Муслиманските верници во Северна Македонија и ширум светот денеска го одбележуваат Курбан Бајрам, вториот по големина исламски празник по Рамазан Бајрам, со утрински молитви, принесување жртви и пораки за солидарност.
Празникот започнува со Бајрам-намаз – утринска молитва што симболизира благодарност и молба за милост од Алах. Главна одлика на празникот е курбанот – жртвување овен или телиња како чин на побожност и приближување кон Бога. Месото традиционално се дели на семејството, соседите и на луѓето во потреба.
Курбан Бајрам трае три дена и се одбележува 70 дена по Рамазан Бајрам, симболизирајќи ја завршницата на објавувањето на Куранот и исполнувањето на аџилакот – петтиот столб на исламот.
Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реис-ул-улема Шаќир Фетаи, во своето празнично обраќање порача дека Курбан Бајрам е празник на божествена инспирација, љубов и посветеност кон Семоќниот Алах. „Големината на празникот се огледа во фактот што се заокружува објавувањето на Куранот, се извршува аџилакот, и се принесува жртва заради Семоќниот“, изјави Фетаи.
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова упати честитка до ИВЗ и до сите муслимански верници, посакувајќи празничните денови да ги поминат во здравје, радост и љубов.
Премиерот Христијан Мицкоски, исто така, им го честиташе празникот на верниците, нагласувајќи дека Курбан Бајрам потсетува на вистинските вредности – хуманост, солидарност и заедништво. „Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава. Потребно е заемно почитување и градење држава на среќни и задоволни граѓани“, рече тој.
Пазари преполни, но побарувачката ослабена
Во пресрет на празникот, импровизираните пазари во Тетово беа преполни, иако продавачите се пожалија на намалена побарувачка. Цената на овен се движи од 250 евра нагоре, додека овците чинат околу 200 евра.
„Оваа година е послаба од минатата. Нема печалбари, луѓето повеќе донираат пари преку здруженија, наместо да купуваат директно од пазар“, вели еден продавач. Некои изразија сомнеж дека хуманитарните организации не ги купуваат курбаните од пазарот, што ја намалува продажбата.
„Оние што можат – купуваат. На некои им е скапо, но цените се слични како лани“, вели еден купувач. Други додаваат дека курбанот сè повеќе се гледа како симболична обврска, отколку како ритуал што се изведува дома.
Слаба побарувачка и за баклава
Слаткарниците, исто така, забележуваат опаѓање на интересот за традиционалните слатки. „Интересот е слаб, луѓето почнаа дома да прават. Но ние имаме баклава, шеќерпаре, алиѓина – се што ќе побараат“, вели еден продавач.
Цената на една тепсија баклава изнесува меѓу 2.000 и 2.500 денари, додека едно парче чини од 20 до 40 денари.