Денешна дата
08/08/2022

Мачнина

Возејќи кон југот на земјата, наидов на стопер. Слаб средновечен човек чекал некој возач да се смилува за да го земе. Од далечина се гледаше дека животот на кутриот човек подолг период е заробен под канџите на голата мизерија. Во длабочината на неговиот поглед лесно можеше да се прочита тешка животна мака и душевно страдање. Недолжен никому, веројатно единствената грешка му е што морал да живее во едно вакво сурово време. Време кога водачите ја градат сопствената среќа врз колективната несреќа на два милиони луѓе. Време кога спасувањето на водачите е во давењето на народот. Го земав за да размениме по некој збор. Ми кажа дека има тргнато до едно друго село, до кај еден негов роднина, триесетина километри подалеку, за да му побара пет кила брашно, оти фамилијата му гладувала. Дури не беше сигурен дали воопшто неговиот роднина е жив, бидејќи немал можност да го посети две години, но дека ако Господ сè уште му дал век ќе имал голема среќа, ми објасни сопатникот. Оти тој бил дарежлив па можеби ќе му даде цела вреќа брашно.

Се потресов од неговата приказна и наеднаш мислите ми се вратија во моите златни години, кога не знаевме што е тоа сиромаштија. Тогаш по весници можевме да читаме како во Индија, Бангладеш или во Пакистан луѓето ги продава нивните бубрези за голо преживување. Не можевме да претпоставиме дека по неколку деценија тоа нас ќе не снајде. Заглавивме во мрежата на една вечна транзиција, каде што човечкиот живот пропаѓа пропорционално на лидерскиот морал. Обичните луѓе неминовно треба да живеат бедно за тие необичните да живеат раскошно. Оти патриотската лага ни ја определува суровата животна вистина. Но, додека на луѓето од власта им пее Среќата, на обичните луѓе им плаче Несреќата. Приказната за рајот и за пеколот стана наша реалност. Моралот си молчи и кај религиите кои би требало да бидат лулка на етиката. Но, познато е дека таму каде што слетува Неморалот веднаш полетува Моралот. Верските водачи нашле нови богови. Богови духовно сиромашни ама материјално богати. Сопатникот вели дека живее од три илјади денари месечно како социјална помош. Па за да преживее мора да собере некаква маковина (мов кој мачно се собирал). Биле потребни околу десет часа за да се собере три кила маковина, за која не можете да добиете повеќе од шеесет денари. Или кило и пол брашно, како што вели мојот соговорник.

Премиерот со години нè убедуваше дека ќе сме можеле економски да се развиеме и без НАТО и ЕУ. А потоа тие ќе нè молеле за да им се приклучиме! Ветуваше економски бум, а ни се случи социјален бум. Сега бројката на несреќници се приближува кон севкупната бројка на жителите во државата. Ама власта знае дека ние имаме кратко паметење. Ќе уфрли една „патриотска“ коска и сè ќе биде по неа. Никако да се освестиме дека што подолг живот на ваква власт толку пократок живот за нас.

На рационалните луѓе им преостанува очајно да се молат: – Господе, чувај нè од вакво владеење што подига споменици, а урива луѓе; што се повикува на Бога, а ја убива духовноста во нас; што слободата на говорот ја третира како убиство на вистината; што гради висок рејтинг со помош на ниски вредности; чувај нè од владеење кое е поддржувано од „хајкашки“ и „ушкачки“ новинари и медиуми; власт на која хипокризична поддршка ѝ даваат свештеници, научници, академици и политички отпадници; чувај нè од владеење на кое му пеат поети со сатански стихови; од владеење кое од стравот за губењето на власт си го губи разумот. Но, Господе, пред сè, чувај нè од нас самите, оти многу се гордееме со водачи од кои нормалниот свет се срами.

НАТО ни прати абер дека треба да останеме со Грузија. Не претекнаа сите држави на регионот. Власта и опозицијата почнаа со разговори без медијаторство. Груевски вели дека проблемите се вештачки. Опозицијата била проблем, а гебелистичките медиуми стотина пати тоа го повторуваат. Нелогично е да помислите дека пироман може да биде добар пожарникар. Како што крадецот не може да биде добар полицаец. Но, кај нас сè е можно! Среќна е таа власт која има ваков народ. Што волк ќе е тој што живее во нашите души?!

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk