Европската унија преку Иницијативата за гаранции „Западен Балкан за отпорност на МСП“ (Western Balkans Guarantee 4 SME Resilience), обезбеди дополнителна финансиска поддршка за малите и средни претпријатија (МСП) во регионот, со цел зајакнување на нивната конкурентност, отворање нови работни места и олеснување на пристапот до поволни кредити.
Најновите договори за гаранции, во вредност од 4,8 милиони евра, се последниот сегмент од вкупно 60 милиони евра обезбедени од ЕУ преку Европскиот инвестициски фонд (EIF), членка на Групацијата на Европската инвестициска банка (EIB). Согласијата се потпишани со Sparkasse Bank AD Скопје, Sparkasse Bank BiH и Erste Bank Подгорица, додека координацијата ќе ја врши Erste & Steiermärkische Bank од Хрватска.
Според планот, преку овие гаранции, локалните банки ќе може да одобрат нови кредитни портфолија во вкупен износ од 60 милиони евра, со поволни услови за финансирање на мали и средни компании. Во Северна Македонија, се очекува да се мобилизираат над 20 милиони евра за околу 125 компании. Во Босна и Херцеговина, ќе се распределат 25 милиони евра за 150 компании, додека во Црна Гора се планирани 15 милиони евра за поддршка на 100 фирми. Со ова, според проценките, ќе се сочуваат околу 5.750 работни места.
„Овие гаранции ќе им овозможат на нашите партнерски банки да понудат кредити со поволни услови – пониски каматни стапки, помали барања за обезбедување и подолги рокови на отплата. Тоа ќе им помогне на компаниите да ги прошират операциите и да се прилагодат на пазарните предизвици, со што ќе се поттикне отпорна и конкурентна економија“, изјави Маријут Фалкштедт, извршна директорка на EIF.
Европската комесарка за проширување Марта Кос додаде дека оваа иницијатива е дел од пошироката рамка на ЕУ за економска трансформација на регионот.
„Овие нови гаранции се уште еден значаен чекор кон продлабочување на партнерството меѓу ЕУ и Западен Балкан. Со поддршка од 4,8 милиони евра, ќе се ослободат до 60 милиони евра поволни кредити за малите и средните бизниси. Тоа директно ги поддржува целите на Фондот за реформи и раст, поттикнувајќи вработување, раст и конкурентност“, рече Кос.
Кристоф Шефбек, извршен директор на Erste & Steiermärkische Bank, изјави дека искуството на банката во координирање вакви регионални проекти ќе биде клучно за успешна имплементација.
„Веруваме дека малите и средни претпријатија се двигатели на економскиот развој. Преку вакви гаранциски шеми, создаваат се посилни и поотпорни локални економии“, рече Шефбек.
Од почетокот на иницијативата во ноември 2022 година, EIF и Европската комисија потпишале договори со 18 финансиски институции низ Западен Балкан. Со тоа се овозможени кредити со поволни услови во вкупна вредност од 886 милиони евра, кои се очекува да поддржат 15.000 компании и да обезбедат 140.000 работни места во регионот.
Позадина на програмата
Европскиот инвестициски фонд (EIF) е дел од Групацијата на Европската инвестициска банка и е главен инструмент на ЕУ за олеснување на пристапот до финансии за малите и средни претпријатија. Преку дизајнирање и спроведување на инструменти за капитал и задолжување, EIF го поддржува претприемништвото, иновациите, дигиталната и зелена транзиција, како и вработувањето. Во 2024 година, Групацијата на ЕИБ финансираше над 900 проекти во вредност од речиси 89 милијарди евра, од кои 60% придонесуваат за климатски цели. Половина од средствата на ЕИБ се насочени кон кохезионите региони во ЕУ, каде приходот по глава на жител е под просекот на Унијата.