Денешна дата
02/07/2022

Извештајот на Фридом Хаус како опомена: Власта не окупира, новинарите капитулираа без битка

Македонија е оквалификувана и сместена во групата на земји со назив хибридни режими, прв пат по осамостојувањето. Последни на табелата сме и по слободата на изразувањето и во борбата против корупцијата во однос на другите земји од регионот според оценката на Фридом Хаус. Кој не турка на дното и каде е решението?

Никогаш не било полошо во медиумите, коментираат  новинари и уредници кои повеќе од 30 години се во фелата, во пишаните и во електронските медиуми откако Фридом Хаус, меѓународната организација за спроведување на демократските принципи во општествата во својот последен извештај констатира   назадување на демократијата, слободата на медиумите и во борбата против корупцијата. Земјава годинава доби општа оценка 4 што е една од најлошите во регионот. Рангирањата на Фридом Хаус  се од 1- за најдобрите демократии, до 7- за најлошите.

fridom haus

 Урната и довербата во медиумите     

21 Октомври 2013 година. Основниот суд Скопје 1, го осуди новинарот Томислав Кежаровски на 4,5 години затвор. Ова е веста што ја пренесоа скоро сите медиуми во земјава, а која вест внимателно ја набљудуваа и странските организации за спроведување на демократијата. И подоцна ја сместија Македонија на самото европско дно во рангирањето според слободата на медиумите.

Општата оценка за земјава е 5 што е знак за влошување на состојбата во споредба со минатата година кога имавме оцена 4,75.

За Ацо Кабранов, раководител на порталот Либертас“ и поранешен главен и одговорен уредник на А1, Алфа и Канал 5 телевизија вели дека ваква контрола на медиумите никогаш немало, дури и во Социјалистичка Македонија имало високи стандарди во новинарството.

aco-kabranov

Ацо Кабранов

Загушувањето на слободата на медиумите е стратегија на Груевски, која ја спроведува уште кога влезе во кабинетот на Илинденска број 2. Можеби го потценивме во неговата намера, но тој 8 години работи на земање под контрола буквално на сите медиуми. За жал, МТВ не само што не стана јавен сервис, како што ветуваше пред да дојде на власт, туку стана ептен партиска телевизија. Но, Груевски не застана овде туку ги зеде под своја капа и приватните телевизии кои се погледани. Подоцна следуваше преземањето на весниците на МПМ (Дневник, Вест и Утрински весник). Тој ја остварува оваа агенда користејќи притисоци врз сопствениците на медиумите кои се бизнисмени и се многу ранливи“, вели Кабранов.

Тој вина поради лошата состојба во медиумите бара и кај новинарите кои самите не се изборија за својата слобода.

 

 

 

На слично мислење како Кабранов е и Панде Колемишевски, поранешен директор и главен и одговорен уредник на Нова Македонија и основач на весникот Бизнис.

pande kolemisevski

Панде Колемишевски

За сегашната состојба не може да се обвинува само власта или сегашниот режим. Голема вина имаат и самите новинари, особено повозрасните, кои не ја издржаа битката како во сопствената средина, така и во спротивставувањето на потезите на администрацијата која се труди со што повеќе закони да ги ограничи нивните слободи. Не се без основа и поделбите на богати и сиромашни новинари, (наместо на квалитетни и неквалитетни), на новинари потплатени со државни пари, од една страна, и на новинари кои  за дваесет години станаа новинарски богаташи преку странски донации и грантови. Нивните интереси се различни и тоа може да биде една од причините за  узурпација на правото на вистината“, вели Колемишевски.

Тој додава дека е урнат кредибилитетот и довербата во медиумите за што сведочат и малите тиражи и слабата гледаност.

Каде е Македонија во слободата на изразувањето во однос на другите земји од регионот според оценката на Фридом Хаус:

Оценки за слободата на медиумите во Македонија во последните 10 години

Година Оценка
2005 4.25
2006 4.25
2007 4.25
2008 4.25
2009 4.25
2010 4.25
2011 4.50
2012 4.75
2013 4.75
2014 5.00

 

Извор: извештај на Freedom House 2014

 

 

Оценки за земјите во регионот за слобода на медиумите

Земја Оценка
Словенија 2.25
Унгарија 3.50
Бугарија 4.00
Албанија 4.00
Хрватска 4.00
Србија 4.00
Романија 4.25
Црна Гора 4.25
Босна и Херцеговина 4.75
Македонија 5.00

 

Извор: извештај на Freedom House 2014

 

Македонија меѓу режимските земји

Поради лошите пракси во спроведувањето на демократијата, Фридом Хаус, ја смести нашата држава во групата на земји со назив хибридни режими. Таков „епитет“ имаат и Албанија, Грузија, Молдавија и Украина. Ваква класификација Македонија има прв пат по осамостојувањето.

Од 2004 година земјава има постојан пад во рангирањата од страна на оваа реномирана меѓународна организација. Така пред 10 години оценката беше 3,82, а  во 2012 година порасна на 3,89 и годинава  прв пат ја урна психолошката граница од 4.

Во извештаите на Фридом Хаус се испитуваат 7 категории, а еве ги оценките во 2014 година.

 

Оценки за земјава во 2014 година

Категорија Отценка
Изборен процес 3.25
Цивилно општество 3.25
Демократија во локалните самоуправи 3.75
Демократија во владините институции 4.25
Независност на судството 4.25
Борба против корупцијата 4.25
Слобода на медиумите 5.00
Средна оценка 4.00

 

Извор: извештај на Freedom House 2014

 

На дното – и во корупциската битка

Земјава назадува и според борбата со корупцијата. Минатата година оценката беше 4, сега е 4.25 (скала од 1 до 7, каде 1 е надобра отценка, а 7 најлоша). Ваквата состојба во земјава продолжува повеќе години наназад. Годинава само Македонија и Бугарија, од земјите во регионот, имаат назадување во бробата со корупцијата.

Оценки за борбата против корупцијата

Земја Оценка
Словенија 2.50
Унгарија 3.75
Хрватска 4.00
Србија 4.25
Бугарија 4.25
Македонија 4.25

 

Извор: извештај на Freedom House 2014

 

 

Ана Јаневска-Делева, извршен директор на „Транспарентност Македонија“ смета дека земјава се наоѓа на европското дно во справувањето со корупцијата.

ana janevska delevska

Ана Јаневска-Делева

На режимот на Никола Груевски, ќе му бидат потребни 26 до 28 месеци за да ја стигне Северна Кореја, според овој угледен меѓународен мерач на слободите  на земјите. Најкршливи сме кај пристрасното судство, но општеството е  корумпирано во сите сегменти. Ќе го споменам случајот со Македонска банка, каде имаме уривање на уставот, каде јавниот обвинител воопшто не реагира на повиците на невладиниот сектор и опозицијата“, вели Јаневска-Делева.

Таа додава дека власта ги блокира сите механизми за борба против корупцијата  и дека Антикорупциската комисија како да не постои.

Со слично мислење е и Слаѓана Тасева, од „Транспаренси интернешнл- Македонија,“ која е и поранешен претседател и член на Антикорупциската комисија.

slagana taseva intervju za top

Слаѓана Тасева

Ниту ја гледам, ниту ја слушам ниту сакам да ја оценувам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таа не постои. Едноставно ја нема. Тие луѓе се повлекоа во илегала, добија професионален статус, си уживаат во него. Ги нема никогаш на работа ниту некој ги видел нешто да работат“, вели Тасева.

Таа додава дека ако продолжат вака да се однесуваат членовите на Антикорупциската комисија, оваа институција целосно ќе ја загуби функцијата.

За состојбите со корупцијата оценета според Фридом Хаус, побаравме изјава и од Државната комисија за спречување на корупцијата –  одговор од таму не добивме.

Уредник: Стојанка Митреска

lefkov@yahoo.com