Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека членството на Северна Македонија во Европската унија претставува можност за национално обединување и подобра иднина, особено за младите.
„Бенефитот од влезот во Европа е многустран – признание на идентитетот, економски напредок, фер судство, повисоки плати, подобри услови за живот“, рече Филипче на младинска трибина во Струмица. „Но најважно – тоа е начин за обединување на сите Македонци, во и надвор од земјата.“
Филипче нагласи дека европската интеграција не е политичка апстракција, туку предуслов за задржување на младите во земјата. „Ако млад човек види дека државата му нуди фер систем, ќе остане овде. Ако не сториме ништо, ќе изгубиме уште илјадници талентирани млади“, рече тој.
Лидерот на СДСМ ја обвини актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека за само една година нанела „штета во сите општествени сфери“, вклучувајќи ја економијата, земјоделството и здравството.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја урнисаа економијата, дозволија енормен раст на цените, платите стагнираат, субвенциите во земјоделството се намалени, здравството е во колапс, а државата е задолжена со нови седум милијарди евра – долг што ќе го враќаат младите генерации“, рече Филипче.
Тој повика на „враќање на државата на вистинскиот европски пат“, оценувајќи дека влезот во ЕУ ќе донесе стабилност и признание.
„Тоа е признание за нашиот идентитет. Тоа е начин на кој ќе се живее поквалитетно. И тоа е конечно обединување на сите Македонци“, рече Филипче.
СДСМ, како што додаде, останува посветен на вредностите на АСНОМ и Илинден, со визија за модерна, европска Македонија.