Црна Гора во саботата ѝ го предаде Домот на културата „Јосип Марковиќ“ во Тиват на хрватските здруженија, во потег што се смета за првиот конкретен чекор во решавањето на отворените прашања со соседна Хрватска.
Објектот, лоциран во населбата Дoња Ластва, ќе го користат Хрватскиот национален совет на Црна Гора и невладината организација „Хрватска кронос заедница Дукс Кроаторум“.
По потпишувањето на договорот, министрите за надворешни работи на двете земји, Гордан Грлиќ-Радман и Филип Ибрахимовиќ, ги отфрлија шпекулациите дека објектот ќе добие екстериторијален статус.
„Во договорот е прецизирано дека објектот ќе го користат хрватските здруженија во согласност со законите на Црна Гора. Ова не е дипломатско-конзуларно претставништво за да има екстериторијален статус“, изјави Грлиќ-Радман.
Министерот Ибрахимовиќ оцени дека предавањето на Домот на културата претставува „добар и позитивен гест што треба така и да се гледа“.
И покрај овој потег, неколку спорни прашања и понатаму ги оптоваруваат односите меѓу Подгорица и Загреб.
Едно од нив е името на градскиот базен во Котор. Локалниот парламент во 2021 година одлучи базенот да го именува по поранешниот југословенски ватерполист Зоран „Џими“ Гопчевиќ, кој освои сребро на Европското првенство во 1977 година и бронза на Светското првенство во 1978. Гопчевиќ почина ненадејно во 2000 година.
Хрватска ја осуди одлуката, тврдејќи дека Гопчевиќ бил чувар во воениот логор во Морин.
Неразрешен останува и статусот на полуостровот Превлака – ненаселено подрачје кај влезот во Боката Которска. Според привремениот договор, Хрватска го контролира копнениот дел и морскиот појас од околу половина километар, додека водите блиску до Игало сè уште се сметаат за „ничие море“ – статус кој останува непроменет и денес.
Двете земји сè уште немаат постигнато трајно решение за ова чувствително прашање, и покрај распадот на Југославија пред повеќе од две децении.