Денешна дата
30/11/2022

Милошоски: СДСМ на есен ќе се врати во парламентот

Политичкиот дијалог во СДСМ ќе продолжи кога опозицијата нема да поставува нелогични и неостварливи барања како што е формирање на техничка владада, вели во интервју за Инбокс 7, актуелниот потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски. Според него ова барање е резултат на лична хипокризија на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Милошоски смета дека опозицијата ќе се вклучи во јавната расправа за уставните измени, па макар реагирале од седиштето на СДСМ. „Изјавата на Самарас пред ЕП, целосно ја разголи позицијата на Грција. Се додека е тој премиер нема да има дијалог на повисоко ниво меѓу Македонија и Грција“, вели поранешниот министер за надврешни работи Милошоски.

На почетокот на идната недела Нимиц доаѓа прво во Скопје потоа во Атина, тој по последната средба во Њујорк изјави дека се залага за поголема динамика на разговорите околу разликата со името и дека на маса остануваат веќе предложените предлози за заемно прифатливо решение на спорот. Очекувате ли нешто ново од неговата посета?

Милошоски: Секогаш доаѓањето на Нимиц е поврзано со надеж за напредок во македонско – грчкиот спор, а неговото заминување најчесто било поврзано со разочарување, дека таа надеж не се остварила во изминатите 23 години. Овој пат сметам дека може да го одржи своето ветување и да даде дополнителна динамика на македонско – грчкиот дијалог. Он што најмногу недостига и што Нимиц не може да го овозможи, затоа што не зависи од него, е довербата и дијалогот на највисоко политичко ниво. Помеѓу Македонија и Грција. Тоа што Македонија десетина години наназад го нуди и го предлага да има повисоки политички средби помеѓу премиери, министри за надворешни работи, претседатели на држави за да може за ова прашање да се разговара на ниво и на оние кои што би одлучувале. Додека Самарас е премиер на Грција нема да дочекаме такво повисоко политичко ниво на дијалог, а тоа може да претставува сериозен хендикеп за напредување по однос на спорот. Моите очекувања не се преголеми. Можно е после изјавите на канцеларката Меркел да има одредени дополнителни препораки, притисоци, сугестии…

Меркел неодамна изјави дека лично ќе се вклучи во решавањето на спорот, дека ги знае сите комбинации за името, но кои не сака да ги соопшти поради можни деманти од двете страни. Но, во нејзината изјава покрај името се најде и идентитетот.

Милошоски: Идентитетот се најде затоа што мислам дека и самата изјава на Самарас во Европскиот парламент ја разголи грчката позиција дека ова не е спор којшто се однесува само на уставното име на РМ, туку е поврзан со одредени стереотипи во грчката политика поврзани со митот за еднонационална држава на нашиот јужен сосед

Во изјавата на Самарас пред ЕП кога го негираше постоењето на македонскиот јазик велејќи дека е измислен од комунистите, Мартин Шилц, претседателот на ЕП го одмолче тоа. Зошто немаше реакција?

Милошоски: За првпат се случува еден грчки премиер така отворен, би рекол прилично дрзок начин, во куќата на европските вредности, ЕП, каде што човековите права, различностите на самата ЕУ биле секогаш на највисок пиедестал, да негира постоење на еден јазик кој што за негова жал и среќа постои и во неговата земја. Македонското малцинство кое што живее и во Лерин, и во Костур, и во Воден и на други места сепак го говори тој јазик, без разлика дали тоа му се допаѓа на Самарас или не.

И првиот човек на ЕП остави тоа така да помине.

Милошоски: Мислам дека оние кои што зависат од гласовите на земјите – членки при нивниот избор, како што и претседателот на ЕП, не претпочитаат да се впуштаат и да се мешаат во прашања кои што малку ги разбираат или кои што можеби можат да им донесат штета или да им бидат товар за нивната политичка кариера.

По средбата со Нуланд на Скопје премиерот Груевски рече „Потребно е двете земји да пристапат кон ефикасно решавање на спорот со добра волја и со желба за успех во склад со демократските принципи и меѓународното право, а во контекст со пресудата на Меѓународниот суд за правда од 2011 година“. Има ли Македонија некој друг џокер в ракав освен пресудата од Хаг?

Милошоски: Македонија  настапува со силата на аргументите, а Грција со аргументот на силата. Така беше и во Букурешт, за време на НАТО самитот. Но, тогаш се случи ветото и силата на аргументите потоа победи во Хаг, пред Меѓународниот суд на правдата, како врховен суд на ОН, и прв пат во историјата на меѓународната сцена, Македонија освоила една меѓународно-правна битка во политиката и дипломатијата од себе сепак посилен и постар противник. Тоа е голем адут во нашите раце, и тоа треба да биде почеток, но и продолжение во разговорите со Грција. Ако се залагаме за почитување на меѓународното право тогаш и Грција и Македонија имаат обврска да ја почитуваат ова пресуда порано или покасно.

 

Премиерот Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во било какви иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ, јазик и нација. Дали предлозите на Нимиц навлегуваат во македонскиот идентитет.

Милошоски: Од македонска страна не, сметаме дека тоа така треба и да остане, бидејќи за идентитетот не може да се преговара, ниту пак тој да биде предмет на обликување на било кои политички влади или групи. Но д грчка страна многу често прашањето за идентитетот се наметнува како дел од преговорите и нивно барање. Дали е тоа дел од грчките стереотипи или табу теми во врска со постоење или непостоење на грчко малцинство од нивна страна. Или е тоа само начин, изговор и обид решавањето на проблемот да се оддолжи уште неколку години останува да се види во следниов период. Како што рече во една прилика поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, Грција нема да дозволи Македонија да влезе во НАТО и ЕУ пред тоа да го направи Србија. Тогаш очекувам нивните изговори вметнувања на доплонитени прашања има намера отежнување на процесот со цел да се одложи истиот и да продолжи во следните неколку години.

Значи додека е Самарас премиер вие сметат дека не може да се дојде до некакви конкретни предлози за решавање на спорот околу името.

Милошоски: Додека е Самарас премиер не верувам дека може да се зголеми нивото на меѓусебна политичка доверба. Можеби би можело да има поместувања нанапред доколку поголеми повлијателни држави, како што се САД, Германија, Франција или самата ЕУ преку нејзината комисија вложат поголем дипломатски капитал во разрешување на овој спор. Бидејќи и двете страни во овој спор и Македонија и Грција имаат своја меѓузависност од поголемите субјекти. Зависноста на Македонија е нејзината аспирација да стане членка на ЕУ и тој процес во голема мерка ќе зависи од Брисел, од Берлин, од Париз… Зависноста на Грција е нивната финансиска слабост и доколку поголемите земји одлучат да ги искористат овие алатки рамноправно да не биде тоа само притисок врз Македонија, туку да биде и барање од Грција да покаже прагматичност, тогаш постојат одредени шанси и надежи. Досега не сме виделе поголемо залагање од страна на поголемите држави да имаа такво сериозно побарување од Грција.

 

Васко Наумовски и официјално е новиот преговарач за името, ќе се снајде ли добро на оваа позиција, дел од експертската јавност го критикуваше изборот на претседателот Иванов?

Милошоски: Никој не треба да биде предмет на оценки или судови пред да покаже на терен. Како заменик претседател на Владата задолжен за евроинтеграции Васко  Наумовски се покажа како стабилен и прагматичен политичар, со голема доверба што ја ужива од претседателот на државата и од Владата, му даваат добра основа да биде претставникот на Македонија во овие преговори.

 

Пред една година медумите шпекулираа дека вие сте наследникот на Јолевски, годинава вашето име се најде на неофицијалниот список за амбасадори, наводно требаше да отпатувате за Загреб. Како поранешен министер за надворешни работи и добар познавач на состојбите околу спорот за името, зошто Милошоски не го видовме на преговарачка позиција наспроти Василакис? Кои се навистина причините, внатре партиски или лични?

Милошоски:  Лични. Затоа што сметам дека мојот влог како министер за надворешни работи за да се препознае политичкиот профил на еден човек кој што подолго време се занимава со оваа дејност. Втората работа, да се биде пратеник и потпретседател во собранието на РМ е исто така многу важна функција.

 

Во доста специфична состојба е денеска собранието. Во Собранието како да стана пракса законите да се носат по скратена постапка без јавна дебата, а сега без опозицијата и без парламентарна расправа, како да не постои владин предлог кој не поминал на собрание. Дали делувањето на законодавниот дом на овој начин е во духот на парламентарната демократија?

