Денешна дата
02/07/2022

Шест доживотни робии за обвинетите за масакрот кај Смиљковци

Шест доживотни казни затвор им изрече денеска Основниот суд Скопје1 на шестмина од седумтемина обвинети за убиството на петмината скопјани кај Смилковското езеро во април 2012 година на Велигден

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута ќе треба да го поминат остатокот на животот зад решетки по одлуката на Основниот суд Скопје 1 да ги осуди на доживотна казна затвор за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, кај Смилковското Езеро, близу Скопје. Шестмина од седумте обвинети се осудени за тероризам, а според обвинителството,мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. На обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ пресудата им беше изречена во отсуство затоа што се уште не се екстрадирани од Косово, каде што одлежуваат казна затвор за недозволено поседување оружје.

Судијата Ивица Стефановски во образложението на пресудата, меѓу другото рече дека овој настан ја згрози целата македонска јавност без оглед на верската ина етничката припадност и додаде дека ова не треба да го доведе во прашање соживотот.

„Без разлика на тоа што обвинетите и осомничените се од различна етничка припадност тоа не треба да го доведе во прашање соживотот во Македонија. Судот ја донесе пресудата врз основа на закон и врз основа на доказите, а не врз основа на емоции“, рече судијата Стефановски

Роднините тврдат дека судијата судел по желба на власта

Ваквата одлука на судот предизвика бура од емоции кај роднините на осудените кои велат дека обвинетите биле осудени уште пред почетокот на судењето.

„Брат ми беше осуден уште пред да излезе пред истражен судија. Медиумите пренесоа дека е обвинет. Тоа докажува дека судијата само ги исполнува желбите на врвот на државата. Ова е голема неправда. Не води кон никаде. Што ако ги осудија? Дали на душата на семејството им лежи ако осудат невини луѓе? Ќе се задоволи ли правдата? Според мене, не. Нив не ги интересира правдата туку што побргу се заврши работата. Се случи тоа што беше објавено на 1 мај 2012 година“, изјави Петрит Ајдари, брат на осудениот Фејзи Ајдари.

Роднините на осудените не ја исклучуваат можноста за нови протести а адвокатите најавуваат жалба на пресудата.

„Мислам дека ние сме далеку од независно судство, а тоа го покажа токму оваа пресуда. И самиот речник што го употреби судијата кога го употреби терминот „фрла сомнение“ покажува дека е нарушено начелото дека сомненијата секогаш одат во прилог на обвинетите. Пресудата е неоснована и не е базирана врз никакви докази. Вон судски ниту сме презеле нешто ниту планираме да преземеме нешто. Ќе одиме по ред, не знам дали ќе реагираме вонинституционално. Ќе се жалиме на пресудата и мислам дека ваквата пресуда ќе се укине“, изјави непосредно по изрекувањето на пресудата,  адвокатот Насер Рауфи.

Седмообвинетиот Сејди Рами, пак, беше ослободен од вината поради немање доволно докази. Рами беше обвинет дека помагал во случајот и дека чувал стража на местото на убиството.

Завршните зборови ја зовреа атмосферата

Завршните зборови на обвинителката Гордана Гешковска, „пораката е – пукаме на Велики Четврток за да ви биде крвав Велигден. Убиваме машки деца за да ви ги уништиме верата и иднината” предизвикаа остри реакции од семејствата на обвинетите, кои протестираа поради ова. Реагираат и невладините организации.

Хелсиншкиот комитет констатира дека станува збор за несоодветно изразување и според нив, “очигледна е тенденцијата на популаризирање на овој случај во оваа насока, кој обвинителството го квалификува како кривично дело тероризам”.

„Истакнувањето на мотивите за сторување на кривичното дело, преку конципирање на реченици како да ги кажале самите обвинети, кои лесно може да предизвикаат страв и несигурност кај населението, лесно може да бидат и мотив за предизвикување на меѓуетнички тензии меѓу двете најголеми етнички заедници во земјава. Од насловите на известувањата на одредени медиуми може да се забележи дека завршните зборови се пренесени како самите обвинети да ги имаат кажано речениците на обвинителството, што особено придонесува за создавање на непријателска и тензична атмосфера, која понатаму може да резултира во меѓуетнички инциденти“, велат од Хелсиншки комитет.

Според обвинението, а врз основа на кое денеска беа осудени шестмина обвинети а еден беше ослободен од вина, Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до Смиљковското езеро. Тој заедно со Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште тројца непознати луѓе пред убиството го разгледувале теренот, регистрирале колку луѓе доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од местото . Според обвинителството, директни извршители на убиството се Алил Демири и браќата Исмаиловиќ кои истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри пукале во телата на момчиња Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски.

По ова тројца од нив, заедно со уште двајца непознати веднаш избегале со возило „опел омега“, а Агим Исмаиловиќ избегал со друго возило и со други две непознати лица. Сејди Рами бил помагач во случајот и го организирал бегството на Демири и на Исмаиловиќ во Косово.

Осудените имаат право на жалба до скопскиот Апелациски суд кој на јавна седница ќе треба да одлучи дали пресудата на Основниот суд Скопје 1 ќе ја потврди, ќе ја преиначи или ќе ја укине и случајот ќе го врати на повторно судење.

 

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk