Денешна дата
06/10/2022

Дарување живот од мртвите, но не и со амин од верата

Верските заедници резервирани кон трансплантации од мртви лица, посочуваат на можни злоупотреби на донираните органи поради согласноста која се бара од семејството, а различно се толкува

Македонските граѓани не се дарежливи само за време на поплави. Напротив, некогаш, во времето на поранешна Југославија, прилично емотивно се одлучувале да даруваат живот. Пред триесетина години, во Македонија имало вистинска револуција во однос на донирањето органи и тоа од починати лица, но денес прилично скептично се гледа на целиот процес. Коментарите одат во насока на евентуалната можност за злоупотреби на донираните органи, нешто што го поставија под знак прашалник и верските заедници.

 

За една година – една трансплантација од починато лице

За една година од стапувањето во важност на новите законски измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело поради лекување, досега е извршена само една трансплантација од кадавер, односно починато лице (лице со мозочна смрт). Првата изведена трансплантација од починато лице беше извршена во февруари оваа година. Двајца пациенти добија бубрези, а трансплантацијата која се изведе за првпат по долгогодишна пауза, беше оценета како успешна. Но, темпото со кое се одвиваат кадаверичните трансплантации во земјава сè уште нема динамичен тек, налик на осумдесеттите години кога за две години биле направени дури 18 трансплантации.

Klinika Nefrologija Belgrad

Клиниката за нефрологија во Белград

Пет бубрега се испратија во Белград, два во Ријека, еден во Љубљана… Тоа беше мала револуција на нашите стручњаци. Македонските граѓани испратија свои бубрези во бившите југословенски републики. Тогаш имаше здрава законска регулатива која нас нè штитеше како стручњаци. Луѓето ги даваа своите блиски за трансплантација“, со емоции се присетуваат дел од македонските доктори на екот на кадаверичната трансплантација во земјава.

За разлика од тогаш, во земјава во моментов сè уште постојат дилеми и непознавање за значењето на кадаверичната трансплантација. Само така докторите ги објаснуваат сомнежите поврзани со кадаверичните трансплантации, за кои досега неколкупати се обиделе да обезбедат согласност од семејството на починати лица, но неуспешно. Понекогаш, според нив, семејството едноставно одбива да се земат органи од нивен близок, во други случаи, пак, се бара да се знае кој ќе го добие органот.

Кадаверичните трансплантации се вршат од лица со мозочна смрт, откако ќе се утврди дека пациентот не може да се поврати во живот. Процедурата оди така што првично се бара согласност од семејството на пациентот со мозочна смрт, а со семејствата на ваквите пациенти разговара посебен тим лекари. Сепак, неизвесно е дали семејството ќе се согласи од нивниот близок да се земат органи без никаков надомест, а од чисто хумани причини. И тоа во моментите кога им се соопштува дека нивниот близок е мртов, бидејќи според законската регулатива тоа мора да се направи во рок од шест часа откако е констатирана мозочна смрт.

 

Секој е потенцијален донатор на органи

 

Во Македонија досега се изведуваа трансплантации од жив донатор, и тоа претежно од дарители кои се во крвно сродство со пациентот. За оние другите, пак, се бара посебна согласност од надлежните со цел да се исклучи каква било злоупотреба или материјален надомест.

Со новите законски измени со кои повторно се актуелизираат кадаверичните трансплантации, практично секој може да биде потенцијален донатор на органи. А ако граѓанинот сака да се спротивстави на тоа неговите органи да бидат земени по констатирање на смртта, ќе треба уште додека е жив да завери нотарска изјава дека се спротивставува на овој чекор, а изјавата да ја пријави во соодветните институции. Втор избор е за него, по неговата смрт, да одлучува семејството.

Ова произлегува од член 28 во Законот, каде се вели дека:

Делови од телото од умрено лице заради пресадување може да се земат доколку умреното лице за време на живот изречно писмено со изјава заверена на нотар не се спротивставило на тоа“.

Во истиот член се наведува и дека нема да се земат делови од тело на умрено лице доколку членовите од семејството во рок од шест часа од констатирањето мозочна смрт дадат писмена изјава дека не се согласуваат со тоа. Ова е посебно дискутабилно за претставниците на невладината организација „НЕФРОН“, која ги застапува правата на бубрежно болните:

Значи секој кој не се спротивставува да даде орган по неговата смрт, мора да појде кај нотар, да даде изјава и да плати за тоа, а потоа да ја однесе во друга институција и таа да се прифати. Од аспект на европското искуство, факт е дека се дава привидна предност во земање органи од починато лице, негирајќи ја согласноста на семејството. Не можеме, а да не го почитуваме семејството во чинот кога чувствува најголема болка, семејството ги трпи сите психолошки, социјални, ако сакате и материјални последици од починатиот. Тоа не може да го негираме. Од тие причини, и покрај овој закон, убеден сум дека и моите колеги кои работат на клиниките го почитуваат непишаното правило дека, сепак, со роднините или најблиските разговараат за евентуалното дарителство на орган, иако човекот не се потпишал додека бил жив. Тоа е инверзната гранична согласност“, објаснува примариус доктор Љубинко Трпеноски, претседател на Собранието на Здружението „НЕФРОН“.

