Денешна дата
08/08/2022

Груевски и Ахмети ќе не бранат со водени топови

Лесно е да ја пуштиш полицијата да потопи (или да потепа) половина демонстранти, но тешко е да ја одржиш довербата кај народот. Лесно е да кренеш камен и да уништиш зграда, живот, да запалиш контејнер, полн со ѓубре. И при тоа да тврдиш дека бараш правда – со вакви средства и насилство тешко ќе дојдеш до неа

Кога пред 13 години решивме да го амнестираме, да го закопаме и да си го простиме злосторството од 2001 година во договор потпишан во Охрид, како гарант декаживотот на Македонците и на Албанците во Македонија ќе се крене од почеток, навистина сакав да верувам дека ќе биде така. И дека Македонија, тогаш, се уште стаклената куќа на примирјето, ќе ги удри темелите на цврстата градба. Во тоа време, на сличен начин, политичарите потписници на договорот, го лажеа народот. Тие не лажеа, ама чесниот граѓанин сакаше да верува дека навистина ќе ги оставиме зад себе жариштата на војната, сета болка по изгубените животи од двете страни, урнатата доверба и огромните ѕидишта кренати од нетрпеливост и омраза. Дека животот едни покрај други ќе го изградиме во живот на едни со други, во живот на Албанци со Македонци, зошто бројот на таквите беше и се уште е огромен. Се уште се мнозинство тие што веруваат, наспроти купот хулигани и вандали што сакаат да ги искршат темелите на заедничкиот живот, па почнуваат со кршење на контејнерите за комунален отпад.       Можеби не беше фер што во приказната од пред 13 години посакував таква идила, наместо да верувам дека ќе ни се случи тоа – живот едни со други. Тогаш, таква беше реалоста, а и сега е исто. И сега некој повторно сака да ни смести крваво сценаријо. И да не втурне во нова војна, за која сметавме дека е само избледена слика во која се напрегаме да видиме подобро и да се потсетиме на едно одамна минато премрежје меѓу Македонците и Албанците прашуваќи се:

Кој сака војна? УЧК? Ветераните на УЧК ? А, која беше таа УЧК?

Филмот „УЧК во нафталин“, се уште нема премиера, затоа што Македонија секогаш ќе биде мета на погани заговори, на ѓаволски сценарија.

Сега „Монструм“ ни подготвува војна.

Британците и Американците во земјава и оние што сакаат да ја посетат во текот на јули добија сериозно предупредување од амбасадата на Велика Британија во Македонија и од Стејт департментот. Кога го чита човек коса на глава да му се крене. Па, такви предупредувачки вести зазакани од тероризам странските амбасади испраќаа во Палестина, Украина, во Авганистан. Кога ги урнаа близначките.

Ќе има ли војна? Во западна ли Македонија? Тоа се првите прашања што му паѓаат на ум на македонскиот граѓанин кој во недолично и предолго (цели четири дена по протестите во Скопје) отсуство на лидерите се освестува и се информира од пусулчињата на странските амбасади. А, да не претеруваат странциве? Да не сеат ветер и магла? Страв? Пак, ли ќе го плашат мирниот Албанец и мирниот Македонец, со УЧК?   Кој да им верува на странците, кога лидерите кулираат. Мрви ладни- едниот отвора Скејт парк и одговара на новинарски прашања за „Монструм“ (Никола Груевски), а другиов (Али Ахмети) реши да се појави и да се прогласи, откако ги остави  демонстрантите да глумат верници и инструирани после молитва во џамија среде рамазански пости да направат ршум низ Скопје. Какви се овие верници? Веруваат ли во Алах?

Не знам само како се погоди азиската турнеја на премиерот во исто време со пресудата за „Монструм“. Па, додека го чекавме да ни каже дека нема да дозволи протестите да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите, Основниот суд веќе беше загрозен. Уште позагрозен е интересот на граѓаните за спокоен и мирен живот додека фрчат камења, закани, непристојни предлози од ветерани што несебично се нудат да ги одбранат браќата во Македонија од „репресијата што ја трпи албанскиот граѓанин“ во „политички монтираниот случај Монструм”.

Додуша, Ахмети, беше цврсто поддржан од амбасадорот Волерс во прогласот дека ќе бара меѓународна експертиза на случајот „Монструм“.

