Денешна дата
08/08/2022

Блиску до дестабилизација

Секој ден сè повеќе на Македонија ѝ се додаваат изјавите за одземање на статусот кандидат за членство во ЕУ. Изгледа дека доаѓа времето кога власта ќе треба да ги жнее политичките плодови кои со години наназад ги садеше со ѓаволот. Ваков епилог доживува секоја политика која не познава морал, не познава одговорност, не познава Господ. Политика која на избори секогаш победува, додека губитник е народот. Сега пред вратата чека ѓаволот барајќи го својот дел. Но, сега не му е должен само Премиерот и неговата Влада, туку целиот народ. Неколку денови претходно, во Австрија, Филе како позитивен пример ја посочи Србија и Црна Гора, како и договорот помеѓу Белград и Приштина. Македонија ја немаше никаде! Филе истакна: „не зборувам само за празни реформи,туку за суштински реформи на луѓето кои носат позитивни работи низ целиот процес на зачленувањето“.Грците го повторија нивниот став дека не е пречка само проблемот со името, туку и многу други области каде наместо напредок имаме враќање назад, како газењето на демократските начела, судството, неисполнувањето на Мартовскиот договор (кој се прогласи за тоалет хартија) и др. Значи, Македонија наместо решение на старите проблеми, произвела нови.

Најпрвин, владината контрола над медиумите достигна критична точка што во некои сегменти ја надминува и ситуацијата во Северна Кореја. Секој кој овде чепка во интересот на власта или на криминалот близок до неа, се анатемира, се етикетира, се сатанизира до пеколот. Години по ред владее политика на поделби и на разделби. Во рушењето на меѓучовечките мостови се ангажираа и некои верски заедници кои, по сè изгледа, од темните стакла на нивните џипови поинаку ги читаат и Божјите начела: „мразете го ближниот свој“или„ако некој пријде кон вас со леб, вие кон него со камен“. А добро знаат дека и една капка на омраза може да отруе цело едно море од толеранција. Ги надминаа Библијата и Исус, Мојсеј и Талнудот, Мухамед и Куранот,бидејќи парите и власта ги заменија Господ и моралот.

Второ, власта која зрачи омраза и поделби, за главна храна го има национализмот. Постојано се исценираа меѓуетнички инциденти (кои никогаш порано не се случувале). Овие млади момчиња кои со секое средство напаѓаат жени и деца, на пат и во автобуси, се трагичен епилог на една политика која години наназад се одвива во оваа чудна власт.

Трето, судството се претвори во столб на срамот, каде се казнува вистината, а се наградува лагата и организираниот криминал. Овде се казнуваат новинари и граѓани, а профитираат властодржци. Со години по ред, властодржците бесправно добиваат судски процеси, а останатите се осудени и кога правдата била на нивна страна. Ваквото судство заслужува и самото да се подложи на едно праведно судење и казна. Премиерот, на кого му е потврдена автентичноста на снимката, сега бара морално обесштетување, а судството е подготвено да му удоволи!!! Додека обвинителот, една теледиригирана карикатура, е пикнат во глувчешка дупка, свесен дека сокривањето или премолчувањето кривично дело претставува кривично дело.

Четврто, за изборни цели власта изгради една административна пирамида која кога ќе се сруши ќе не убие сите. Соседна Албанија, со три милиони жители има само 70 илјади администратори, а ние со два милиони имаме 180 илјади! Овде одговорноста на актерите не смее да остане само во политички домен, туку и на кривичен. Единствена држава сме во светот каде луѓето седат дома, а примаат плата и придонеси. И ова е кривично дело.

Петто, злоупотребата на инспекторатите и останатите служби за корупција и за рекетирање на фирмите. Државните органи, наместо одбрана на законитоста, се претворени во инструмент за собирање арач, рекетирање и политичко дресирање.

 

Сега премиерот дејствува во паника. Тој бара спас од самиот себеси. Свесен дека се наоѓа на работ на амбисот, бара излез од врати кои не постојат. Се обраќа на меѓународната заедница која осум години ја игнорира и ја злоупотребува. Факт е дека по негативниот извештај на Стејт департментот за Македонија, следеа рафали на други негативни извештаи од многу владини и од невладини меѓународни организации. Дури и авторите на извештајот на Европската комисија, сега пласираат дијаметрално спротивни изјави од оние на хартија. Ховит, неколку месеци порано, предупреди дека можеби и статусот кандидат ќе се доведе во прашање. Значи, сега е сосема јасно дека без некој посериозен чекор за решението за името, следниот извештај ќе личи на некролог. Овдешните власти постојано потенцираат дека клучот за евроинтеграциите е кај Грција. Но, Грците со полно право можат да велат дека ако куќата ви е уредна, клучот е последната работа која ви недостасува. А ние треба да престанеме да продолжиме да го чекаме возот со вкрстени раце, кој не поминува веќе осум години. Тој воз нема потреба од чекање, туку од туркање. Тој личи на брод во чие едро дувале само измами. Сега за Македонија повеќе не се поставува прашањето за напредокот, туку за попречувањето на нејзината дестабилизација.

Преведе од албански – Арменд Нухиу

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk