Новинарот и аналитичар Џелал Незири изјави во дебатната емисија „Отворено“ дека за првпат се водат отворени воени дејствија помеѓу Израел и Иран, што, според него, претставува пресвртна точка во односите меѓу двете држави.
„Ова е првпат на вакво ниво да се случуваат директни воени судири помеѓу Израел и Иран. Досега тие имаа индиректен конфликт, но ова е нова фаза,“ рече Незири. Тој додаде дека дилемата на Западот останува: дали да се стреми кон мир со Иран кој веќе поседува нуклеарно оружје или да се преземе воена акција во моментот кога Иран го развива својот нуклеарен капацитет.
Незири посочи дека израелскиот одговор бил очекуван, и истакна дека Израел првпат претрпува значителна штета од директни ирански напади. „Железната купола која функционираше беспрекорно во претходни конфликти, овојпат не беше доволна – има материјална штета и човечки жртви,“ додаде тој.
Ивана Јордановска, докторант по меѓународни односи на Универзитетот на Јужна Каролина, оцени дека е малку веројатно конфликтот да ескалира во поголема војна. „Иран и Израел немаат силна поддршка од меѓународната заедница. НАТО повикува на деескалација, а и реториката од Вашингтон не оди во насока на проширување на конфликтот,“ рече Јордановска.
Според неа, американската политика останува фокусирана на поддршка за сојузниците, без директно вклучување во воени операции. „Нема политичка волја, ниту геополитички интерес за нова инвазија. САД ја поддржуваат израелската позиција, но нема индиции за поширока воена ангажираност,“ изјави таа.
Новинарот Дејан Србиновски оцени дека последните настани се кулминација на нападот на Хамас врз Израел и предупреди дека Израел може да излезе како доминантна сила во регионот. „Израел сега војува на повеќе фронтови – со Хамас, Хезболах и од неодамна со Иран. Со поддршка од САД, Израел би можел да се наметне како регионален лидер,“ рече тој.
Србиновски додаде дека е веројатно нападите да имаат ограничен карактер и да водат кон дипломатски притисок врз Техеран за обновување на разговорите околу нуклеарниот договор, кој претходно беше напуштен од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
„И покрај долготрајните санкции, Иран успеа да ја одржи економијата релативно стабилна,“ заклучи Србиновски.