Денешна дата
08/08/2022

Владеење со манипулации

Со години живееме во виртуелност. Имаме виртуелен развој, виртуелна благосостојба, виртуелна моќ, виртуелна големина, виртуелна историја, а, пред сè, виртуелна сегашност. Со помош на силна пропаганда и на популизам, кај обичниот човек е засаден ментален код кој лагата ќе ја прифати како недвосмислена вистина. Со години се вметнува убедувањето дека тоа што ни се случува со оваа власт е ретка среќа што на една нација може да ѝ се случи еднаш на илјада години. Тоа е копија на Маоцетунговата културна револуција:„нека цветаат стотина цвеќиња“, „нека се градат стотина училишта“, „нека се подигаат стотина хидроцентрали“, „нека се засадат милиони дрвциња“, „нека се инсталираат стотина илјади компјутери“ и ред други слогани.

Требаше да поминат години за да разбереме дека сме биле хранети со празна лажичка. Сега сфаќаме дека власта цело време нè убедувала дека рајот се наоѓа токму во средината на пеколот. Дека најдобриот бел ангел е токму црниот ѓавол. Виртуелната среќа сервирана од ептен виртуелни водачи нè доведе до голема реална несреќа. Оти нè воделе водачи кои цело време си се прикажувале како стебла полни со плодови, а всушност биле само соголени осамени стебла каде што се гнездат мршојадци. Но, такви неспособни водачи биле многу способни за нешто друго – за манипулации.

Првата манипулација беше името. Со тоа лесно се заведуваа маси, а и успешно се маскираше криминалот. На јадицата беше фатена и меѓународната заедница, која иако гледаше како се гази демократијата, сепак, низ прсти ни прогледа, мислејќи дека, пред сè, важно е да се реши името. Лажно не охрабруваа дека сме ги динамизирале реформите, дека сме направиле добар прогрес, дека се движиме во вистинска насока, иако од Месечина се гледаше дека во државата се воведува опасна диктатура. По Времената спогодба од 1995 година, името повеќе не беше пречка за евроатлантското интегрирање на државата. Дури проблемот со името беше на пат да згасне, ама Груевски го разгори со антички оган за да владее без никакви резултати.

Втората манипулација беше проектот Скопје 2014. Луѓето требаше да се носат на облаци за да не гледаат што се случува на земјата и во подземјето. Тој проект има цел да создаде виртуелно чувство на моќ и на големина. Беа потрошени цели 500 милиони евра, пари кои можеа многу да ѝ помогнат на економијата. Економистите велат дека со тие пари ќе се отвореа најмалку триесет илјади директни работни места, а уште толку индиректни. За само сто милиони евра ќе се изградеше модерна поликлиника во регионот со комплетна опрема и обучени кадри за сите болести, што на државата ќе ѝ овозможеше голема финансиска заштеда за лекување во странство, а што е најважно ќе се спасеа многу животи.

Третата манипулација е зајакнувањето на меѓуетничката тензија во државата. Со тоа се дефокусира вниманието на јавноста од реалните проблеми за да му дадат предност на друг проблем кој го сметаат за колективно егзистенцијален. При таков амбиент, криминалните владини структури лесно обезбедуваат поддршка за владеење. Секојдневните етнички инциденти се плод и храна на таквата политика.

Четвртата манипулација е лустрацијата, која се претвори во инструмент за борба против политичките неистомисленици. Кога видел Луцифер како власта лустрира и самиот се понудил да помогне. Лустрираат мрачни сили кои самите со светлосни години се далеку од светлината. Нашиве водачи никако не можат да разберат дека подобро да трпиш отколку да чиниш неправда. Не се свесни колку скапо чини говорењето на неправдата, а молчењето на правдата. Режимот создаде длабоки внатрешни поделби, бескрупулозно уништувајќи го тоа што е рационално кај луѓето, нациите и кај културите. Копајќи по историјата, ни ја поткопаа иднината. Со голема брзина расте разочарувањето поради општата беда и неперспектива. На политички план: сатанизирања, подметнувања, инсинуации, монтажи, лов на вештерки. Сите мораа да бидат виновни за власта да биде невина. Сега часот отчука дванаесет и пет. Последен момент и за нас и за власта. Додека мислевме дека е рано за говорење, стана многу доцна за молчење. Историјата е полна со водачи што имале мал капацитет, мало срце, а големи амбиции. А тоа е смртоносна смеса за судбината на милиони души. Разликата меѓу возвишеното и трагичното е само едно влакно.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk