Денешна дата
18/08/2022

Родители бараат смена на законите за да се сочува видот на децата

Родители се жалат дека е нелогично што помалите диоптрии не ги покрива Фондот за здравство, кога превенцијата е основа за спречување на појава на поголеми деформации, посебно кај помладите. Во Фондот за здравство објаснуваат дека такви се законските прописи

Само доколку диоптерот на вашето дете е поголем од еден имате право да ги користите услугите на Фондот за здравствено осигурување, во спротивно ќе треба приватно да ги сносите сите трошоци околу купувањето на соодветни очила, кои лекарот ви ги препорачал за да му дадете можност на детето да му се подобри видот.

Ако, пак, немате пари за тоа ви останува единствената солуција да чекате видот на детето да ослабне над 1,5 диоптер за да добиете финансиско покритие од Фондот. Но, и тогаш ќе се соочите со последици од типот Фондот покрива само стакла, но не и рамки, кои се неопходни за држење на стаклата. И повторно доколку немате пари вашето дете ќе остане без очила.

Ако се земе предвид дека во било која очна оптика не можете да најдете рамки за очила поевтини од 1.000 денари, а Фондот ви ги покрива само стаклата кои вредат 400 денари и тоа само во случај на диоптер поголем од 1, тогаш најевтината варијанта ќе ја најдете на пазар, кој носи ризик за безбедност и отвора цел океан можности за влошување на видот.

dete doktor

 

„Мојот шестгодишен син доби наод од очен лекар за да носи очила со диоптер минус 0,75. Првиот шок ми беше кога ми рекоа дека Фондот не ги покрива рамките, а вториот го доживеав кога потврдата за очни помагала ми ја одбија во Фондот со образложение дека е мал диоптерот и за ваквите осигуреници нема покритие“, раскажува за Инбокс 7, мајката Снежана Б.

Таа смета дека е нелогично што помалите диоптрии не ги покрива Фондот за здравство, кога превенцијата е основа за спречување на појава на поголеми деформации, посебно кај помладите.

Примерот на Марија Н. сведочи за поинаков проблем.

„Мојот осумгодишен син на почетокот носеше  бифокални очила, тоа се очила со двојна диоптрија, нив ретко кој офтамолог ги дава и тие беа 100% покриени од Фондот. Но, јас не успеав ништо да добијам од Фондот бидејќи  мојот сопруг кој е осигуреник за детето кога преминувал од една фирма во друга му направиле два дена прекин во осигурувањето. Не помогна тоа што им кажав дека е одјавен на 31 јануари (петок), а е пријавен на 3 февруари (понеделник) за тие денови од еден викенд што не бил осигуран на син ми не му следуваше покритие на трошоците од Фондот. Значи, Фондот ги покрива трошоците само доколку осигуреникот нема прекин на осигурувањето во текот на 6 месеци“, објаснува Марија Н.

 

 Кој има право на очила (стакла без рамки)

 

Во Службен весник бр.33 од 2011 година, во член 45,може да се види кога осигуреното лице може да оствари право на очни помагала.

Во следниот член 46 стои:

„Право на очила (стакла без рамки) со обични монофокални стакла со диоптрија може да оствари осигурено лице кога е потребно за корекција на видната функција во случај на кратковидост, далековидост и астегматизам, со јачина поголема од 1 диоптер.

Како очила во смисла на став 1 на овој член, не се сметаат очилата за кои на осигуреното лице му е индицирана потреба по наполнети 40 години живот поради физиолошко слабеење на видната функција – пресбиопија.

Право на очила од случаите на став 1 на овој член, со бифокални стакла може да оствари осигурено лице – дете до навршена 18 годишна возраст со страбизам кои се неопходни од тераписки причини.

По исклучок од став 1 на овој член осигурено лице може да острави право на очила со специјален систем на стакла (телескопски) во случај на висок степен на

слабовидност, кога острината односно јачината на видот на двете очи не може да се подобри со стаклата од став 1 на овој член. Ова право се остварува со наод и мислење на лекарската комисија на Фондот. Осигуреното лице во случаите од став 1 на овој член може да оставри право на очила со млечни стакла само во случај на моноокуларна афакија.

 

Осигуреното лице во случаите од став 1 на овој член може да оствари право на очила со темни стакла со диоптрија во случај на:

1) заболување на предниот сегмент на окото поради skleritis, keratitis, iritis и iridociklitis;

2) заболување на очното дно или на очниот нерв поради chorioditis, horioretinitis, retinitis, nevritis, nevroretinitis, атрофија на очниот нерв и ablation retinae.“

 

Фонд за здравство: работиме според законските прописи

fondzazdravstvo

 

Повикувајќи се на пропишаните законски норми, советникот за односи со јавност во Фондот за здравствено осигурување, Мимоза Гугуловска за Инбокс7, изјави дека Фондот делува во тие законски рамки и дека е нормално осигурениците да сакаат да имаат подобри можности за себе и за своите деца.

 

Здруженијата за заштита на правата на пациентите се пасивни кога станува збор за вакви случаи. Досега немаат покренато каква било иницијатива за промени во Законот за здравствена заштита по барање на родителите. Нивната реакција пред се е насочена во поддршка на пациенти кои се соочуваат со многу високи трошоци за терапии.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk