Знаеме каде имаш гратис стан, му одговори Данела Арсовска на претставникот на ВЛЕН, кој изнесе наводи дека таа замижува пред дивоградбите на нејзините политички партнери.
Прикажувајќи фотографија од повеќекатен објект од голем габарит изграден во Општина Сарај, ВЛЕН побара повеќе одговори од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„На кого му припаѓа објектот, на какво земјиште е изграден – на државно или приватно, дали му припаѓа на нејзиниот деловен партнер и дали е формално регистриран како сопственост на некој друг? -прашаа од ВЛЕН.
Нивната реакција следи по обвинувањата од Арсовска за утврдени 150 дивоградби во Чаир, каде градоначалник е кадар на ВЛЕН, а за кои било известувано во изминатите 3 години.
Обвинителството вчера потврди дека по допрен глас се вршат проверки во општина Чаир.
„Се преземаат дејствија на проверки, обезбедена е обемна писмена документација и тоа како од општина Чаир, така и од Министерството за транспорт и врски, од Државниот управен инспекторат, но и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Истовремено, во текот на оваа предистражна постапка е преземено и дејствие на испитување на повеќе лица кои даваат потребни известувања, така што беа испитани поголем број службени лице од општина Чаир, како и дел од барателите на легализација на бесправно изградените објекти на територијата на општина Чаир, со тоа што овој процес на обезбедување на вербални докази се уште е во тек“, соопштија од Обвинителството.
Оттаму објаснуваат дека по анализа на севкупниот материјален и вербален доказен материјал чие обезбедување во овој предмет е во финална фаза, ќе следи донесување и на соодветна јавнообвинителска одлука.
Објавување на сите локации со дивоградби
Од ВЛЕН бараат Арсовска да одговори дали ќе зборува за дивоградбите и урбаната империја на нејзините пријатели од ДУИ.
„Дали овој објект постои во урбанистичките планови? Дали Деталниот урбанистички план (ДУП) предвидува таков објект на оваа парцела? Ако не, од кого и кога е издадена дозволата за отстапување од планот? Дали сте во служба и корисник на истиот објект? Дали Градежниот инспекторат издал решение за уривање или забрана? Ако не, зошто бројните жалби од локалните жители останале неодговорени? Дали ќе барате кранови и за овие случаи, или ќе замижувате затоа што тие им припаѓаат на вашите политички партнери?“, праша Мухамед Елмази од ВЛЕН.
Од ВЛЕН велат дека ќе инсистираат на итна акција од сите градежни инспекциски служби, како и од Финансиската полиција за откривање на скриен имот на политичарите на ДУИ. Против Арсовска ќе покренат кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал и ќе бараат објавување на сите локации во Скопје каде што компании и поединци од ДУИ градат, граделе и поседуваат објекти без дозволи.
Знам каде имаш гратис стан
Арсовска преку реакција на Фејсбук му одговори лично на Елмази. Таа го потсетува Елмази дека бил член на Советот на Град Скопје во тековниот мандат и бил истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, а потоа се придружил на ВЛЕН за да го постават директор на АД НОМАГАС.
„Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН? Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш гратис стан и живееш во истиот. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во Јавното обвинителство, бидејќи империјата на твојата урбана мафија ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа!“, напиша Арсовска.
Од Сарај тврдат дека се е законски
Со реакција се огласија и од Општината Сарај, нарекувајќи ги наводите од ВЛЕН клевети, манипулации и обиди за измама на јавноста. Тврдат дека посочениот објект кој е предмет на етикетирање, бил изграден во целосна согласност со сите законски процедури, на транспарентен начин и со целосно исполнување на даночните и законските обврски кон државните институции.
„Објектот се наоѓа на локација со одобрен урбанистички план од 28.9.2010 година. Овој план ги има поминато сите фази и соодветни одобренија од надлежните институции, вклучително и од Министерството за транспорт и врски. Планот е целосно усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022. Сите постапки по издавањето на градежната дозвола се спроведени во согласност со Законот за градење, со целосно почитување на важечката законска регулатива. Дополнително, државните институции неколку пати имаат спроведено контроли поврзани со градбите во нашата општина, при што не е констатирана ниту една неправилност, вклучително и за предметниот објект”, се вели во соопштението од Општината Сарај. /DW