Денешна дата
28/11/2022

НИМИЦ – КАДЕ ПЛОВИ НОСАЧОТ НА АВИОНИ? (Меѓународна берза 4)

На одмор сум во Грција. Патриотите би рекле – замина предавникот.

Досега немаше глас од власта да не се оди кај соседот. Во ек на една таква минатогодишна директива, еден скопски градоначалник и еден влијателен министер, од ударната тупаница на ДПМНЕ, по локалните избори, со своите мали деца летуваа на Халкидики. Скришум. Немаше скандал, зашто новинарите имаат разбирање за влијанието на сонцето врз растот на малите деца и нивните неискусни родители.

Две години по ред, седам крај преполните барови на плажите на Касандра и со чип на политички воајер ги набљудувам младите грчки моми. Тие витки и згодни, модерни и кокетни… Крај нив продуховени и мускулести момчиња. Диско ритам на хитовите од мојата доба, во обработка на диџеј. И најновите светски вокали. Тоа би била естетика на новото време за која Адорно има речено дека треба да ја „подигне дијафрагмата…“ Нема сиртаки, нема „Јоргоооооо-ела едосиму“. На двата крајбрежни молови, на десната страна од плажите, како по правило, оптегнати и ТИЕ – ЛГБТИ (хомосексуалците, се извинувам). Но интернет нема на плажите, во пансионите… се наплаќа во хотелите. Ова е Грција на демохристијанинот Самарас, кој не ми го признава македонскиот јазик. Таа гласна порака од Брисел е корисна за 22% од неговите приврзаници дома. Со неговата политичка лингвистика и не мора да знае за десетиците илјади авторства на македонскиот литературен јазик, да чул за Мисирков, Миладинов, Венко или Рацин. За него не е ни битно што еден грчки поет е ловороносец на Струшките вечери на поезијата, дека друг исклучително талентиран Македонец е ловороносец во Атина. За Сердарот на Прличев станува збор, иако победата на оваа поема е извојувана со грчки оригинал.

Во понеделникот излегов од Богородица. Преку овој граничен премин, пред 40 години, бегав и предвреме се вратив од летниот одмор. Пред налетот од можна грчко-турска војна, испровоцирана од хунтата во Атина, се разминувавме со испаничени Грци од северот, кои патуваа кон југоистокот од земјата. Тие во страв, ние во паника. Летував со колеги чии родители, барем некои од нив, беа дел од објавениот Проглас на тогашниот ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија). И тоа беше некое квази-комунистичко граѓанско движње, што се покажа неуспешно. Со него се повикуваа граѓаните да не одат во Грција, поради малтретирањето со визите. Ние велевме Солун, тие во конзулатот пишуваа Тесалоники. И тоа е само транскрипција. Но и во Македонија имаше налудничави политичари кои велеа дека актуелниот литературен јазик во постфашистичка Грција е замена за староантичкиот.

Воената психоза кај исплашените Грци стивна откако Вашингтон се повика на член 5 од Повелбата на НАТО. САД не можеа да си дозволат билатерален судир, војна на членки од стратешкото јужно крило на Алијансата. Потоа падна хунтата, се врати демократијата кај јужниот сосед, а тамошните социјалисти и новодемократи постигнаа консензус за грчките надворешно-политички приоритети.

Во тоа време, скришум и задоцнето, но и свесно темпирано, се пробиваа и првите информации дека Претседателот Труман уште 1952 година ја формирал НСА, најмистериозната разузнавачка агенција. Со доктрина од седум странци и агенда да се заштитат тајните комуникации на Владата на САД.

„Сузан му кажа на Дејвид за ЦОМИНТ, одделот за глобално набљудување – збир на места за прислушување, сателити, шпиони низ целиот свет од кој запира умот. Илјадници коминикеа и разговори секојдневно се пресретнувани и беа испраќани кај аналитичарите на НСА…

Мислев дека со „Дигитална тврдина“ на Ден Браун, што пред три години подеднакво ги воодушеви и патриотите и параноиците, ќе можам да се разладам крај Егејот.

Веќе и не ми е провокација да видам какви инсталации има и што се крие во депоата и тунелите на американската амбасада под Кале, длабоко внатре во ископините на тврдината. Доволно е што прочитав македонска новинарска анализа која одеднаш ја проблематизира одлуката на Владата во Скопје да влезе во шпионската мрежа на САД и „без нужна транспарентност да ѝ дозволи на американската држава да се вмрежи во оптичките кабли и непречено да врши шпионирање“.

Но авторот на „Кодот на Да Винчи“ за миг ме однесе во колоната од неколку илјади македонски властодршци, кои како македонски патриоти, на 3 јули, трпеливо чекаа по два часа да се поздрават со амбасадорот Волерс… Лицемерството го гледав и преку долгите ТВ-прикази и фотогалерии кај медиумите што до вчера беа во антиамериканска хистерија. Но и амбасадорот не ме чуди што седна со тв-пиромани, што заборави на огнот во американската резиденција на „Илинденска“! Зошто би можел да го очекувам и во трлото од кози на „вљубениот“ воВолерс. Тоа е политиката на Стејт департментот – да ги придобива противниците, да ги спојува поларитетите. Со или без покани.

Покрај трилерот од Ден Браун, го земав и весникот од каде стигнуваа директивите на кинеската четворка во македонското новинарство, против слободомислечките пишувачи. Деновиве серијал за уставните измени „како постизборен преврат во Македонија“. Читам и не верувам. Зарем журналистичките бодигарди и глорификатори на Груевски, по само осум години, повеќе не му веруваат на Премиерот?

Критиките за уставните измени, по тајминг и по опфат, ги соопштив во Инбокс 7, една недела пред првите новинарски редови и анализи на владиниот мејнстрим од кафулето на Аминта 3. Особено симтоматичното отворање на Уставот преку „бенигното“ преименување на Народна во Банка на Македонија и промена на изгледот на домашниот денар? Зарем е тоа предвестување на добра волја за компромис со Грција, според рецептурата на шатл дипломатија на Холбрук од 95-тата година. Зарем се менуваат ролјите – противниците на политиката на популизам да го бранат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ?

Слушам и не ми се верува. Преку Слободна Европа, гласот на Америка, две едноподруго интервјуа, на екс-министри за надворешни работи. Лутите противници Фрчкоски и Милошоски со ист став – ни треба посредништво на САД и влијателните луѓе од ЕУ за модерирање во решавањето на спорот со Грција?! Ете конзенсус за НАТО, за интегрирање на македонските припадници на подвитканата кичма и патриоти-националистите, кои до смрт, пред домашната гласачка машинерија, ќе ги бранат македонскиот идентитет и јазик. А Банката на Македонија, што со неа? Зарем немо ќе ги следи тековите на парите во слободните финансиски зони? Тоа се нарекува перење пари, според д-р Миодраг Лабовиќ. Толку.

Американците, Германците и Британците не сакаат многу емоции. Решенија. Ако ги сакаат, ги имаат.

Доаѓа Нимиц. Но, каде плови истоимениот (нај)голем носач на авиони? Македонија (не)има море.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)