Денешна дата
02/07/2022

Биљана Гинова, ЛГБТИ активист: Се бориме за основното – за правото на живот и слобода

Ниту еден напад врз ЛГБТИ заедницата не е осуден, сторителите не се изведени пред лицето на правдата. Игнорирани сме од институциите, од системот. Државата не покажува дека ги презема сите мерки за сузбивање на дискриминацијата и на репресијата врз ЛГБТИ заедницата“, вели Гинова

ЛГБТИ заедницата во Македонија втор пат организира „Недела на гордоста“. По тој повод во интервју за Инбокс7 разговараме со Биљана Гинова ЛГБТИ активист

 

Што опфаќа програмата содржана во „Неделата на гордоста“?

 

Гинова: Оваа недела ја имаме втората „Недела на гордоста“. И оваа година се обидовме „Неделата на гордоста“ да опфати програма која ќе биде на неколку нивоа. Едно ниво е насочено кон општата јавност на која сакаме да и покажеме за целата хомофобија што ја има во нашето општество, која егзистира во книгите, речниците, учебниците, во општествениот живот на некој начин. Сакавме да покажеме како се раѓа, како расте и како се шири хомофобијата. Исто така дел од тие активности ги насочивме кон невладините организации и млади активисти. Една e работилницата за тоа како може да се надмине хомофобијата и хомофобичното преку воведување сеопфатно сексуално образование, а другата работилница е предвидена за тоа дека ЛГБТИ правата се човекови права. Од друга страна целата недела е насочена и кон самата заедница, кон групата активисти. Дали треба да правиме прајд (парада на гордоста) дали не треба да правиме? Дали е тоа провокација или е потреба? Што претставува парадата на гордоста и дали сме спремни за парада на гордоста? Имавме спид дејтинг (состанок на слепо) кој не само што има цел да помогне при социјализација и градење на социјални врски на ЛГБТИ луѓето, туку исто така го критикива и општеството. Затоа што нема улови за основање и егзистирање на едно безбедно место каде што може ЛГБТИ луѓето да се движат и да се социјализираат. Ние сме комплетно избришани од јавниот простор. Дури и крузинг местата (различни места во различно време) кои што постоеле со децении, овие години се бришат и се претвораат во нешто друго. Го менуваат ликот. Секако ќе опфатиме и теми кои што се исто толку важни. Темата за ХИВ вирусот и луѓето кои што живеат со него, но и темата за двојната дискриминација што ја трпат трансродовите лица, особено оние кои што се сексуални работници.

 

Споменавте дека хомофобијата не запира. Кој и како ја шири хомофобијата во Македонија?

 

Гинова: Денес живееме во општество во кое што структурно се воведува хомофобијата. Преку сите можни алатки кои што можат да се употребат. Преку образованието, медиумите, јавните говори. Живееме во општество во кое што ниту еден напад вр ЛГБТИ заедницата не е осуден. И не само што не е осуден, туку и за ниту еден напад сторителите не се изведени пред лицето на правдата. Тоа на некој начин го охрабрува, го оправдува насилството врз овие луѓе. На тој начин напаѓачите стануваат локални херои. И не ја напаѓаат само ЛГБТИ заедницата. Туку ги напаѓаат сите кои што се различни. Ги напаѓаат сите оние кои што личат дека припаѓаат на оваа заедница. Значи и луѓе кои не се неопходно геј (хомосексуалци) ги напаѓаат само затоа што им личат дека се геј.

 

Ако парадата на гордоста е она што и дава сила на ЛГБТИ заедницата, тогаш зошто не настапите „поагресивно“ во нејзиното организирање и зошто јавно не побарате поддршка од надлежните институции и од јавни личности?

 

Гинова: Во изминатите години ние отворивме дебата за парадата неколку пати, но никогаш не била донесена одлука за организирање на истата, од различни причини. Начинот на кој би се организирала таа парада сеуште го договараме. Една од тезите до која што се држиме е секако, барање на поддршка од јавноста при организирање на истата. Но, често се извртува контекстот што е тоа парада и зошто таа е потребна. Кога зборуваме за парада треба да ни биде јасно дека пред се’ зборуваме за протест, за протестен марш кој има цел одредено политичко барање. Кај нас сеуште сме на ниво на основни права – на не исполнување на правото на живот. И кога би имале парада на гордоста или протестен марш ние би го направиле тоа за барање за исполнување на правото на живот на ЛГБТИ-И луѓето. Од друга страна парадите се организраат за да не потсетат на борбата. Што се случило во 1969 година во Стоунонвил, кога прв пат ЛГБТИ луѓето решиле да го возвратат ударот назад. Тогаш, се случиле првите неколку немири од ЛГБТИ луѓето кон полицијата. За следната година да се случи првиот прајд (парада). И тоа треба да го славиме затоа што луѓето се горди дека нешто освоиле. Но, кај нас, во македонски услови тоа треба да биде протест за барање на основните човекови права на ЛГБТИ луѓето.

Зошто е толку тешко да се признае дека еден човек припаѓа на различна сексуална ориентација од останатите луѓе?