Милошоски: Принципот на парламентарната демократија не почнува во Парламентот туку завршува и се реализира во парламентот. Почнува во политичката култура во самите полички партии. Во овој момент сметам дека принципот на парламентарна демократија недоволно е созреан кај сите политички партии, особено кај најголемата опозициона партија. Која што за да најде оправдување на изборните резултати ја префрли врз работата на собранието. Бојкотот е штетен за самиот СДСМ и за работата на Собранието и за угледот на државата. Таа фалинка ќе ни ги отежни нашите евроатлански аспирации, бидејќи нашите соговорници од странство не се заинтересирани за подробности.

 

Опозицијата има свои барања, можни ли се отстапки од вашата политичка партија?

Милошоски: За сите теми кои имаат логика и рационалност подготвени сме да разговараме, како: правосудство, изборен законик, медиуми, но темата за техничка влада и влегување во нив циклус на политичка криза и делигитимирање на гласот на граѓаните даден на изборите, не е продуктивна. Политичкиот дијалог помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе продолжи во оној момент кога СДСМ ќе покаже дека е подготвена да го апсолвира ова прашање и да не поставува нелогични и неостварливи барања. Барањето за техника влада е резултат на лична хипокризија на првиот човек на опозицијата, Зоран Заев, бидејќи доколку тоа е принцип кој што тој го смета за демоктарски и продуктивен, како избран градоначалник на Струмица би требало тоа да го примени во самите избори на локално ниво. Односно, пред изборот за градоначалник да се постави технички градоначалник и потоа  да има нови избори.

 

Во вашиот говор за предложените уставни измени го оквалификувавте отсуството на СДСМ како нивна неодговоност, но јавноста поставува прашање колку е одговорно да се гласа за уставни измени без комплетен парламентарен состав?

Милошоски: Гласање за уставни измени е најдобро да има во моментот кога парламентот е целокупен. Но работата на парламентот идеи за реформирање на државата, законите не можат да бидат заложници на нечија желба или неспремност да биде дел од собраниската расправа. Се надева дека во периодот пред нас бидејќи сега следуваат одерени процедури кои вклучуваат општа јавна расправа по предложените нацрт измени за Уставот, дека и опозицијата ќе се вклучи. Без разлика дали тоа ќе го направи од собраниската говорница или од своето партиско седиште. Опозицијата е должна да има став. Молчењето не е оправдување за нивното отсуство. Есента секогаш носи подобри плодови од летот и сметам дека во текот на септември или октомври ќе има подобри услови за комплетирање на парламентот.

 

На улиците низ Скопје имаше протести, извештајот на ОБСЕ прстот го впери кон нарушените меѓуетнички односи. Вие вчера бевте во Непроштено на подигнување на споменик за киднапираните од 2001. Во една ваква констелација Македонија треба да ја прослави 13 годишнината од Рамковниот договор. Дали Рамковниот е имплементиран целосно и дали има соживот во Македонија?

Милошоски: Меѓуетничките односи во Македонија отсекогаш биле, а особено после конфликтот 2001 година, станаа уште почувствителна тема. Секој јавен чинител, медиум или институција, мора да има чувство за поголема внимателност кога станува збор за меѓуетничките односи бидејќи истите може лесно да бидат предмет на манипулација и злоупотреба. 13 години по потпишувањето на Охридскиот договор, гледам дека Охридскиот договор е еден, но се уште кон него постојат најмалку две читања или две толкувања. Секој гледа низ своја призма на овој договор кој што според мене веќе е преточен во уставните и законските норми. Но одредени политичари од албанската заедница, гледам преку нивниот начин на читање на договорот, бараат негово проширување или барем екстензивно го толкуваат. Од друга страна кај македонските политичари преовладува стојалиштето дека повеќе се дало по однос на договорот и правата отколку што се добило за возраст. Ние можеме да земеме примери од други општества во кои што именките ние и тие се предмет на дневно политички расправи. И станува јасно дека оваа тема нема да исчезне од македонскиот јавен простор во следните 50 години ќе треба само да ги развиваме капацитетите за нејзино добро управување со поголема внимателност и сериозност. И политичка и општествена зрелост кај секој чинител во РМ дека злоупотребата на меѓуетничките односни во РМ е лесна, но последиците можат да бидат тешки. Ние видовме што се случи со убиството во Смилковско езеро, какви рани се отворија и каков е конфликтниот потенцијал после еден таков трагичен настан, но секогаш мораме да се придржуваме кон принципот дека решавањето на ваквите случаи мора да биде подредено на институциите.

stavrova@inbox7.mk