Косовскиот адвокат Арианит Коци во четвртокот изведе необичен протест пред Собранието на Косово, доведувајќи четири магариња во дворот на законодавниот дом, во обид да го симболизира, како што рече, инаетот и нефункционалноста на политичките лидери.
Протестот доаѓа во услови на продолжена институционална криза – парламентот не успеа да се конституира ниту по 41 обид од одржувањето на изборите во февруари.
„Овие магариња се симбол. Тие ги претставуваат оние што не сакаат да се договорат. Не се движеа – како и нашите политичари,“ изјави Коци за новинарите.
Коци веќе неколку дена протестира пред Собранието, но овојпат предизвика поголемо внимание со својата симболична порака. Полицијата му дозволи кратко време да остане со животните, пред да побара нивно отстранување.
Косово, каде владеат длабоки политички поделби, останува без функционален парламент со месеци, што предизвикува загриженост кај меѓународната заедница и граѓаните. Претседателката Вјоса Османи започна нов круг консултации со партиските лидери во обид да ја деблокира ситуацијата.
Се очекува следниот обид за конституирање да се одржи во следните 48 часа.