Денешна дата
30/11/2022

Груевски и Заев во друштво со колегите од Камбоџа и Сингапур

Политичарите често знаат да го враќаат ударот на противникот со закани за тужби и со судски процеси, но ретко може да се сретне случај во кој премиер тужи лидер на опозиција. Такви примери има во сингапурското правосудство и во судовите во Камбоџа

Поради разгледување и проучување на дополнителни докази, Основниот суд Скопје2 го одложи почетокот на судењето на премиерот Никола Груевски против Зоран Заев, лидерот на опозициската СДСМ.

„Невин сум. И малите деца веќе знаат чиј е гласот на снимката, кој договорал продажба на „Македонска банка“. Затоа од судот очeкувам внимателно да ги разгледа доказите во постапката и судењето да биде фер“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по завршувањето на првото рочиште од судскиот процес во кој премиерот Никола Груевски го тужи за клевета во врска со продажбата на „Македонска банка“ на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини.    

 

Причина за одлагањето на судскиот процес е тоа што тимот адвокати на Заев до судот достави дополнителни докази (извештај од вештачење на лиценцирана српска агенција) со која ќе докажуваат дека лидерот на СДСМ не го наклеветил премиерот Груевски. Шесте адвокати што го бранат Заев исто така побараа подготвителното рочиште да биде запрено се’ додека не заврши кривичната постапка пред Обвинителството за организиран криминал, а до кого СДСМ достави кривична пријава за, како што тврдат од таму, криминал вреден 1,5 милиони евра при продажбата на „Македонска банка“. 

zaev gruevski sudenje (1)

Од денешното рочиште

 

 

Застапникот на премиерот, адвокатот Никола Додовски, пак, пред судот рече дека граѓанската и кривичната постапка се две различни работи и побара судскиот процес да продолжи по разгледувањето на новите докази од страна на судот.

По ова, судот, поради обемноста на новите докази, не го прифати барањето на одбраната на Заев за запирање на постапката, но одлучи да го одложи почетокот на подготвителното рочиште за 3 јули.

 

 

 

 

 

 

ЛИЧНА РАБОТА СО ПОЛИТИЧКИ ПОСЛЕДИЦИ

 

Политичките аналитичари велат дека овој судски процес не е различен од сите други во кои странки во постапките се политичари, сеедно што во конкретниот случај тужител е премиер, а тужен лидер на најголема опозициска партија.

vladimir bozinovski

Владимир Божиновски

„Иако станува збор за одбрана на политичкиот интегритет, сепак ова е лична работа помеѓу премиерот кој тужи и лидерот на опозициската партија кој е тужен. Но, и во ваков случај овој процес секако дека ќе има политички импликации од проста причина што и двете странки во постапката се политичари. Ако не е така тогаш секој ќе може да кажува што сака“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.

 

Одлуката на судот да го закаже рочиштето токму во период кога во Собранието се бира новата Влада  ја критикуваа од невладината организација Транспаренси Интернешенел (ТИ-Македонија).

„Во светски рамки не е познат случај суд да започнал судски предмет против граѓанин кој е обвинет за клевета и навреда, а токму тој пријавил случај на корупција. Таков случај е овој кај нас со аферата „Македонска банка“ во кој на граѓанинот кој јавно обелоденува можна корупција, или пак тоа го објавува партија, е обвинет за клевета.

slagana taseva intervju za top

Слаѓана Тасева

А, државните правосудни институции го игнорирале Законот за спречување на корупција во делот кој вели дека не може да се преземе казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција. Лицето има право на надоместок на штета што може да ја претрпи тој или член на неговото семејство поради дадената изјава и сведочење“ вели Слаѓана Тасева, претседателка на „ТИ-Македонија“ зборувајќи за недостатоците на предлог-законот за измени на Законот за спречување корупција.

 

„Груевски против Заев“ прв случај во Европа 

 

Ниту на други политичари низ светот не им е непознато да се тужат од различни причини сепак, тужбите за клевета и навреда помеѓу премиер и лидер на опозиција се ретки, а случајот „Груевски против Заев“ е прв во Европа.

Неодамна Либералната Интернационала на својата официјална веб – страница објави дека лидерот на опозицијата во Камбоџа, пратеничката Му Сошуа го загубила спорот за клевета против премиерот Хун Сен.

mu sochua-hun sen

Му Сошуа и Хун Сен

Судот во главниот град на Камбоџа, Пном Пен пресуди дека Сошуа од најголемата опозициска партија на Сем Рејнси е виновна за лажно обвинување дека премиерот Сен изнел низа навредливи зборови на нејзина сметка. Ова беше и причина зошто преимерот се одлучи да врати со контра-тужба која заврши во корист на премиерот.

„ Тоа беше неминовен заклучок. Јас не сум изненадена, само сум тажна – тажно затоа што луѓето во Камбоџа продолжуваат да живеат во земја во која што има правда само за оние со пари и моќ. Одлуката е политички мотивирана а не е донесена врз основа на законите“, изјави Сошуа по изрекувањето на пресудата.
Пресудата ја потврди камбоџанскиот Апелациски суд, а опозициската партија на Сем Рејнси излезе со реакција дека судот ги игнорирал принципите на фер судење и слепо се придржувал до одлуката на Основниот суд. Со реакции на загриженост се огласија и Меѓународната заедница и Обединетите нации (ОН).

Во аналите на светската политика и на сингапурското правосудство ќе остане запаметен и судскиот случај во кој поранешниот премиер Гох Чок Тонг го тужеше тогашниот лидер на опозициската Работничка партија, Џошуа Бенџамин Џиеретам за клевета кога првиот човек на најголемата опозициска партија во Сингапур на митинг пред толпа народ „ја претставил Владата на Тонг во најлоша светлина“. Премиерот бараше отштета од 200.000 долари, а одбраната на Џиеретам ова го оцени како политичка одмазда и добра можност лидерот на опозицијата да банкротира со што може да биде отстранет и од парламентот. Покрај премиерот, Џиеретам го тужеа уште единаесет високи функционери на владејачката Партија на народната акција (ПАП) порадиклевета дека полицијата има изготвено два извештаи против високите функционери на ПАП, меѓу кои биле и единаесетте тужители.

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, во април годинава (документација за случајот) го обвини премиерот Никола Груевски  дека тој лично ја продал „Македонска банка“ АД Скопје, на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини.

„Банката е продадена преку четири офшор и две домашни компании кои што официјално поседувале 51 отсто од акциите во „Македонска банка“, а биле под контрола на Груевски. Истите акции биле продадени на Газда Нини“ изјави тогаш Заев.

Груевски на обвинувањата возврати со тужба со која од Заев бара половина милион евра отштета поради обвинувањата за криминал при продажбата на „Македонска банка“. Следното рочиште е закажано за 3 јули годинава.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk