Северна Македонија се најде во центарот на контроверзија околу извештајот на Европскиот парламент за нејзиниот напредок кон ЕУ, по обвинувања дека нејзината влада извршила несоодветно влијание врз процесот, пишува Ѓорѓи Готев за Euractiv.
Во својата анализа, Готев наведува дека скандалот – кој не вклучува лична корист, туку суптилно влијание од страна на трета држава – може да има сериозни последици врз кредибилитетот на ЕП и иднината на европското проширување.
Во фокусот на критиките се наоѓа австрискиот европратеник Томас Вајц од Зелените, кој е известувач за Северна Македонија. Готев објави дека Вајц се соочува со обвинувања за координација со македонските власти при изработка на извештајот, селективен пристап кон соговорници и непочитување на обврската за неутралност.
Според податоци од Регистарот за транспарентност на ЕП, Вајц одржал најмалку 31 средба со македонски претставници за шест месеци, додека имал само една со бугарски функционери, што предизвика сомнежи за пристрасност. Над 40 амандмани, кои се однесуваат на говор на омраза и дискриминација кон бугарската заедница во Северна Македонија, биле игнорирани, пренесува Euractiv.
Готев пишува дека транспарентноста исто така била нарушена. Вајц накнадно пријавил 26 средби откако новинари и НВО укажаа на пропусти во регистарот, што доведе до официјални жалби од други европратеници до претседателката на ЕП, Роберта Мецола.
„Моментот на ретроактивната пријава и селективната транспарентност на Вајц отвораат сомнежи за обид за прикривање,“ наведува Готев.
Дополнително, според Euractiv, премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски јавно изнел детали од извештајот пред неговото финализирање, што укажува на тоа дека владата во Скопје имала пристап до доверливи содржини. Вајц признал дека македонските претставници ги виделе компромисните амандмани, но негирал дека биле направени измени според нивни барања.
Во мај, делегација од македонски пратеници посетила Брисел за време на финализацијата на извештајот. Готев оценува дека времето и природата на овие средби, кои вклучувале и ручек со Вајц, создаваат впечаток на паралелни преговори надвор од формалната процедура на ЕП. Бугарски претставници, од друга страна, не добиле таков пристап.
„Недостатокот на консултации со граѓани кои се идентификуваат како Бугари во Северна Македонија и отфрлањето на сите нивни амандмани укажуваат на систематско исклучување,“ наведува Готев.
Euractiv исто така посочува дека Вајц, во интервју за бугарската bTV, погрешно изјавил дека извештајот не содржи признавање на македонскиот јазик – тврдење што било побиено од документираниот текст.
„Овој извештај може да ја загрози рамнотежата утврдена во 2022 година за проширување на ЕУ,“ предупредува Готев, додавајќи дека документот ги фаворизира позициите на Скопје, а неутрални формулации биле систематски отфрлени.
Народното собрание на Бугарија едногласно го осуди извештајот како „небалансиран“ и побара отстранување на Вајц од функцијата известувач. Бугарските европратеници повикаа ЕП да го одложи гласањето и да покрене формална етичка истрага.
„Продолжувањето на овој извештај би пратило порака дека странско лобирање може да влијае врз европската политика на ист начин како што тоа беше случај во скандалите со Катар или Huawei,“ заклучува Готев во Euractiv.