Денешна дата
02/07/2022

Трајко Кикерковски, бивш директор на владината авиослужба: Во воздухопловството владее аматеризам

Ниедна несреќа не се случува сама по себе, направени се низа пропусти, објаснува во интервју за Инбокс7, Трајко Кикерковски, пилотот во пензија и поранешен директор на авиослужбата на Владата на РМ. Според него во воздухопловство најголеми проблеми се недисциплината и аматеризмот, затоа се потребни длабоки резови. „Истрагите се прават за грешките да не се повторуваат“, вели поранешниот пилот

Колкава е загубата за МВР, за воздухопловството и воопшто за Македонија, загинувањето на четворицата врвни пилоти?

 

Кикерковски: Изразувам сочувство кон семејствата, кон колегите, со Лопатички бевме блиски пријатели, бевме во иста единица во Ниш. Загубата е ненадоместлива, да се дојде до еден таков степен на летачи зашто е потребно време и средства за школување. Со работењето тие дошле до врвно искуство. Тие работниот век го поминаа во летање со хеликоптери и тоа М-8, тоа е ист хеликоптер како М-17 само со дупло послаби мотори, помалку неопремени. Овој хеликоптер М-17 е еден од подобрите во светот.

 

Во кои случаи четворица пилоти се возат во еден хеликоптер, образложението на МВР, кое за јавноста доста трогателно го соопшти министерката Јанкуловска, беше дека тие биле на тренажен лет од Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно.

 

Кикерковски: Не ми се допадна брзањето на некои новинари кои со своите извештаи како да сакаа нешто да оправдаат, дека хеликоптерот носел гранични полицајци на Ново Село, па се враќал назад што немаше логика во 10 навечер да се прави тоа, зошто не би го направиле тоа преку ден. Јас веднаш се прашав нешто не е во ред или било нешто итно. Министерката не подлегна на тоа и кажа дека тоа било најнормален тренажен лет на некаква обука за ноќно летање. Само еден пилот бил вишок хеликоптерот, кој бил не знам, тоа ќе утврди преку „војс рекордерот“. Едниот е механичар летач, па после тоа станал пилот. Тој завршил за политиколог па се обучувал за пилот во МВР, но моето искуство од ЈНА кажува дека такви зафати не се прават. За мене, зачудувачки е што маршутата е повратно планирана значи има многу прашања на кои треба сега комисијата да одговори.

 

Ова не е прва ваква хеликоптерска несреќа во Македонија. Изгубивме три хеликоптери со 16 воздухопловци и војници во нив. Првиот се урна на Шара кога се заплетка во далновод, вториот падна кај Катлановско Блаце во услови на густа магла, сега последниот, полициски, се урива удирајќи во столб на МРТВ. Несреќите се некако слични една на друга. Што треба да се преземе за да не се случуваат вакви трагедии?

 

Кикерковски:Не само хеликоптерски, Македонија е мала земја, а има и многу авионски несреќи, многу изгубени животи. Овие трите хеликоптерски несреќи се баш во овој тип на хеликоптер. Првата несреќа на Шапка беше во полувоени услови, пилотот немаше избор дали ќе оди или нема да оди. При летот се појавуваат разни ветрови и дошло до занесување и со опашката закачи столб и го изгуби задниот ротор. Што се однесува до втората хеликоптерска несреќа, таа е направена, така да кажам, под принуда. Тука имаше многу грешки, грешки од командна должност, грешки од контролата на летање, грешки на екипажот… Ни една несреќа не се случува сама за себе, тоа се низа на пропусти. Кај нас сите истраги завршуваат со- пилотска грешка.

 

Но кои се најчестите грешки, кои доведуваат до вакви трагедии?

 

Кикерковски:Тоа се низа на грешки, реков. Од институционални до човечки. Еве на пример, сите пилоти кои ги пензионираа во АРМ, МВР ги вработуваше и истите пилоти се вртат секаде. Што треба да се преземе? Јас мислам дека со ова треба да се прекине, длабоки резови да се направат и сосема нова стратегија да се направи. Многу голем аматеризам постои во воздухопловството. Главните грешки се во немањето доволно контрола во сите фактори кои се вклучени во летањето. Не би дошло до ова ако сè било добро испланирано. Не знам на која височина требало да лета овој хеликоптер.

 

Очевидците велат дека летал ниско и не бил осветлен.

 

Кикерковски:Во воздухопловство најголемиот проблем е недисциплината. Да запамети секој пилот дека секое излегување од планот може да биде ризично. Комисијата ќе ги даде одговорите, но според мене, се работи за одење на слепо. Има очевидци, бидејќи се случи во населено место, потоа црните кутии се неоштетени, случајот не е комплициран, освен оваа многучлена комисија, која мене ме изненадува, ако не го искомпликува случајот.

 

Дали претходно се врши опсервација на теренот, каде сè може да се слета. Како е можно да не знаеле дека таму има поставено антена?

 

Кикерковски:Да. Тоа ме наведува да мислам дека таму не било планирано слетувањето. Значи дека е правено на своја рака, инаку, на неподготвен терен ноќно време да слетате е надвор од памет.

 

Можеби имале некој друг проблем па решиле принудно да слетаат?

 

Кикерковски:Не. Тоа веднаш се декларира, бидејќи во тој случај пилотите би јавиле дека имаат проблем.

 

Постојат шпекулации дека летата не се одржуваат или дека се земаат делови од еден хеликоптер се ставаат на друг?

 

Кикерковски:Не, тоа овде не е случај. МВР набави нови хеликоптери, кои се многу добро опремени. Можеби пилотот требало да вежба такво слетување но, сепак не се оди неподготвен. Сведоците кои рекоа дека хеликоптерот кружел без запалено светло. Тоа ме наведува да мислам дека не сакале да ги дознаат дека слетуваат. Има едно против-сударно светло кое мора нон-стоп да врти заради безбедност на другите учесници во сообраќајот. Сведоците велат дека не било вклучено.

 

Црните кутии ќе ги прегледуваат руски експерти, тоа било договорено со купопродажниот договор 2009. Колку објективни информации може да очекуваме од Казан?

 

Кикерковски:Ме чуди кој ги правел договорите, „копи војс рекордерот“ е потполно ист за сите, можело да се купи, но оној другиот уред кој ги снима податоците на летот, мора кај произведувачот да се испрати бидејќи тоа е шифриран материјал кој може само производителот да го дешифрира.

 

11-члена комисија ќе го истражува случајот, Обвинителство, крим-техника, струмичко обвинителство. Колку може да трае истрагата?

 

Тоа е многучлена комисија, обвинителството обично чека податоци дали има кривично дело за да се покрене обвинение. Што прават во истражната комисија не знам. Инаку, хеликоптерите на МВР не потпаѓаат под Законот за цивилна воздушна пловидба. Кога ќе се случи вакво нешто нема ингеренции ни Агенцијата за цивилно воздухопловство. За жал и таму кадарот е многу лош, воздухопловството никогаш не било на пониски гранки. Потреби се промени. Еве во Владата на РМ нема ниту едно воздухопловно едуцирано лице, па затоа законите кои ги предлага Агенцијата најчесто се препишуваат од некаде. Токму поради тоа јас лично доставив предлог до Владата во ноември лани, ми одговорија дека ќе го уважат, и еве сега гледам дека бараат советник на премиерот.

 

И што би го советувале вие Премиерот?

 

Кикерковски:Многу работи, веднаш да се направи реорганизација за Агенцијата за цивилно воздухопловство, да се донесе стручен кадар. Инспекторатот не функционира, замислете, Агенцијата нема инспектор за сообраќајна авијација, а тоа и е основата на работа. Јас начелно му пишав на премиерот но не може да се дојде до никој, освен до оние во архива.

 

Деновиве министерот за транспорт и врски најави дека се бара начин за формирање на Национална авио компанија. Кој е вашиот коментар по однос на ова?

 

Кикерковски:Само Македонија во регионот нема своја авио компанија, еве Црна Гора има осум авиони. Сите авио компании се формирани со странски капитал, јас мислам дека тоа е погрешно, дека треба Национална авио компанија да ја финансира државата. За старт се потребни десет милиони евра и тие брзо ќе и вратат на Владата. Не треба да се брза со тоа треба да се види за кои авиони имаме кадар, бидејќи кадарот е најскап, каде за обука треба да се вложи најмалку за другиот персонал. Мислам дека таква една авиокомпанија би имала најмногу шест авиони.

 

Имате ли желба се уште да летате, да ја видите барем Македонија одозгора?

 

Кикерковски:Не, ми помина желбата. Сега имам внуци и најголем дел од времето го поминувам со нив. Патувам со авион, но само како патник.

stavrova@inbox7.mk