Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека Министерството и Јавното обвинителство постапуваат по секоја пријава, без оглед на тоа кого се однесува, вклучително и за наводни закани по живот кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тој додаде дека контрола врз нелегалната градба е обврска на општините и треба да се спроведува низ целиот мандат, а не само пред избори.
„Добро е секој да си ја работи работата за која зема плата. Општините имаат обврска да контролираат што се гради и дали тоа е дозволено со закон. Таа работа треба да се врши континуирано, не само во последната година од мандатот,“ рече Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тошковски истакна дека работата на градоначалниците, вклучително и на Арсовска, е да постапуваат согласно Законот за градење во рамките на нивната надлежност, додека МВР постапува по наредби на судовите или обвинителството.
„Ако има сериозни закани што се пријавени во МВР и се исполнети условите според закон, ќе реагираме веднаш. Постојат постапки за тоа како се утврдува сериозноста на заканите и како реагираат институциите,“ рече Тошковски.
Тој додаде дека работата на институциите не треба да се претвори во, како што го нарече, „циркус пред избори“.
„Ова што го гледаме деновиве е парада пред локални избори. Да беше ова покренато во првата година од мандатот, ќе беше за поздрав. Народот знае да препознае кога нешто е искрено и кога е за шоу,“ рече Тошковски.
Коментарите доаѓаат откако премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Арсовска разменуваа јавни пораки околу легализацијата на дивоградби во општина Чаир. Мицкоски побара Обвинителството да постапи по поднесените докази, а Арсовска го обвини премиерот дека дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира објекти, додавајќи дека нема да се повлече.