Над 216.000 лица со државјанство на Република Северна Македонија добиле бугарски пасоши во периодот од 1 јануари 2007 до 17 јуни 2025 година, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов, повикувајќи се на официјални податоци.
Според Министерството, вкупно 216.594 бугарски пасоши се издадени на лица кои се заведени и како државјани на Северна Македонија. Митов појасни дека издавањето на документите произлегува од стекнувањето на бугарско државјанство од страна на апликантите.
„Издавањето пасош не е произволен административен чин, туку правна последица од стекнато државјанство“, рече Митов, додавајќи дека сите кои станале бугарски државјани преку законски утврдена постапка имаат право да добијат лични документи.
Според бугарските закони, пасош може да се издаде само на лице кое има бугарско државјанство. Правото на пасош е основно право загарантирано со закон и може да биде ограничено само во строго утврдени случаи. Правната основа се наоѓа во член 4, член 13 став 1 точка 2, член 33 став 1 и член 35 став 1 од Законот за бугарски лични документи.