Денешна дата
30/11/2022

ЦЕЦА(МАНИЈА) – ПАЛАНЕЧКА ПОЛИТИКА НА ПАТРИОТИТЕ (Социјална берза 4)

Светлана Ражњатовиќ е сопруга на Аркан – познатиот балкански ликвидатор на Хрватите, Босанците и на Албанците, но и деловен партнер на дел од македонските транзициски олигарси. Тој им беше долгата рака до српското криминално шверцерско подземје, во време на блокадите кон Македонија и Србија. Оваа бивша сопственичка на ФК Обилиќ е осомничена и е осудена за илегални фудбалски трансфери во Србија, со клонови кон кланови. Кралицата на естрадниот национализам, од времето на Милошевиќ и по него, таа е пре(т)платена и на најновата македонска паланечка естрада. И тоа во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, заштитниците на македонскиот идентитет и национална самосвест.

По еднаш во годината, наизменично, Цеца ги врти Скопје, Прилеп, Куманово, а во очи на Свети Илија и на Илинден ќе биде и во Охрид. Токму како контрапункт на култивираниот и богат програмски опус на Охридското културно лето, со мега ѕвездите на светската музичко сценска класика. Можете ли да замислите нејзин концерт на Дубровачките летни игри? Зарем Словенците се некадарни да ја прифатат, но во Љубљана, сепак, се одржуваше концерт на Влатко Стефановски со Љубљанската филхармонија. До кога ќе робуваме на отпорот кон богатата и естетски сè поразвиената естрада на Албанија или на Бугарија?

Цеца си замислила дека треба да пее на националниот празник на Македонија. Имало српски туристи, небаре тие премиерно би ја слушнале во Охрид, по нејзините концерти во Белград или пропаднатиот во Будва?! Но ја нема и во Нови Сад, автономна Војводина, каде урбаната средина се избори да не ѝ биде дозволен настап на „сопругата на Аркан“. Таа логика на охридските власти Цеца да се врзе со туристите од Србија е потценување и на нивното културолошко ниво, музичката образованост и естетика. Нејзиниот настап би имал регионален еквивалент доколку со таа логика би ги очекувале настапите на познатите поп и фолк звезди од Бугарија, Грција, Албанија, а не само низ Балканскиот фолклорен фестивал. На младите, кои го окупираат Охрид во „шпиц“ сезоната и се забавуваат своите ди-џеј свирки, им ја нудиме Цеца и нејзиното деколте.

Таман.

Цеца(изацијата) на српската турбо-фолк паланка се стимулира со масовна медиумска поддршка на македонските комерцијални телевизии под директно влијание на Премиерот Груевски и неговиот партиско-владин штаб. Тие програми не можат да се ослободат од (ре)емитувањето на белградскиот ТВ ток-примитивизам, непроменет од времето на српскиот лидер и неговите тогашни, а жими Господ и на сегашните експозитури во Македонија.

„Во Кратово, г. Љубисав Иванов веќе издава паралелни пари кои важат само за територијата на Кратово. Тоа се бонови на кои пишува 600 денари. Значи апоен поголем од државниот апоен. Г. Иванов, таму, во негова приватна сопственост има цел град, водоводот, па дури и гробиштата…

…Не. Не. Дозволете да завршам. Г. Глигоров чека Нови години со г. Љубисав Иванов. Човек кој навистина ја дезинтегрира нашата територија. Зашто мислам дека интегритетот на територијата е најголемо државно прашање. Говориме за државноста, нели така? (стр. 150)

Овој цитат го извлеков одмојот претседателски радио-дуел, што така ревносно го пренел и го запишал еден од кандидатите за шеф на државата во 1994 година, познатиот и неповторливиот Љубиша Георгиевски. Овој интелектуалец, подеднакво близок и до Георгиевски и до Груевски,но и со не помалку ослободен простор за него и во време на југо-едноумието, автор со многу повеќе преокупации од сите активни творци и мислители, книгата „Претседателски кандидати“ ја започнува со мотото: „Во борбата за власт, најмногу успева оној што најефикасно ќе го разбуди во себе неандерталецот“.

Уметникот Георгиевски, со еден кафкијански јазик, со дух на режисер за политички пораки, но подеднакво успешен и во режирањето на политичките претстави во Македонија, во својот програмски манифест уште во 94-тата година запишал дека плурализмот не го ослободи заробениот ум од едноумието. „Заробеноста остана, но сега во фарсична, смешна форма – секој си доби свое автономно ропство и илузија дека е слободен… Долгогодишното владеење на идеолошките узди се одмаздува и во многуумието. Македонскиот ум останува неподносливо дивергентен, дури и кога станува збор за најосновните услови за опстанок на државата и на нацијата… Излез од оваа криза на македонскиот ум има… Услов е да се има УМ и да ѝ се објави војна на глупоста…“

Ако се вратиме кон вредносните судови, не кон стимулирање на ниските страсти по голите цицки од кои ечи„Београд“, овдешната посттранзициска политика и нејзиното актуелно ажурирање, нема да го ослободи македонскиот памет од патернализмот од Север. Неговите носачи на политичкиот звук, види коинциденција, имаат ќар од разновидните „монструми“, креирани како процес или протест. Секој во себе го носи политичкиот грев, дури и кога се занимава со профит од паланечката естрада.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)