Денешна дата
08/08/2022

Кон поделбата

Нашето политичко организирање страда од основен морал. Моралот е мерило на самоодговорноста, самоконтролата и пожртвуваноста за општите потреби и вредности. Високиот морал е над материјалните и духовните искушенија, додека нискиот морал подлежи под нив. Кој (не)морал е тој што и партиите на Албанците ги натера да бидат потчинети на некој антички Санчо Панчо, кој сите луѓе ги терал да се борат со ветерниците. Додека тие што ги добија нивните гласови исчезнуваа заедно со ветерот, а албанската опозиција секогаш се вртеше накај што дува ветерот. Албанскиот фактор цело време молчи. Во име на која политичка прагматика се прави тоа, кога од вселената се гледа дека Груевски се користи со национализам за да ја зацврсти личната власт? Овие партии ги затвораа очите кога најмногу требаа да ги држат отворени. Ги затнаа ушите кога најмногу требаа да ги држат незатнати. Толкав почит кон национализмот на Груевски наведе до колективна помисла кај Албанците дека или се работи за голем личен интерес или овие лидери сакаат по секоја цена да ја сочуваат државата која самите Македонци не сакаат да ја имаат. Груевски никогаш не пропушташе можност да прати националистички сигнали за да ги задоволи ниските страсти кај поширокиот слој луѓе во вид на одбранбен национализам. Леташе во облаци кога масата му возвраќаше со „Гоцевата раса“.

Власта ги подбуцнуваше младите да напаѓаат по автобуси, по улици, по плоштади, па дури и по приватни куќи (Нерези), со цел да ги пополни политичките батерии со националистичка енергија. Ова ѝ помагаше на власта да го замагли видикот за да не се гледа патриотскиот грабеж од астрономски размери. Американскиот институт за проучување на перењето црни пари, „Адријатик“, констатирал дека овдешните патриоти од државата изнеле околу 4,6 милијарди долари народни пари. Ова беше целта за инсталирање институционален национализам, па оттука логичен исход беа скандирањата по стадиони, по плоштади со навреди за „клетите Шиптари“. Дури и во присуство на Иванов, во Белград целиот стадион извикувал опасни навреди, а тој воопшто „не слушнал“ такво нешто. Тешко е кога за својот национализам си глув, а за туѓиот имаш големо уво. Врв на политичката манипулација беше апелот на Груевски да му дадат 63 пратеници за да не се случи стари луѓе низ цела Македонија со сила да се тераат да учат албански јазик!!! А во реалноста, албанскиот јазик како службен, симболично се користи само во три-четири општини. Премиерот е тотално скаран со здравиот разум. Толкава неодговорност се нема случено ниту кај окупациските власти. Скопје 2014 е врв на ирационализмот. Познатиот американски експерт за Балканот, Едвард Џозеф, со право вели: „со години во Скопје не сме виделе неодговорно водство со многу негативен пристап“.

Сега кај „Монструм“ не се знае веќе точно кој е монструмот. Состојбата е многу посложена отколку што мислиме, оти протестите за казнетите се само повод, а причините се многу длабоки и болни. Младите се тотално маргинализирани, отуѓени, поделени. Најсуровата дискриминација е партиската, потоа доаѓаат и секакви други. Ако не сте партиски послушник, денес немате право на живот. Сè се прави со партиски листи, а злото се акумулира. Корупцијата на сите нивоа цвета. Сиромаштијата ни создава бела чума. Беше прашање кога ќе се случи опасната експлозија. Засега е позитивно што протестантите не навредуваат ниту една друга нација. Тие се вперени против тоталното партизирање на државните и на општествените институции, кои подеднакво се штетни и за Македонците.

Решението не е можно без радикални потези. Што побрзо тоа се сфати помалку болно ќе биде. До сериозен конфликт со власта не дели само чекор. Тоа по автоматизам ќе добие опасна меѓуетничка димензија. Груевски повеќе од кога и да е се наоѓа пред изборот – својата функција или мирот во државата. Понормално ќе беше да предложи некој друг човек од својата партија и да си замине од политиката. Другата опција е многу лоша. А албанскиот партнер ќе треба да се ослободи од некои луѓе чии задници веќе 12 години не се одлепуваат од владината фотелја, а немаат баш некој имиџ дека праваат добри работи. Најголема кохезија сме имале од 2003 до 2006 година. Но, тоа исчезна. Груевски ја има доведено ситуацијата до работ на војна. А што друго да очекуваме кога сега е многу тешко да разликуваш политичка партија од мафијашка организација! Спасот и катастрофата ни тропаат на врата. На кој ќе ја отвориме вратата, од нас зависи. Ако дозволиме уште еден конфликт тогаш федерализацијата или поделбата се наметнува како опортунистичко решение. За жал, со трагични последици. Барем конечно ќе сфатиме дека не се гради заедништво со помош на омраза.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk