Израел и меѓународните посредници очекуваат официјален одговор од Хамас во петок во врска со најновиот предлог за примирје и ослободување на заложници во Појасот Газа, додека американскиот претседател Доналд Трамп наводно понудил лична гаранција дека ќе остане посветен на завршување на војната што трае од октомври 2023 година.
Израел, според израелски и американски извори, е под силен притисок од Вашингтон да постигне договор пред посетата на премиерот Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа, закажана за следната недела.
Извори блиски до преговорите наведуваат дека страните покажале флексибилност во повеќето точки, но останува нерешено прашањето за крајот на војната. Израел инсистира да си го задржи правото да ја обнови офанзивата против Хамас, додека милитантната група бара траен прекин на огнот.
Според извештај на израелската телевизија Канал 12, Трамп изразил подготвеност да вети дека „преговорите за условите за завршување на војната ќе продолжат и по привременото примирје, и дека ќе стори сѐ што е во негова моќ за да им помогне на страните да постигнат договор за траен прекин на војната“.
Според извештај објавен во четврток, Трамп се согласил да му испрати порака на Хамас дека, доколку ја прифати таканаречената „Виткоф рамка“ – која предвидува ослободување на 10 живи заложници во две фази и 18 тела во три фази во период од 60 дена – САД ќе гарантираат продолжување на напорите за постигнување траен договор.
Предлогот, според медиумски извештаи, вклучува ветување од посредниците дека двете страни нема да ја обноват борбата додека траат преговорите, иако Израел не се обврзал дека нема да ја продолжи офанзивата ако разговорите пропаднат.
Хамас соопшти во петок рано наутро дека го разгледува предлогот во консултација со други палестински фракции, и дека официјален одговор ќе биде предаден на посредниците по завршување на разговорите. Претходно, медиуми блиски до Хамас објавија дека групата дала „позитивен одговор“.
Воен израелски функционер изјави за Канал 12 дека, доколку Хамас одговори позитивно, договорот може да биде постигнат веќе следната недела. Во тој случај, израелска преговарачка делегација е подготвена веднаш да отпатува во Доха, Катар, за да ги финализира останатите прашања, вклучително и евентуалното повлекување на израелската армија од Газа за време на примирјето.
Прелиминарниот предлог предвидува пет фази на ослободување на заложници – живи и мртви: осум живи на првиот ден, пет тела на седмиот ден, пет тела на 30-тиот ден, две живи лица на 50-тиот ден и осум тела на последниот ден. Израел проценува дека во Газа се уште се држат 50 заложници, од кои најмалку 20 се живи.
Во изминатите договори, Хамас организираше јавни прослави при предавањето на заложници, што предизвика остри реакции од Израел, САД и Обединетите нации. Овојпат, според извештаи, Хамас се согласил да не одржува церемонии.
Како дел од договорот, се очекува Израел да ослободи палестински безбедносни затвореници и да овозможи зголемување на хуманитарната помош за Газа.
Израелскиот премиер Нетанјаху синоќа одржал состанок со мал круг министри за да ги разгледа условите. Целосниот безбедносен кабинет треба да гласа за договорот во сабота навечер, пред заминувањето на Нетанјаху во Вашингтон.
Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, изјави во четврток дека се надева оти примирјето и договорот за заложниците се „речиси готови“, но предупреди дека крајната одлука е во рацете на Хамас.
„Да се надеваме дека ќе сфатат дека е време ова да заврши… Причината поради која ова не заврши досега е затоа што Хамас не сака да се откаже од заложниците,“ изјави Хакаби за Канал 12.
Израел проценува дека палестинските милитантни групи сѐ уште држат 50 заложници, од кои 28 се потврдени мртви, а 20 се веројатно живи. Судбината на уште две лица е нејасна.
Нетанјаху, кој денеска го посети уништениот кибуц Нир Оз, во последниве денови се соочува со засилен притисок од израелската јавност и семејствата на заложниците да постигне договор.