Политичарот што цело време беше во длабок ров додека таканаречените верници ( верници што го превртеа Скопје наопаку) каменуваа се живо пред себе, по хаосот излезе со поддршка на семејствата на осудените на доживотна робија и барање за преиспитување на случајот од страна на странците. Каде беше Ахмети кога се случуваше нередот, кога излегоа гневот и насилството на улица? Ги чекаше насилниците во Мала Речица? Го исплаши тој наплив на гнев, кој од улицата поради недовербата во македонското судство се претвори во револт против владеењето на неговата ДУИ? Тоа ли го исплаши и го натера да излезе од под јорган и експресно да побара меѓународна експертиза за „Монструм“. А, во меѓувреме нека гори и Струга, и Тетово, и Бит пазар…… Само да е фитилот подалеку од Речица.

Ахмети и Груевски, наместо  да фрлат кофа ладна вода на запалените демонстранти, го оставија огнот да гори, како и многу пати претходно. Кога гореше во Ѓорче Петров, кога гореше на Велигден, во Радишани, после Сопот. Или кога Британците и Американците ни велат дека во јули ќе гори во западна Македонија. Не верувам дека странските разузнавачки служби се исплашија од двете илјади демонстранти во Скопје или од оние во Струга. Имаат ли сознанија за терористички напади? Зошто предупредуваат на опасност од тероризам? Сценаријо е ова, или реална закана?

На овие прашања очекуваат одговор и Македонците и Албанците, граѓаните кои не сакаат воскреснување на УЧК во Македонија и кои правдата се научија да ја бараат во институциите.

На чекор до војна бевме и кога беа масакрирани петте невини момчиња на Велигден, кај кобното Смиљковско Езеро. Тогаш победи разумот и довербата во институциите. Не верувам дека не спасија водените топови и солзавци.

Народот има право своето незадоволство, револт и недоверба да го искаже на мирни протести, како што впрочем и беше најавено по пресудата за „Монструм“ и како што можевме да видиме и на улиците на Скопје, пред да нападне вандализмот. И тогаш, многу е тешко да се контролира гневот ослободен на улица?

Ахмети, пак, исто како и бесната толпа на улица изјавува без око да му трепне дека не верува во институциите. Ако мислел на контроверзниот случај „Сопот“, треба јасно да го каже тоа.

Контрадикторен и многу опасен чекор на лидерот на ДУИ е барањето за меѓународна експертиза. На такво барање сосема легитимно право имаат роднините на семејствата на шестемина осудени на доживотен затвор, бранителите на осудениците. Кога тоа го бара политичкиот лидер кој е дел од власта и кој сакаќи да даде лажна слика дека нема влијание врз судската власт со тоа што ќе седи настрана го прави сосема спротивното – не само што долева уште толку масло на огнот, туку во еден потег ни наметнува илјада прашалници – исполитизирано ли ни е судството, заробено ли е во канџите на коалицискиот партнер и затоа треба да дојдат странци да ни судат и пресудуваат? На ваквиот политичар, неговите опоненти од ДПА би му препорачале веднаш да си оди. Што седи ако не верува во власта, чиј чинител е и тој со неговата партија и ако не е способен заедно со Груевски да договорат градење на институционален систем во кој ќе веруваат граѓаните. Башка што многу тешко им оди во убедувањето дека судската власт е независна. Со лажната слика направена од молк и во стилот „нисам одавде“, додека толпата и полицијата очи си вадат на улица, не се докажува политичката невиност во случајот „независно судство“.

Ниту, пак, такво судство се гради со трчање по експертизи низ белиот свет, по секоја донесена судска пресуда. А, најмалку со игнорирање на некакви си милитантни и озлогласени терористички организации кои секогаш ќе си најдат интерес во пролеаната крв во Македонија. А, тоа, никогаш нема да биде во интерес на македонските граѓани, туку ќе ни оди на душа на сите – и на Македонците и на Албанците, ако дозволиме, пак, да не имаат како статисти во лошиот и вознемирувачки филм.

Лесно е да ја пуштиш полицијата да потопи (или  да потепа) половина демонстранти, но тешко е да ја одржиш довербата кај народот. Лесно е да кренеш камен и да уништиш зграда, живот, да запалиш контејнер, полн со ѓубре тој лесно гори. И при тоа да тврдиш дека бараш правда – со вакви средства и насилство тешко ќе дојдеш до неа.