Денешна дата
28/11/2022

МЕРКЕЛ + НУЛАНД = ПРОМЕНА…? (Меѓународна берза 5)

Формулата не е нова, ниту интересите на големите светски играчи чија медијација перманентно ја посакува власта во Македонија, една година наназад. Равенството е распон од очекуваните ефекти од ангажирањето на Вашингтон и на Берлин. Нивното сондирање содржи и дилема до каде Груевски е подготвен на компромис со Грција и како тој би менаџирал со евентуалното решение, што сигурно ќе опфати и измени во референцата, во најмала рака, но и промена на името, во поширок пакет на стабилизирање на регионот. И во двата центри на моќ, позната е емоционалната поврзаност на лидерот на владечката коалиција со Македонците, не само неговите гласачи. Оттука и внимателноста на гостинката од Вашингтон во дозата јавно одбрани комплименти за активниот придонес на мала Македонија, во големите мировни мисии на НАТО.

Динамиката на оркестрирани реакции, непосредно пред доаѓањето на Нимиц, посебно изложеноста на Германија да размислува за решенија околу спорот за името, е влог што е идентичен на американската стратегија пред Самитот во Букурешт. Тогаш, американскиот Претседател не успеа во преговорите со прогрчкото јадро во ЕУ и ветото на Грција стана позасилено. Оттогаш ниту владите во Атина, ниту политичко-финансискиот кредибилитет на Грција ја немаат моќта на политиката или-или, за што влијание има нејзината зависност од кредитните гаранции на Германија.

Германските власти, под водство на Меркел, ја немаа американската храброст да го признаат името Македонија, како што тоа го направи администрацијата на Џорџ Буш, иако пратениците на Бундестагот поттикнаа слична иницијатива (резолуција), што можеше да биде стожер на идентична одлука во Берлин. Кога најмоќната жена во светот, во еден здив и од едно место, ќе испрати невообичаена дијагноза дека грчко-македонскиот спор е товар за Европа, тоа сè уште не значи дека решението е на повидок. Но неспорно е дека во само неколку месеци, Канцеларката директно е информирана и од Нимиц за текот на преговорите и неговите последни и веројатно основни решенија за спорот со името.

Во третиот мандат на Меркел, со широка коалиција, сè повидливо е дека Германија ги презема полугите на спонзор и на регулатор на односите во Западен Балкан. Кога се работи за Македонија, тој интерес почна да се продлабочува и да се поврзува со Косово. Потоа следуваше менаџирањето со воено-разузнавачките структури на ОНА, во услови кога во Тетово беше лоциран мобилниот состав на Бундесверот. Мистичната достапност на еден план од германските служби од осум точки за развојот на етничката криза во Македонија, доби потврда за постоењето преку оценката дека воените дејства ќе започнат и ќе завршат на тетовско Кале, не подолго од 6 до 8 месеци.

Македонија не е опасна како база на верскиот тероризам, но сигурно како мост за транзит на религиските фундаменталисти кои имаат и свои упоришта во бројните (само)изолирани гета на Турците и на Арапите во Германија.

„Потребата од енергетска безбедност на меѓународен план е евидентна повеќе од кога било. Тоа зависи и од ефикасната стратегија за заштита на критичната инфраструктура (ЗКИ), која може да се обезбеди на централизиран начин… пред комплексните и динамични закани.

Оваа проценка е соопштена од проф. Методи Хаџи Јанев, во списанието Политичка мисла од 2011 година, што го кофинансира токму фондацијата „Конрад Аденауер“во Скопје.

Глобално, Берлин не се откажал од заштита на европските коридори 8 и 10, за кои кај дел од Германците сè уште постојат и емоционално-историски врски. Но тука спаѓаат помодерните форми вмрежување на поголемите енергетски капацитети, од српскиот басен ТЕ-КО, гасоводите и еко-енергијата, па сè до преселба на важни индустриски капацитети на германските мултинационални компании во македонските економски зони, со евтина македонска работна сила. Денешната политика на заштита на економските интереси, германската Влада и фирмите ја прават при нивните извозни или инвестициски пласмани преку системот на Хермес – осигурувања. Тие се скапи аранжмани, но сигурни гаранти за посовременото пенетрирање на нејзините геоекономски интереси.

„Европа е пред драматична промена на својата позиција во светот за која досега демократските сили не дадоа објаснување ниту смисла ниту решенија, за разлика од крајната десница. Потоа изборниот успех на крајната десница, на популистите и на расистичките сили, се должи на тоа што тие најдоа нови места каде да се изразат, па така ги добија и гласовите на екстремистите и на антидемократите“. Ова е најсвежа оценка на Бенџамин Абтан, од Европското антирасистичко движење.

За држава во која еден автопат не е гаранција за нејзината состојба, сигурно дека безбедносниот чадор на НАТО е исклучително важен сигнал за внатрешната безбедност на Македонија.Доколку Груевски ја прочитал сензитивноста на актуелните конфликти во Европа, тогаш ќе биде принуден на компромис, многу покомплексен од решенијата за името.

Од преземањето на Владата, челниците на ВМРО-ДПМНЕ ја создаваа аората дека германските демохристијани се нивните партиски и идеолошки истомисленици, а фондацијата „Конрад Аденауер“, именувана по првиот Канцелар на обновена Германија, ревносен едукатор на кадрите врз кои и денес се потпира Премиерот Груевски. Остана непотврдена, но никогаш и недемантирана, информацијата дека преку оваа фондација се изградени основите на агресивните политички односи со јавноста на македонската Влада.

Кога ќе се направи вкрстување на глобалните движења, германско-американските интереси во малиот микро космос на македонскиот популизам и национализам, заинтересираноста и вклученоста на Канцеларката Меркел за растоварување на Европа од грчко-македонскиот спор, му го стеснува маневарскиот простор на Премиер Груевски. Можеби и поради сензитивните информации на американската најтајна НСА, чие следење на комуникациите ги опфаќа и сомнителните финансиски текови, но и кредитно-економските аранжмани кои допираат од и до Скопје.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)