За тоа дали треба или не треба согласност од семејството, недоумица има и кај докторите со кои разговаравме. Дел од нив велат дека иако законски не е пропишана согласност од семејството, тие, сепак, не се осмелуваат да земат орган ако претходно не добијат согласност.

По правило, сите оние што не дале изјава оти не се спротивствуваат на земање на органите, автоматски се дарители на органи. Но, бидејќи се работи за прилично емотивен и, во суштина, етички обременет проблем, ние како медицински професионалци не сме се осудиле да земеме орган од починато лице без да разговараме со неговите блиски. Тоа не е законска регулатива, повеќе е етичка регулатива. Ние кога ќе обезбедиме согласност од семејството, дури тогаш пристапуваме кон земање на органите“, вели д-р Нинослав Ивановски од Клиниката за нефрологија.

За разлика од него, за д-р Сашо Дохчев, шеф на Центарот за трансплантација, согласноста од семејството е клучна во земањето органи од починатите, а тоа според него стои и во Законот.

Dohcev MKD

д-р Сашо Дохчев (Фото: МКД.МК)

Органите можат да се земат само со дозвола на починатиот, а последниот збор го има семејството“, дециден е д-р Дохчев. Тој појаснува дека е изготвена листа за кадаверичната трансплатација, на која има околу 80-тина (типизирани) пациенти, но прогнозира дека сигурно има уште над 200 кои немаат жив дарител. Македонија, нагласува Дохчев, во моментов е лидер во поблиското опкружување по извршени трансплантации од жив донатор, а според него, земјава се рангира веднаш зад Хрватска, која е прва во регионот. Но, за кадаверичните трансплантации, Дохчев, како и неговите колеги, сметаат дека се потребни повеќе кампањи за промовирање на вредностите на ваквиот тип трансплантации.

 

Верските заедници резервирани кон трансплантации од мртви лица

Токму согласноста од семејството, која барем во моментов различно се толкува во докторската фела, предизвика сомнежи и кај верските заедници.

Од Македонската православна црква остро се спротивставуваат на тоа секој да биде потенцијален донор на органи.

Ние тоа не го одобруваме. Ние како верски заедници не бевме вклучени во носењето на Законот. Сметаме дека ова не е дозволиво. Секој човек треба да остави согласност дали сака неговите органи да бидат донирани или искористени за медицински цели. Мора законот да се прошири и да го предвиди тоа. Секој од нас треба да остави писмена согласност за донирањето органи. На пример, често се случува, односно се пропишува задолжителна обдукција, што за нас е оставање простор дека нешто може да се случи. Сето ова мора да биде строго контролирано затоа што може да дојде до злоупотреби. Прво, не знаеме дали ќе отидат органите на вистинското место. Второ, не знаеме дали некој не врши со тоа одредена трговија, па дури и да е државата, затоа што може да се случува и тука одреден центар на моќ тоа да го користи за своја лична корист, а никој нема контрола над тоа. Затоа, сметаме дека согласност е добар метод кој треба да се запази“, вели Бобан Митковски, асистент на Богословскиот факултет и шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан.

Црквата, според него, проповеда дека мора да се стави јасна граница за тоа кога е настапена смртта и дали се работи за мозочна смрт, како и тоа дека мора да се прецизира кој ќе биде донаторот. Иако, генерално, МПЦ го одобрува донирањето органи, но под стриктно утврдени критериуми.

И исламот како религија не го одобрува земањето органи од некој доколку човекот не е починат, односно сите негови органи да се мртви.

Земање органи од кадаверот може да се направи само кога дефинитивно е утврдена смртта, е не кога човекот е во мозочна смрт. Треба да се ​​обезбедидозвола дека може да се земе орган од мртвото тело. Ова може да се земе од страна на самата личност, кога тој со негова волја пред да умре, остава порака дека може да му бидат одземени органи од телото, или тоа може да се направи со давање согласност од страна на негови најблиски роднини“, ги објаснува принципите на исламската вера Шабан Сулејмани, професор по исламско право. Но, додава дека најдобро би било доколку личноста даде дозвола за донирање органи уште додека е жива.

Според исламот, на човек може да му се трансплантира орган од кадавер само во ситуација кога не може да се најде некој жив човек да му донира орган и доколку се утврди дека кадаверичната трансплантација е последна останата опција.

 

Педесетина граѓани им понудиле на лекарите бубрег за продажба

 

И додека се чека да заживее кадаверичната трансплантација, граѓаните и натаму ги нудат своите органи на продажба. Над 50-тина граѓани досега го понудиле својот бубрег на доктори со цел од тоа да профитираат. Последниот случај кој тие го обелоденија за „ИНБОКС 7“ е од минатата година. Причините кои ги наведуваат се економски, а се работи за различен профил на луѓе, меѓу кои има и интелектуалци. Цените кои што ги нуделе за своите органи се движат од 20.000 до 30.000 евра.

Постојат обиди луѓето да продадат бубрези. Најмалку педесетина дошле кај мене да понудат бубрег. Се разбира за пари. Сите имаат бизарна приказна од животот во која се плете сиромаштија, но тоа е нешто неспоиво со нас самите. Според она што го зборуваат, дури и бараат да ги поврзам со местата за продажба, што е апсурд“, нагласува д-р Нинослав Ивановски. Во светот, раскажува Ивановски, најмногу илегално органи се продаваат во Турција, Египет, Пакистан, во Индија… Цените се движат од 2.000 до 2.500 долари.

prodavaci na bubreg

Целата процедура чини 30.000 – 40.000 евра која се дели меѓу посредниците и лекарите. Сето тоа е илегална процедура врзана со голем криминал, нешто што е надвор од каков било хуман аспект“, вели Ивановски. Но, додава дека и кај нас бил спречен обид за илегална трговија со органи.

Израелски екипи доаѓаа во еден наврат да ни понудат ние да бидеме болница каде тие би оперирале и каде нас не би требало да не интересира кој болен се трансплатира и од каде ќе донесат дарители. Но, ние тоа го одбивме зошто видовме дека се работи за продажба на органи. Постоеја такви обиди во средината на 90-тите години, но подоцна тоа престана“, дециден е Ивановски.

Во Македонија, одвреме-навреме, на интернет можат да се видат огласи за продажба на бубрег. Законски, ова не се третира како кривично дело, изјавуваат од МВР. Досега не е покрената ниту една кривична пријава во врска со овие огласи.

 

Десетина добиле органи во странство, но и болести меѓу кои и ХИВ

Нема законска можност да се спречи некој да замине во странство и таму да побара или да купи орган. Дел од пациентите кои чекале за орган, очајни побрзо да си ги решат здравствените проблеми, заминале во странство, но оттаму се вратиле со куп проблеми.

Во Македонија, според мојата проценка, има некаде околу 15 луѓе кои имале трансплантации во други земји, како Пакистан, во последно време, Египет и постар случај од Индија. Илегално сосема. Тие пациенти се дојдени кај нас по трансплантацијата и тука продолживме да ги следиме. Но, според проценките, вкупната бројка на наши пациенти кои биле во други земји е меѓу 30 и 40 за целиот период по 90-тите години, од кои повеќето се починати поради компликации поврзани со самата трансплантација. Најчесто се работи за инфективни компликации од бактерии и паразити кои ние тука ги немаме. Пациентите кажуваат дека таму се работело во прилично нехигиенски услови кои не личеле на болнички. Во принцип, тоа е играње со животот. Нормално, пациентите не мислат на ништо друго, но тоа е играње со животот“, раскажува д-р Ивановски.

Според неговиот колега од Клиниката за нефрологија, д-р Игор Иванов, пациентите од странство се вратиле со хепатит Б и Ц , а има и пациент со ХИВ кој го добил со самиот орган.

 

Ослободување од партиципација за секој донатор

Nikola Gruevski

 

Кадаверичната трансплантација се најде и на првата седница на новата Влада. Премиерот Никола Груевски, во интервју за Македонската телевизија, најави дека секој донатор на органи и ткива ќе биде ослободен од партиципација во здравството, додека лекарите и помошниот персонал кои ќе вршат кадаверични трансплантации ќе добиваат посебен празничен надомест.

 

 

 

 

 

Како е уредена кадаверичната трансплантација во Хрватска?

Во Хрватска, земја која е лидер во регионот по кадаверични трансплантации, согласноста за давање органи се подразбира, освен ако граѓанинот додека бил жив не се спротивставил на тоа со писмена изјава која ја поднел до својот доктор. Во Хрватска, секој граѓанин може да добие донаторска картичка со која уште додека е жив се согласува неговите органи по смртта да бидат трансплантирани.

zafirova.zafirova@gmail.com