Денешна дата
26/06/2022

Владимир Панчевски, претседател на Основниот суд Скопје 1: Колегите кои зборуваат за притисок врз судството се егоцентрични

Себе си се сметам за доволно храбар јавно да приговорам за одредени состојби доколку такви постојат, при што категорично би кажал дека притисок и корупција во Основниот суд Скопје 1 нема, вели првиот човек на најголемиот суд во земјава Владимир Панчевски. Тој во интервју за Инбокс7 уште одговара на прашањата константните поплаки на граѓаните на сметка на судството како и за реакциите на дел од своите колеги, судии кои иако анонимно сепак признаа дека трпат притисоци. Тој не сакаше да одговори на прашањето за се почестите протести против судските одлуки со образложение дека тоа е чувствителна тема

фото: Академик.мк

Во извештаите како оние на Народниот правобранител или пак на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права редовно има поплаки на работата на судовите. Како го толкувате фактот дека нивната перцепцијата е дека судството е неажурно, неефикасно и корумпирано?

 

Панчевски: Перцепцијата на граѓаните се креира на прво место врз основа на вас медиумите, како ја претставувате и колку професионално известувате за делокругот на судското работење, како тоа го прави граѓанското општество, Хелсиншкиот комитет и Народниот правобранител. Ваквата перцепција се темели на сегментарно и селективно презентирање само на случаите од кои граѓаните се незадоволни од судското работење при што најчесто и во нив во одреден процент се работи само за притисок на судот да одлучи поинаку. Сметам дека сите овие претходно наведени фактори не прават анализа на вкупното судско работење, па од тука да се извлече заклучок, односно да се изготви извештај за работата на судовите. Тоа се прави само на одреден број на случаи  и во јавноста истите се презентираат како слика што секако негативно влијае на перцепција на граѓаните, а во суштина тоа е нереална слика за судството. Демокартско право на секој граѓанин  е незадоволството да го изрази преку некаква форма,  но тоа не значи дека конкретното лично незадоволство од некој предмет или одлука на судот претставува појава со која судството ќе биде карактеризирано како неажурно, неефикасно и корумпирано.

 

Но, по спроведената анкета на ОБСЕ во 2011 година во која повеќе од половина од Вашите колеги признаа дека врз судството се врши притисок, некои од нив се охрабрија и јавно да проговорат за тоа. Меѓу нив беше и тогашниот претседател на Судскиот совет Васил Грчев. Поранешниот претседател на скопскиот апелациски суд Јордан Митриновски беше викнат на средба со премиерот во Владата. Претседателе, има ли притисок и корупција во Вашиот суд?  

 

Панчевски: Себе си се сметам за доволно храбар јавно да приговорам за одредени состојби доколку такви постојат, при што категорично би кажал дека притисок и корупција во Основниот суд Скопје1 нема. Лично од 2008 година откако сум судија не сум почувствувал некаков притисок како што имплицира Вашето прашање.  Оттука не би ги коментирал егоцентричните  изјави на одредени припадници на судската власт кои говорат за притисоци или дека биле повикувани на некакви средби со извршната власт како и тоа дека имало корупција во судството, а притоа немале ниту доблест ниту храброст, а ниту ја исполниле законската обврска да пријават обиди за влијание врз нив при вршење на судиската функција. Тоа зборува само за личноста на истите. Не би ги коментирал ниту изјавите на колегите, односно пласираните резултати од спроведена анкета на ОБСЕ. Јас лично како судија во 2011 година го добив анкетниот лист но никогаш не го пополнив, а колку што знам тоа не го сторија ниту мои колеги. Исто така би кажал дека јас никогаш лично не сум ги видел резултатите на спроведената анкета на ОБСЕ бидејки истата никогаш не беше јавно објавена, иако со неа веќе подолго време се шпекулира и се користи за  наметнување на став дека судството е корумпирано и работи под притисок. Искрено, се сомневам во ваквата анкета.

 

Колку условите за работа на судот соодветствуваат со обемот на работа а со тоа и на ефикасноста на судиите кои се притиснати со остварување на зададените норми но и можноста да бидат разрешени во било кое време без јасно утврдени повреди на судската функција?

 

Панчевски: Условите за работа во судот досега се на задоволително ниво особено ако се земе во предви дека Основниот суд Скопје 1  својата функција ја извршува од три локации поради просторните услови со кои располага. Секако ова ќе биде надминато со новата судска зграда, каде што, барем колку што сум запознаен од министерството за правда, ќе бидат исполнети сите предуслови, како технички така и просторни за нормално извршување на функцијата на судот а истовремено во објектот се имплементирани највисоките стандарди за судско работење. Со донесување на новиот Закон за кривична постапка (ЗКП) во 2010 година, кривичното законодавство претрпе голема реформа во насока на подобрување на условите за водење на постапка.  До сега  можам да изразам задоволство дека реформите се спроведуваат со успех, и реално има намален број на нерешени предмети од приливот кој е остварен со предметите по новиот ЗКП. Особено задоволство би изразил и од работењето и ажурноста на судиите во овој суд како и судската администарција во периодот од  6 месеци пред отпочнување со примена на новиот закон во кој период беше совладан и заостатокот на стари нерешени предмети. Генерално, реформата на кривичната постапка ја наметна и потребата од реформа на остварување на зададените норми од страна на Судскиот совет кој што побара судот на колегиум на судии да го разгледа и ова прашање и да даде свои видувања и анализи што е сторено од наша страна. На колегиумот е заземен став дека во моментов зададените норми треба да останат исти со оглед  на транзицисикиот период на постапката, при што судот со свои анализи ќе излезе на крајот од годината кога и ќе може да се направат проценки  во консултација со судиите за одредени норми по новиот ЗКП. Како и во сте претходни прашања така и во ова прашање може да се забележи дозата на притисок со која сте оптоварени во прашањата и можноста поради неисполнетите норми судиите да бидат разрешени без јасно утврдени повреди на судската функција што Не е точно дека судиите се разрешуваат без јасно утврдени повреди на судската функција како што имплицира Вашето прашање. Вакво нешто во пракса немало и секогаш се поведувале и воделе постапки само за сериозни и тешки повреди на носителите на судската функција кои можеби сега се најголемите гласноговорници дека судството е неажурно, неефикасно и корумпирано.

 

Според вас, која е причината за досегашното шаренило од казни што со Правилникот за воедначување на казните би требало да се реши?

 

Панчевски: Не би се согласил досега постоело шаренило на казни. Напротив, анализата на ОБСЕ и анализите на Јавното обвинителство (ЈО) во однос на казнената политика  покажуваат дека не се работи за различни утврдени казни во исти или слични околностии туку дека се работи за одмерување на казни од страна на судовите најчесто во долна граница од распонот на казните предвидени во Казнениот законик (КЗ), како и вонредно ублажување на казните без при тоа за истото да постојат реално образложени причини што казнената политика на судството ја прави неефикасна . Од тие причини  во еден процес на одмерување на казните во кој што судијата најпрво ја утврдува вината врз основа на докази и факти, па доколку утврди вина ја одмерува казната врз основа на КЗ неопходно беше да се иницира едно вакво прашање кое треба да се реши со Правилникот за воедначување на казните донесен од страна на Врховниот суд на РМ, при што одмерувањето на казната ќе се врши врз предвидливи критериуми.

 

Како го оценувате предлогот на Владата за нови уставни измени во делот на правосудството?

 

Панчевски:Ќе се осврнам само на две од измените кои го засегаат работењето на овој суд и  сметам дека тие се позитивни и водат  кон зголемување на независноста на судската власт. Првата поголема измена е тоа што  Уставниот суд ќе одлучува по жалбите на одлуките на Судскиот совет за избор и разрешување на судија или претседател на суд. Со тоа ќе се избегне судирот на интереси кај судиите особено ако се има во предвид дека целта на секој судија е да стане судија на Врховниот суд, суд кој што одлучува во крајна инстанца и по вонредни правни лекови во редовните постапки на постапувањето на судиите. Ваквата реформа беше потребна, особено што со истата се избегнуваат било какви влијанија од позиција во рамките на една иста структура. Уставниот суд, како суд независен од кривичните или граѓанските постапки ќе ги цени причините за поднесените жалби против одлуките за избор и именување или дисциплински санкции против судиите а врз основа на уставната положба на судијата во правниот систем.  До сега жалбениот совет  по одлуки за избор и разрешување на судии беше составен од тројца судии на Врховниот суд, четворица од Апелацискиот суд, и двајца судии од судот од каде што доаѓа судијата за кого се води постапка. Со реформите сето тоа ќе го работат уставните судии. По однос на втората поголема измена, проширување на членовите на Судскиот совет  во делот на формирање на посебно тело надлежно за контрола на работењето на судиите од аспект на утврдување на нестручно и несовесно работење, сметам дека е посебен кавалитет бидејќи и досега во рамките на советот не постоеше спој помеѓу овие две работи, тие што ги избираат судиите да водат и постапка за нивно разрешување.  Во овој дел беше потребна специјализиција на судии во рамките на Судскиот совет кои ќе се занимаваат со оваа пробелматика врз основа на темелни анализи и утврдени повреди на судската функција.

 

opetceska@inbox7.mk