 

Гинова: Многу е тешко затоа што луѓето се осудувани за тоа. Луѓето се укорувани на училиште. Сме имале случаи кога социјален работник, во училиште, откако девојчето се изјаснило дека е лезбејка, да и дава совети дека тоа е лошо и дека таа треба да го смени начинот на живот. Имаме и случај кој е пријавен кај нас кога човек ја изгуби работата поради јавно покажување на својата сексуална ориентација. Тоа е многу индикативен случај бидејќи тој човек најпрвин забележал дека не го добива потребното унапредување. Се работи за човек вработен во државна институција. Правилата за унапредување се јасни, јавни и горе-долу еднакви за сите. Кога овој човек побарал одговор зошто не е унапреден, тој доби отказ. Прво, тој започна постапка против работодавецот, но подоцна, не само што се откажа туку ја напушти и државата. Ние може само да претпоставиме под каков притисок живеел тој човек штом се одлучил да ја напушти Македонија. Има уште многу примери. Така, трансродовите жени кои што се жртви на семејно насилство не се препознаваат како жени од страна на шелтер центрите (центри за згрижување луѓе, жртви на семејно насилство). Тоа се социјални центри кои треба да излезат во пресрет на сите жени. Сите овие ситуации придонесуваат за зголемување на стигмата која се наметнува врз хомосексуалната заедница. Од друга страна ЛГБТИ луѓето не се чувствуваат заштитени затоа што во Кривичниот законик во членот во кој што се регулираат дела сторени од омраза не се ставени основите на сексуалната ориентација и родов идентитет. Исто така во Законот за заштита од дискриминација сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се ставени. Ниту пак, што е уште поважно, државата не покажува дека ги презема сите мерки за сузбивање на дискриминацијата и репресијата врз ЛГБТИ заедницата. Кога ќе се сменат законите, кога државата ќе го промени начинот на справување со дискриминацијата тогаш тие ќе се чувствуваат безбедни. Едноставно да бидат тоа што се. Никој никому не мора да кажува што е. Туку едноставно да го живее животот слободно, држејќи го за рака дечкото ако е момче, или девојката ако е девојче.

 

Каква е вашата соработката со надлежните институции, но и со јавните личности кои и тоа како можат многу да помогнат во остварувањето на правата на членовите на ЛГБТИ заедницата?

 

Гинова: Соработуваме со многу јавни личности од кои имавме поддршка кога ја работевме кампањата „Македонија има љубов за сите“. Исто така сакам да ја истакнам соработката што ја имаме со Комисијата за заштита од дискриминација. За пофалба е што комисијата на неколку наши претставки одговори, односно донесе одлуки дека се работи за дискриминација врз ЛГБТИ заедницата. Се работи за учебниците кои содржат хомофобична и дискриминаторска содржина. Комисијата донесе одлука дека учебникот по педагогија за трета година гимназија и учебниците по психијатрија и медицинска психологија содржат несоодветна хомофобична содржина, и треба комисијата да даде предлог или препорака тој дел да се отстрани  од учебниците. Секако, има простор за подобрување затоа што препораката на комисијата содржи отстранување на дел од текстот, но не предлага замена на нов текст, со нова научна мисла која ќе покаже што е хомосексуалноста. Со ова се остава голем простор за бришење на една голема група граѓани.

 

Ако направиме споредба со Европа и остварувањето на правата на членовите на ЛГБТИ заедниците таму, каде е тука Македонија?

 

Гинова: Според најновата мапа на ИЛДА-Европа која ги мери состојбите на континентот, Македонија е на самото дно. Секако таа анализа не е сеопфатна затоа што ги гледа само законите во државите осврнувајќи се, секако и врз извештаите од невладините организации.

 

Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права е една од невладините организации (НВО) кои се борат за остварувањето на правата  на членовите на ЛГБТИ заедницата. Како ја зајакнувате и како во иднина ќе ја зајакнувате свеста за правата на овие луѓе?

 

Гинова: Прво, нам како Хелсиншки комитет и ЛГБТИ заедница за поддршка ни е важно да ја зајакнеме самата заедница. Фокусот на програмите што ги спроведуваме од една страна се насочени кон тоа. Така има групи за лезбејска поддршка, за поддршка на геј мажите, група за поддршка на трансродовите луѓе и група за родители и семејства на ЛГБТИ луѓето. Од друга страна минатиот месец промовиравме интервентен фонд, прв од таков вид кај нас. Фондот го основавме за да излезе во пресрет при итна потреба на ЛГБТИ луѓето. Сме се соочиле со такви луѓе кои биле жртви на семејно насилство или ја изгубиле работата, а да немаат средства или услови да покренат постапка или да најдат безбедно место. Па така фондот што го основавме ќе доделува средства во три области. Едната е медицинска заштита, другата е правна поддршка и третата е интервенција за пронаоѓање на безбедно место. Од  друга страна за сите дела сторени врз ЛГБТИ луѓето ние поднесуваме соодветни претставки и иницијативи за промена на законите.

 

На крајот на „Неделата на гордоста“ кому и каква порака ќе испратите?

 

Гинова: Со крајот на „Неделата на гордоста“ она што сакаме да го постигнеме е видливост на заедницата. Дека сме тука, дека сме дел од јавниот простор. Ние сме игнорирани од институциите, од системот. Делата против ЛГБТИ луѓето не се осудуваат, на нашите барања не се посветува внимание. Затоа се надевам дека „Неделата на гордоста“ од една страна ќе го зајакне самото движење, а од друга страна ќе ја зголеми видливоста на заедницата пред општата јавност. затоа што хомофобијата не е природна. Луѓето не не’ мразат. И самата дефиниција за хомофобија е нерационален страв кон луѓето со поразлична ориентација. Ако ние привлечеме што повеќе луѓе на нашите дебати, настапи, ако имаме можност да разговараме со што повеќе луѓе за тоа кои се проблемите со кои секојдневно се соочува заедницата, тоа за мене ќе биде успех. Ако неколку луѓе кои прв пат се сретнале со проблемите на ЛГБТИ заедницата заминат од овие настани и на некој начин го намалат нивното хомофобично однесување, во нивното опкружување, за мене тоа е успех. Исто така се надевам дека оваа „Недела на гордоста“ ќе го привлече вниманието на несоодветната законска регулатива и нереагирањето на државните институции, особено за сузбивањето на дискриминацијата и хомофобијата во нашето општество.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk