Денешна дата
08/08/2022

Слеп водач

Сиромашен слеп човек просел на улица. За да минувачите бидат помилостиви просјакот ставил натпис: „Јас сум слеп“. Но, очигледно тоа не му помогнало многу. Едвај имал собрано нешто ситно. Поминува некој човек, се приближил до натписот, нешто преправел и се оддалечил. Наеднаш шеширот почна да се полни. Што ли направил човекот помислил во себе сега возбудениот слепец! При крајот на денот просјакот разбрал дека непознатиот му вршел преправка во натписот: „Денес е прв ден на пролетта, а јас немам очи тоа да го видам“.

Поуката е – ако не ви оди, сменете ја стратегијата. Власта и опозицијата се спремат за дијалог изнуден од надвор. Во принцип диктаторите разговараат само кога морат, а и тогаш максимално се трудат ништо да не се смени. И да се договара нешто – тоа е обична тоалет хартија. ДПМНЕ кажува дека ќе разговара за да „граѓаните не трпат штета поради однесувањето на водството на СДСМ!“ Поинаку нема потреба од разговори. Кај нас тече мед и млеко. Тука неопходно е опозицијата да изгради силно мултиплицитно дејствување. Таа треба преговара за ненасилно уривање на режимот, но ако тоа нема да даде резултати, тогаш треба да ги користи сите расположливи средства, оти се работи за режим кој владее на анти – уставен начин. Ги има суспендирано институциите, ги злоупотребува јавните пари, прави невиден криминал. Па има ли поголема анти – уставност од тоа? Опозицијата постојано треба да укаже на последиците од расфрлување со пари за антико-манијата кога триесет проценти од луѓето во државата се борат за гола егзистенција. Да укаже дека власта гради Потемкинови села за да ги натера гладните да се чувствуваат горди. Да создаде луѓе на кои – црното ќе им изгледа како бело; малото како големо; лошото како добро; немаштијата како благосостојба; бедата како богатство; лагата како вистина; неморалот како морал. Луѓе што ќе ги натера да се смеат и тогаш кога им се плаче; да изгледаат среќни и тогаш кога се тажни; да чувствуваат благосостојба и тогаш кога се бедни. Луѓе на кои сиромаштијата ќе им биде најголемо богатство. Тоа се резултати од водачи со празна душа, празен морал  и полни џебови. Државата ја водат души без душа.

Опозицијата не треба да се излаже дека власта ќе ја руши со големи експлозии. Таа се урива секој ден, укажувајќи на проблемите и понудувајќи конкретни решенија. Да укаже дека поради вакво владеење овие осум години загубивме десетина милијарди евра директни странски инвестиции. Го загубивме Коридорот 8 чија вредност беше непроценлива. Го загубивме оптичкиот телекомуникациски кабел вреден околу 700 милиона евра (само за нашата територија). Го загубивме хоризонталниот 400 киловатен далновод во вредност од околу 900 милиона евра. Ја загубивме двонасочната железничка пруга во вредност од над милијарда евра. Ако пресметуваме колку ќе заработевме со нивната експлоатација, цифрата е астрономска. Познавачите велат дека само за триесет години користење на тие проекти, Македонија ќе профитираше околу 25 милијарди евра. Сега тие проекти се пренасочени кон Грција, Албанија, Србија и Косово (Виа Игнација, автопатот Драч – Косово кој ќе продолжи низ јужна Србија се до Бугарија). Тоа е смртоносен удар на нашиот Коридор осум. Сега не заобиколува и стратегискиот гасоводен систем ТАП, кој ќе помине низ северна Грција и јужна Албанија (едниот крак ќе продолжи за Италија, а другиот за Црна Гора, БиХ, Хрватска итн). А нашата власт се фалеше со можен крак од Јужен поток само за наше снабдување. И тој сега е под голем знак прашалник. Државите крваво се борат за транзитна позиција, а ние тоа го имавме на тацна и го пропуштивме. Транзитот овозможува екстра профит, инвестиции, геополитичка релеванција, развој, нови работни места итн. Јавноста мора да дознае дека додека балкански играчи цртале и реализирале големи стратегии, нашата власт водела предизборната кампања. Ги едуцирала гласачите да веруват на лаги. Да веруваат во еден “Бог“ кој не заслужува да биде ниту човек. Да веруват на режим кој дигнал споменици за да урива луѓе. Страста за пари кај водачите ја определувала нашата судбина. А познато е што магична моќ имаат парите. Тие времето, просторот и зборовите ги прават неважни. Моралот, принципите и законите ги прават нефункционални. Впрочем, кога зборува парата устите молчат. Ова мора што побрзо да престане. Без оглед на цената. Разговорите се можност за да се докаже дека овај режим е непоправлив. Водачот е слеп.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk