Денешна дата
08/08/2022

Протест: Или филтри или катанец за „Макстил“

„Стоп на загадувањето“, „Сакаме чист воздух“, со вакви пароли жителите на Железара продефилираа пред гигантот загадувач Макстил. Тие побараа железара да стави филтри или да ја стопира работата. Сепак, Владата го продолжи рокот за еко-дозволите за шест месеци и работењето на Макстил не е спорно до први октомври. Светска банка ја рангираше земјава на високото петто место по смртност од загадувањето

Жителите на скопската населба Железара по трет пат излегоа на улица и, како што рекоа, во името на сите граѓаните на Скопје, побраа да запре загадувањето на воздухот.

Околу двесте активисти и граѓани со транспаренти в раце „Стоп на загадувањето“ потенцираа дека главниот загадувач на населбата е гигантот Макстил каде покрај железо се топат и разни отпадни материјали кои предизвикуваат облаци чад.

Не можеме да се видиме меѓу себе од густиот чад. Сега наместо од 18 часот железарницата работи од 21 часот навечер до раните утрински часови, се со цел да не се види чадот кој излегува од оџаците на Макстил“, изјави еден млад жител на Железара, чиј дедо работел во топилницата.

Не можеме да ги отвориме прозорците поради згадувањето од фабриката, во овие жешки летни денови, здравјето ни е нарушено, растенијата се уништени“, велат граѓани на Железара.

Жителите на оваа скопска населба организирани преку социјалните мрежи бараат да запре со работа фабриката и итно да престане да ги труе, односно да се постават филтрите пропишани со закон.

Министерот за животна средина Абдулаќим Адеми го заврши својот мандат со непопуларната мерка за шестмесечно пролонгирање на рокот за поставување на филтри на големите загадувачи. Актуелниот министер Нурхан Изаири се уште не коментира бидејќи немал доволно информации од терен.

Макстил и Југохром добија половина година за да ги воведат интегрираните еколошки дозволи, но Владата му наложи на Државниот инспекторат за екологија да изрече казни кон овие две компании согласно Законот за екологија во висина од повеќе стотици илјади евра, и да им наложи на компаниите најдоцна до 31.10.2014 да ги комплетираат сите технолошки процеси.

 

Во соопштението кое Владата го објави на ден пред истекот на рокот (31.03.2014) се вели:

Се разгледуваат и опциите кои се содржат во законите, на овие две компании да им биде наложено во овој период од 6 месеци нивните капацитети да работат со намалено производство, што значи и намалена емисија на гасови, а во исто време да нема отпуштање од работа на работници од компаниите“.

 

Се работи за еколошки дозволи согласно европските регулативи, а кои треба да гарантираат дека индустриските капаците нема да ја загадуваат животната средина.

Досега интегрираните еколошки дозволи ги имаат воведено сите останати поголеми компании, како Алкалоид, Фени, топлификација, Саса,  скопската цементарница.

ДОМ: Загадувачите профитираат врз здравјето на граѓаните

Макстил и Југохром се единствените големи загадувачи што не прифаќаат еколошки дијалог, тврдат од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) и бараат средба со претставници на овие две фабрики.

ДОМ бара средба со менџментот на овие фирми, во присуство на невладини организации и граѓани, за да се соочат аргументите и да се излезе од зачадениот тунел. Доколку, пак, продолжи нивниот арогантен однос, ДОМ бара Инспекторатот за животна средина да изрече забрана за работење. Загадувачите што не сакаа навремено да вложат во свое еколошко прилагодување, треба сега да сопрат со работењето и да не спасат од ерупциите на отровни материи“, се наведува во писменото соопштение од ДОМ.

Од партијата велат дека „Макстил“ и „Југохром“ не го извршиле еколошкото прилагодување. И дека на нив не делуваат ни изречените казни, ни апелите на граѓаните и дека продолжуваат со загадување, правејќи профит врз здравјето на сите граѓани.

 

 

 

Светска банка: Македонија петта по смртните случаи

Македонија е на прво место на листата на Светска банката (СБ) според изложеноста на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Веднаш зад нас е Србија, а потоа следуваат Романија, Бугарија и Малта.

Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од ПМ10 честичките.

Македонија е една од најзагадените во Европа, стои и во последниот извештај “Зелен раст”, според кој суспендираните честички се причина за над 1.350 смртни случаи во Македонија годишно и изгубени илјадници работни денови, а тоа државата ја чини 253 милиони евра, или 3,2 процента од бруто домашниот производ.

Прераната смртност се појавува од кардиопулмонарни заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ10 и ПМ25 до европските гранични вредности, ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно“, стои во извештајот на СБ.

Светска банка препорачува дека намалувањето на загадувањето на воздухот е можно со употреба на расположливи технологии во индустријата и во патниот сектор и со помош на владини програми за поддршка на употреба на модерни ефикасни апарати за готвење во домаќинството.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk