Денешна дата
06/10/2022

НИМИЦ – УСТАВ – ЗАДОЛЖУВАЊА (Меѓународна берза 5)

НИМИЦ – Баталете ја мисијата на посредникот. Дипломат, кој (не)„носи идеи и не е оптимист“, не може да биде медијатор и да си ја одржува мисијата. Таа е уште една завеса за домашната економско-политичка мимикрија, која овозможува невиден трансфер на моќта во капитал, концентриран во партискиот бизнис холдинг на ДМПНЕ.

Пред и по секој престој на Нимиц во Скопје и во Атина, Владата на Груевски распишува избори или организира контролирана нестабилност во меѓуетничките односи (Монструм 1 и 2, Кале, Вахабистички марш, Амнестија за припадниците на ОНА…)Или…

Најновите потези со ненадејната и со најмасовната промена на Уставот, потоа задолжување преку еврообврзница за пополнување на фондовите користени за изборната галантност: зголемени пензии, отпишување на долговите за социјалците, прекутрупа исплатени заостанати субвенции за земјоделците, туризмот, авиосообраќајот.

УСТАВ – Во Собранието влегоа седумте нацрт-амандмани од 33 до 29, со една од најдвосмислените новели и симптоматично скроени одредби за реализација.

„Јавниот долг не смее да надмине ниво од 60% од бруто-општествениот производ“. Актуелниот веќе ја премина границата од 50%, а со сегашната динамика, кон крајот на мандатот од оваа Влада, веројатно и ќе биде достигнат овој нов уставен цензус. Зашто и закрепнувањето на економијата и ниското ниво на новосоздадена вредност не гарантираат успешно сервисирање на тековните долгови. Кој и како ќе може да презема обврски за нивно рефинансирање и репрограмирање на долгот на државата? Како ќе се планира развоен буџет со зацементирани фискални политики, како светските финансиски пазари ќе реагираат за инсолвентноста бетонирана со уставна забрана? Или оваа гарнитура веќе ја промовира логиката, по НАС – ПОТОП?!?!

И сега внимавајте – „може само во исклучителни ситуации да се отстапи од фискалните правила, во случај на катастрофи и на екстерни шокови, загрозување на националната безбедност (читај војни)…“ и тоа со одлука изгласана од двотретинско мнозинство, што подразбира и Бандетерово правило. И во сегашните мирнодопски околности, власта одвај обезбеди двотретинско мнозинство за иницираната промена на Уставот, а како ли со поделените етничко-конфликтни ситуации, национални интереси и приоритети? Кој гарантира дека Албанците би биле заинтересирани за евентуално ново задолжување, над уставниот цензус? Како би се менаџирало со макроекономските и со монетарните политики при евентуален финансиски банкрот, ако државата не може да ги сервисира своите долгови кон странските доверители, а долгот е над 60% од БОП? Притоа, Македонија ја нема зад себе финансиската и политичката солидарност на ЕУ, одлуки со кои се санираат состојбите во Грција, во Португалија, па и со Хрватска и со Словенија (долгови), во Бугарија (банкарска криза).

И на крајот од овие дилеми, зошто се врши измена на Уставот со амандман што ќе важи по две години, од јануари 2017 година, дури и опозицијата да се врати во Парламентот? Како ќе изгледаше Македонија по конфликтот 2001 година, доколку амандманите од Рамковниот договор се носеа со одложено дејство од две години? И не е воопшто небитно што предлог-амандманите во Собранието се доставени со потпис од вицепремиерот Ставревски. Зарем Премиерот повторно пере раце за одговорност и од овој политичко-економски чин?

„…Затоа не смееме да ги повторуваме старите грешки. Новиот Устав, секако, не смее да биде донесен набрзина и без согласност на Албанците. Се залагам за референдум токму затоа што не сум убеден дека големите партии, ова еднакво важи и за македонските и за албанските, сега не можат да постигнат ваква согласност. Но, ако мнозинското население сака да има своја држава, неговите политички претставници ќе мора да ја разберат сериозноста на моментот и предизвиците што ги носи времето и да ги пресретнат проблемите, а не да дејствуваат пост фестум. Неопходен е консензус, прво на македонските партии, за да можат со полно морално право и авторитет на една сериозна власт на Европа да ѝ кажат дека и ние сакаме европски Устав и европско општествено уредување, а не наметнат племенски пакт…“

Оваа изјава за Утрински весник, во 2006 година, е на професорот по уставно право, Саво Климовски. Тој заедно со проф. Шкариќ ги сметаат првобитните уставотворци за некомпетентни. Но сега, како пензионери никој и нема намера да ги слуша. Ако се исклучат дежурните критичари на власта, Малески и Фрчкоски, каде се професорите по политички систем, по финансии, по кривично право и постапка, по европска регулатива, по демократски слободи и човекови права, од десетината правни факултети во Македонија: Манговска, Тупанчевски, Георгиевски, Давитковски, Астеруд, Десковска…? Дали двете дами за ТВ-промоции на владините постапки и дежурни критичари на СДСМ, ќе бидат главните перјаници на Владата во одбрана на овие нелогични амандмани, со непредвидлива политичко-правна реализација.

Ако се тргнат неколку спорадични и PR контролирани новинарско-експертски критики, од инаку верните поддржувачи на политиките на оваа Влада, во државата владе МОЛК.

ЗАДОЛЖУВАЊА – Стасаа долговите за прекумерната потрошувачка околу Скопје 2014, за нерационалното и за некритичкото партизирање на администрацијата според Рамковниот договор. На ред е актуелниот риволвинг-кредит, кон меѓународните финансиери, за враќање на доспеаните долгови до година од најмалку 650 милиони евра.

Откако во државата се изнаредија вашингтонско-бриселски гласоговорници, а Меркел ја презеде неформалната улога на посредник меѓу Скопје и Атина, македонскиот Премиер, со својата веќе препознатлива и допуштена виртуозност во финансиското менаџирање, ја задолжи државата со нови 500 милиони евра. Интересна е постреакцијата и објавата од резерви кај Светската банка и ММФ кон сè понерационалното водење на фискалните политики и на степенот на задолженост. Издадена е обврзница со чие продавање управуваа брокерски бироа на главните германско-американско-британски банки, а е откупувана од инвестициски фондови, со непозната номинација на акционерите и нивниот капитал. Но тоа засега е само профитерски интерес, политичките се адресираат подоцна, од големите играчи на светската сцена.

Додека се пишувани овие редови, веста е дека Аргентина е пред технички банкрот предизвикан од американски Хеџ-фондови, познати со брзи и со ризични инвестиции, кои за гаранција на нејзината неисплатена обврзница од 550 милиони евра, побаруваат трипати повеќе. Тоа се новите форми на преземање на обврзниците од страна на овие ризични инвестициски фондови. Но по овој спор, од 30 јули Аргентина, по две децении од нејзиното фактичко банкротство, сега е повторно изолирана од светските финансиски пазари.

Без оглед на провидниот политички PR дека најголемото еднократно задолжување на Македонија е направено со најниска камата, последниот финансиски маневар на странските пазари за пари, се изведе во време на иницираните Уставни промени. Со нив ќе им се забранува на сите идни Влади да имаат долг поголем од 60% од БОП. Политичко лицемерство е да се усвојуваат уставни ограничувања во услови кога вкупните обврски кон странските кредитори веќе достигнуваат до 45%, без обврзницата, според информациите на ММФ.

Последните проценки на еврозадолжувањата на Владата, јавните претпријатија, општините и агенциите и натаму се коментираат со политичко-економска ноншалантност. Стилот и речникот на чуварот на државната каса остана ист – со успешно реализираните макроекономски политики Македонија се справува со кризата… Овој амбиент е идеален да ни се приопштува дека пензиите и платите во јавниот сектор во државава ќе растат, за разлика од Хрватска и од Србија, каде буџетските расходи радикално ќе се кастрат.

Во Македонија има седум економско-финансиски факултети, со најмалку стотина професори од сферата на јавните финансии. Само на катедрите на Економскиот факултет во Скопје, концентрирана е елитата на експертите за буџетската потрошувачка, банкарството, економијата, јавните финансии и нивната контрола, предводени од ветераните М. Петковски, М. Несторовски, Љ. Кекеновски, Б. Шуклев, В. Филиповски, Т. Славевски… Сите молчат. Ни позитивно ни негативно. Ако не е професор А. Беџети, кој е медиумски активен, другите академици: Т. Фити, Г. Петрески, говорат само од бившата катедра, а бившиот министер за финансии, последен пат во февруари годинава, од МАНУ проговори за опасноста од прекумерното трошење и задолженоста, за владиниот буџетски авантуризам. Се троши над реално новосоздадената вредност на македонското стопанство. Молчат дури и пензионираните и влијателните професори, авторите на политиката на ДДВ, меѓународната економија и соработката на владите со ММФ и со Светска банка. Ако се нема научна доблест, тогаш сугерирам да си ги повикаат почесните светски имиња и професори на Економски факултет: Адиџес, Проди, Брада. Толку за експертската и автономна универзитетска средина. Замислете ја компарацијата со активноста и со слободата на научната аналитика и јасниот јавен збор на нобеловците: Стиглиц, Спенс, Кидланд, Фелпс, или економскиот Нострадамус – Рубини?

„Човек доаѓа најблиску до својата перфекција, кога ја пополнува сопствената апликација за вработување,“ има речено Стенли Реднел, бизнисмен и политичар.

Ете затоа финансискиот менаџмент на политичките технократи Груевски и Ставревски има јасна цел со популистичка буџетска политика и распределба да се задоволат гласачите и да се прикријат аномалиите од втората постранзициска распределба на досега создадениот општествен, државен, а сега веќе и приватен капитал и имот.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)