Денешна дата
16/08/2022

Првиот пат Груевски, овој пат ниту Заев не се појави на судење

Ниту премиерот Никола Груевски ниту лидерот на опозицијата Зоран Заев денеска не се појавија во Основниот суд Скопје 2 во кој започна подготвителното рочиште по тужбата за навреда и клевета која што Груевски ја поднесе против Заев за случајот „Македонска банка“. Премиерот е во работна посета на Хонг Конг, а Заев учествува на првата трибина од дејствувањето надвор од институциите која денеска се одржува во Скопје

На второто судско рочиште кое се одржа денеска, присутни беа само бранителите на Груевски и Заев кои во поголем дел од рочиштето се расправаа и си приговараа за тоа дали, кој и кога примил докази или не.

„Тужената страна го злоупотребува процесното право и се обидува по секоја цена да го одложи процесот што според мене докажува дека тие не се подготвени да се соочат со судот. Ова тврдење го базирам и на обидот на ист начин поради доставување на поднесоци на тужбата да се одложи и првото рочиште“, истакна Никола Додевски адвокатот на Груевски.

Адвокатот на Заев, Филип Медарски побара одложување на рочиштето бидејќи како што истакна тужениот добил нови докази непосредно пред да влезат во судница, но и затоа што сè уште не е правосилно решението на Обвинителството за организиран криминал и корупција за одбивање на кривичната пријава поднесена од страна на СДСМ. Судот ги одби ваквите предлози и донесе решение за отпочнување на подготвителното рочиште, а на туженета страна и даде можност за новите докази да се произнесе подоцна во текот на постапката.

Груевски го тужи Заев клевета и навреда бидејќи, како што тврди тој, не учествувал и не зел поткуп од 1,5 милиони евра при продажбата „Македонска банка“. Премиерот Груевски бара половина милион евра отштета.

opetceska@inbox7.mk