа во рамки на вториот состанок на работната група за овој проект во Косово.
„Обезбедувањето на проектната задача во рекордно време е најголемиот конкретен чекор кон реализација на оваа сообраќајна врска. Поддршката од премиерот и институциите е доказ за важноста што ја има оваа врска за двете земји“, изјави Зеколи-Шаќири по средбата.
Проектот за изградба на патот кој би ја поврзал Тетово во Северна Македонија со Призрен во Косово се смета за значаен регионални инфраструктурни проекти меѓу двете земји, но не е придвижен кон реализација иако неколку пати беше инаугуриран. Идејата за оваа врска датира со децении, но во последните години добива институционална тежина и конкретни активности.
Согласно владините најави, новата патна врска се очекува да го намали времето на патување меѓу Тетово и Призрен, со потенцијал за зголемен трговски промет, туризмот и мобилноста на населението.
Работната група составена од претставници на двете влади работи на технички и плански аспекти на трасата, со амбиција да се пристапи кон меѓународно финансирање и обезбедување средства за изградба.
Зеколи-Шаќири оцени дека патот ќе има не само економско, туку и стратешко значење за поврзувањето на регионот и зајакнување на соработката меѓу двете земји.