Денешна дата
08/08/2022

ТЕХНИЧКА ВЛАДА – „ВЕШ МАШИНА“ (Изборна берза 5)

Навечер е… Преполн автобус, со пензионери и со ученици на распуст. Топло, не се дише.

– Што глумат лудило? И толку. Сите знаат кој, кога и зошто?

Никој од патниците не знае колку е скап бесплатниот билет, преплатени автобуси на ЈСП, социјалци што за струја, телефон, банки не дале ни денар… па, за нив 12-15 милиони евра за најдемагошкиот зафат – отписи на нивните долгови, следуваат повисоки пензии, потоа субвенции за земјоделците?! Цел арсенал за следната битка како догодина ќе отплатиме 700 милиони евра доспеани рати за странските долгови.

„Сите сме за веш машина“. Овој автобуски сленг е најдобриот коментар на гласачите од 18 до 88 години, недолжните жртви на македонскиот транзициско-изборен холокауст (холо-целосно, кауст-палење). Целата вистина е во две реченици:

Македонија загубила 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001 и 2010 година преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, официјални лица, бизнисмени, од меѓународни корпорации. Станува збор за 44 проценти од брутодомашниот производ во 2011 година, анализираше Институтот Адријатик за јавна политика.

Во македонската политика се менуваат само лидерските тандеми. Пред дијалогот на Премиерот Георгиевски и на опозиционерот Црвенковски, се продаде Телеком и веднаш изчезнаа 20 милиони долари. Следуваше ОКТА и сомневањата дека со штетен и со монополски договор и статус се изгубени 500 милиони долари, тврдеа учесници во една ТВ дебата. Потоа ЕВН, по нејзиното преземање странците си повратија една третина од инвестицијата само преку наплата на две децениските заостанати долгови од македонските потрошувачи.

Ниту двете влади по тета-тет договорот меѓу Црвенковски и Георгиевски, не ги отворија сомнителните трансакции, како што првиот вмровски премиер, по освојувањето на власта, се задоволи со приватни наплати, наместо ревизија на сомнителните приватизации. Кој воопшто ќе одговара што дел од националниот доход се прелеа на приватно-корпоративни сметки преку бенифицираните цени за струја, за најмалку три големи приватни компании. По 100 милиони евра годишно.

А шарени лаги имало и сè уште се применуваат. Кој уште ја памети португалската инвестиција за изградба на елитниот комплекс „Аква пура“ во Преспа, промовирана од Бузлевски и од Плевнеш. Лицитацијата почна со 20 и заврши со 60 милиони долари. Ни странци ни пари.

Субратизацијата на македонската економија и политика продолжува и преку успешното финансиско менаџирање на тандемот Груевски-Ставревски.

„Не стигна ниту една од 20 илјади крави, нема вработувања, нема ниту огласи …“, пишува Б92. Од соседството велат дека Србија се спасила од Субрата. Во Македонија му бараат алтернатива.

„Пазарите во подем се префрлија на варијантата на државен капитализам. Ова значи забавување на темпото на реформи, поголема економска улога на претпријатијата во државна сопственост (како и за државните банки во распределбата на кредити и на заштеди), како и ресурсен национализам, трговски протекционизам…“ – Нуриел Рубини, професор на Њујоршката економска школа, предвесникот на хипотекарната и на финансиската светска криза.


Иста е политичката матрица пред секој вонинституционален дијалог. Конфликти, (рас)продажби на државна сопственост. Партискиот код на СДСМ не е сменет – странците мора да посредуваат, почнувајќи од Холбрук, Нимиц, Пердју, од Филе… Кој е следниот?Ако веќе само странците и мисионерите се гаранти за македонската политичка етничко-финансиска стабилност, зарем не е пологично на маса да се стави барањето и идејата за валутен борд на ММФ во Македонија? Како во случајот со Бугарија, по што кај соседот буџетскиот дефицит е меѓу најниските во Европа. Долговите што се направени и сега се прават, ќе ги отплаќаат генерациите по Груевски и по Заев. Како во случајот со санирањето на големите загубари, чистењето на Стопанска банка од дубиозите од најмалку 300 милиони долари, што до лани ги отплаќаа даночните обврзници на Македонија.

Без јасна и порадикална идеолошка матрица на социјалдемократија, барањата на СДСМ се ефемерни. Наместо и најпрво попис, па прочистување на избирачкиот список, социјалдемократите се задоволија со палец – демократија. Отворени се афери, па јавно замрени, што упатува на заклучок за тесно-партиски или билатерални политички спогодби. Македонската банка е гумно за заедничките ујдурми на кадри блиски до СДСМ или експозитури на ДМНЕ. И што станува. Молкот на онемениот Зврлевски не значи и тишина во СДСМ. Или?

Или? Амнестија на капиталот, читај криминалните трансакции. Идејата неколкупати ја промовира првиот даночник во кабинетот на Груевски. Има ли таков неформален договор на претходниците? Кој ќе гарантира што се преговара во четири очи?

Големата и бесконцептуална содржина е барањето за техничка влада. Па неа Груевски подоцна ќе ја прифати откако ќе го извози лидерот на СДСМ. Токму во време кога патриотите ќе треба да ја споделат сопствената одговорност за спорот со името и со пролонгирањето на членството во НАТО? Тогаш ќе вреди изјавата за поднаведната кичма. Но и тоа е губитничко менаџирање во дијалогот со Власта.

Груевски е поголем уметник во манипулацијата со јавното мислење. Зарем не ви се чини дека тој си има работа со недораснати противници?

Војна, продажба на Телеком, ОКТА, ЕВН, следува ли Мепсо, можеби и Тец Битола???

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)