Денешна дата
29/06/2022

Кризата ќе ја врати државата во колосек

Случувањата во државата, особено по изборите, сериозно ја загрижија меѓународната заедница. Тие се уплашија и мораа да се вклучат за да ги спречат можните поголеми компликации. Со години, овдешните аналитичари укажуваа дека уривањето на евроатлантската агенда ќе доведе до дестабилизација на државата, но тоа немаше кој да го слушне, а најмалку криминалните структури кои вешто се кријат зад патриотизмот. Деновиве, американската помошничка на државниот секретар, Викторија Нуланд, пред форумот „Кроатија 2014“ истакна: „Корупцијата не е само убиец на демократијата туку е уште еден дополнителен инструмент во арсеналот на автократите и на клептократите, кои бараат да го прошират нивното влијание, ги слабеат нашите демократии и се богатат на сметка на нашите граѓани“. Таа понатаму истакна дека: „Европа не може да биде цела кога клептократите ги третираат нивните држави како извор на профит за нив и за нивните пријатели. Не може да биде слободна кога изборите се манипулираат, кога слободните медиуми се замолчуваат и кога малцинствата се под закана. Не може да има мир кога корумпираните политичари се служат со политички, економски и со судски закани за да ја задушат опозицијата и за да ги крадат нивните граѓани“.

Ваквата изјава, преформулирана за нашата состојба, значи: 1) стоп со криминалот, бидејќи знаат сè во детали; 2) стоп со манипулации со патриотизмот оти скапо ќе ве чини; 3) престанете да ги персонализирате институциите, особено судството; 4) решето го проблемот со името што самите го провоциравте со антиката и вратете се во евроатлантскиот процес каде што пред осум години бевте лидер на регионот (за разлика од сега кога не заслужувате да сте ниту последни); 5) стоп за дискриминацијата на граѓаните по која и да е основа. Сè друго ќе ве носи кај ѓаволот во пеколот.

Според Нуланд, корупцијата претставува опасност за националниот суверенитет на секоја држава, затоа што секој извалкан политичар и секоја нетранспарентна зделка која се толерира, создаваат можност за надворешни влијанија. Во однос на спорот со името, Нуланд вели: „Ако навистина ние веруваме во овој европски сон и вредностите што ги споделуваме, тогаш мораме да вложуваме во нив секој ден и да не дозволиме старите поплаки да ни станат оправдување“. Од друга страна, германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека и самата размислувала за решенија за името. За да не изгледа ептен наметливо, претседателот Иванов деновиве го зема севкупниот товар на свој грб. „Побарав од Меркел позитивното искуство во регионот да се примени и кај нас. Имаме два позитивни примери на паралелното движење на преговарањето и наоѓањето заедничко решение меѓу Словенија и Хрватска, како и паралелниот процес меѓу Белград и Приштина. Зошто тоа да не се примени и за Македонија, кога има можност на таков начин да се дојде до решение“, изјави тој по завршувањето на состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“ во Дубровник. А Груевски нема ништо да прифати што ќе наштети на идентитетот и на јазикот. Име воопшто не спомна. Евтин трик.

Значи, спасот ни е во враќањето на евроатлантскиот колосек. Само тој столб може да ја одржи Македонија жива (и етнички и граѓански). Поголемиот број луѓе, интеграциите ги доживуваат како општа перспектива и излез од постојното пеколно чувство. Тие мислат дека со динамизирањето на интегративните процеси, ќе бидат многу повеќе материјално обезбедени и заштитени; дека ќе ја почувствуваат вистинската слобода која со години драстично им се скратува; дека ќе владее правото; дека нивната кариера нема да зависи од волјата на моќните партијци кои цело време ги уценуваат, туку од нив самите; дека нема повеќе да ги принудуваат да ја продадат честа и достоинството; дека ќе исчезнат партиските листи, бидејќи со нив се гази личниот интегритет, и дека ќе се воведат транспарантни и стриктни процедури за избор на кадри. Но, исто така, сите се свесни дека за ова се потребни нови луѓе, оти за вакви манипулатори, не постои таков закон што тие не може да го прекршат. Груевски докажа дека е добар слуга ама лош господар. Поради тоа, тој е блиску да биде прогласен за гробар на милиони судбини.

Со голема веројатност можеме да кажеме дека бојкотот на опозицијата и протестите на Албанците дадоа одлични резултати. Тие успеале неодговорните политичари да ги вратат на колосек. Водачите видно уплашени дека ќе ја загубат власта, преку ноќ се сменија. Оттука е и изјавата на Иванов. Имено, протестите на Албанците не беа само поради докрај сомнителниот судски процес „монструм“, туку и за многу подлабоки проблеми во општеството. Сега партиската дикриминација стана многу поопасна од етничката, а тие се соочени со двете. Сега ако не сте член на партијата на власт, немате ниту право на живот. Општопознато е дека не можете да се вработите ни како чистач во јавните тоалети ако не сте во нечија листа. А митолошката душа на Александар Велики направи да станеме толку мали.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk