Денешна дата
02/07/2022

УСТАВНИ ПРОМЕНИ – ЛЕГАЛИЗАЦИЈА И АМНЕСТИЈА НА КАПИТАЛ (Меѓународна берза 3)

Секоја политичка генерација се соочува со предизвицитена значењето, неприкосновеноста и применливоста на Уставот. Авторите на сегашниот конституционален акт, само 40 месеци по неговото донесување на крајот од 1991 година, поради Спогодбата со Грција, беа принудени лесно да променат две негови клучни одредби, пред сè, правото за заштита на малцинските права на Македонците во соседството. Во првата декада на неговата важност, Владата на Георгиевски беше задолжена за нови амандмани според обврските од Рамковниот договор, како уставно институционализирање на новиот модел на меѓуетничките односи.

Најновото новелирање што го предлага актуелниот владин кабинет е невообичаен и изненадувачки пакет за правно-економски и социјално-статусни промени, што не е најавуван во изборната програма на владејачката коалиција. Тоа доаѓа во време на парламентарна криза, со отсуството на опозицијата од активната политичка сцена, со грогиран СДСМ. По „црниот понеделник“ во Собранието и тогашното апстинирање на опозицијата, Владата, со нејзината парламентарна гласачка машинерија, експресно и некритички усвои пакет од над 100-тина закони. Од позиција на авторитарна моќ, среде дијалог за решавање на политичката затегнатост, власта избра конспиративност во најавата и во подготовките за уставно прекројување.

Оваа одлука има по една значајна порака за меѓународната, но и за домашната јавност.

Лесното посегнување за нови амандмани во Уставот им остава простор за надеж на Грците дека во иста процедура, со двотретинско парламентарно мнозинство, може да се изведе и евентуалното инкорпорирање на решенијата околу името, во највисокиот акт на Македонија. Промената на името на Народна во Банка на Македонија, само привидно е техничко. Тоа може да биде и абер кон соседот кому му е важно да ги снема придавките во означувањето на националниот идентитетски код. Преименување на Централната во Банка на Македонија беше предложено во завршницата на амандманската дебата пред усвојување на сегашниот Устав. Да не се залажуваме, ваква иницијатива веќе беше адресирана од албанскиот фактор во државата. Оваа формула на преименување отвора можност за обнова на барањата: МАНУ да биде АНУМ,  Академија на науката и уметноста на Македонија или на МРТ во Радио-телевизија на Македонија, што е инаку и сегашна шпица на вториот, етничкиот, канал на јавниот сервис – Радио-телевизија на Македонија(RTM). Има и други симптоматични паралели за тивко обезвреднување на атрибутите на македонскиот национален идентитет и негова замена во државен.

На домашен план, Премиерот Груевски и овој пат успешно менаџира со вербалниот политички и демагошки екстремизам на ДУИ. Брзата и бланко поддршка од интегративците за најавените уставни амандмани значи дека тие„заборавија“ на амандмани за албанскиот јазик како втор официјален јазик, за избор на претседател во Собранието со двојно мнозинство, примена на Бадентеровиот принцип во судството, вклучувајќи ги и предизборните блефирања за консензуален Претседател на државата.

Што да се прави? Мејнстрим либералите ни велат дека мораме да се соединиме зад сите либерално-демократски агенди на културна толеранција кога се загрозени основните демократски вредности, дека мораме да го спасиме она кое може да се спаси и да ги оставиме на страна сништата за радикална општествена трансформација. Речено ни е дека нашата задача е јасна: мораме да избереме помеѓу либералната слобода и фундаменталистичката репресија.

Прашањето и одговорот се напишани за лондонски „Гардијан“ од познатиот словенечки и светски филозоф др. Славој Жижек.

„Уставното ограничување на државното задолжување е современ тренд, со него се зголемува стабилноста на економскиот систем“. Вака гувернерот на Народната банка го коментира владиниот предлог за определување на максималниот износ на дефицитот на 3% и на вкупниот долг на 60% од БДП со интервенција во највисокиот правен акт. Уште не се излади изјавата на Богов и се соочивме со информацијата од Народнабанка дека…во првиот квартал од годинава во однос на последниот квартал од лани,брутоадворешниот долг на Македoнија се зголемил за 407 милиони евра. И паралелата со западните искуства е половична. Најмалку десет членки на Унијата имаат од над 80% до 300% (Грција) надворешен долг, половината од Г-20 најбогати, исто така, се над предложениот македонски уставен лимит, а најмоќните САД и Јапонија имаат над 130 до фантастични 250 проценти јавен долг. Но прашањето на овие економски џинови не е во висината, туку во способноста да се сервисира, но, пред сè, да се дисперзира нивниот долг кон немоќните финансиски држави.

За добронамерноста на идејата за ограничување на задолжувањата во име на државата, а врз грбот од генерациите, оваа Влада треба, најпрвин, преку странска експертиза и финансиски ревизор, да соопшти колку е дефакто вкупниот долг, вклучувајќи ги локалните власти и јавните претпријатија. Уставното лимитирање на јавниот долг и буџетскиот дефицит поитаа да ги глорификуваат професорско-експертските и мејнстрим поддржувачите на ефектите од уставните промени во финансиската сфера. Дали тие знаат колку е навистина јавниот долг  на државата со с(о)криените дубиози  на локалните власти, јавните претпријатија? Зарем така збран не е далеку над објавените 34,4 отсто од БОП?! Ако професорите, а не јавноста, знаат колку е вкупниот борч, зошто тоа не го соопштуваат?  Доколку не знаат или се блокирани во транспарентноста, како тоа не го истражуваат? И за крај, како нова дилема за уставните измени! Што ако се исполни цензусот од страна на оваа Влада? Кој и како, со ваков уставен цензус ќе ги санира финансиските последици од прекумерното трошење на националните богатства и буџетските ресурси? Ако е тоа обврска за идните генерации, зошто на референдум не се прашаат тие што ќе треба да ги отплаќаат хировите на една неурамнотежена социјално-популистичка економска политика?

Третиот предлог за измени во економскиот дел на Уставот, кој го изготви Владата, е формирање слободни финансиски зони,што би требало да привлечат инвеститори од овој сектор.

Кој? Од каде? Како?

Од Македонија илегално се изнесуваат во странство во просек по 550 милиони долари годишно. „Глобал фајненшел интегрити“ (Global Financial Integrity) од Вашингтон, анализира дека вкупно за периодот од 2002 до 2011 година, односно за десет години, од земјава, преку илегалните трансфери, се испрани вкупно 5,5 милијарди долари. Во последната истражувана 2011 година, од земјава илегално биле изнесени 934 милиони долари.
Со вештината финансиски да менаџира, Груевски сака да профитира од „багателењето“ на Унијата со европската кандидатура и статус на Македонија. Не случајно е ненадејниот наплив на моќни германски концерни во слободните економски зони. Изгледа и на Брисел му треба нов финансиски Кипар, на банкарите од Запад нов банкарски Бејрут, па шансата се гледа во наплив од руски, турско-арапски, италијански, па и далечно-источен капитал кој се легализира низ одделни финансиски коридори и во Македонија.

Како што Црвенковски ја создаде сопствената олигархија и стана нејзина жртва, така и Груевски сега е под пресија на вмровските тајкуни. Но тие се пософистицирани и помоќни. Продукцијата на серија амандмани, со амин на ДУИ, е обид за да се сокријат основните политичко-економски мотиви на новите уставни решенија. Тие Македонија би ја претвориле во даночен рај и дестинација за инсталирање на инвестициските фондови, чии акционерски капитал е анонимен, а преку нив да се врати одлеаниот капитал од Македонија.

Ете софистицирана варијанта за амнестија на посттранзициското и криминалното стекнато богатство во Македонија.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)