Денешна дата
06/10/2022

Интервју со Генерал Тодор Атанасовски: Македонија нема да ја остават на мир и по влезот во ЕУ

АСНОМ инспирира и обврзува како да се води оваа држава, АСНОМ значи да се свртиме со лицето кон развојот, а шовинизмот е грб кон иднината, ова е ставот на Генералот Тодор Атанасовски кој во интервју за Инбокс7, ги истакнува своите лични ставови за состојбите некогаш и сега.

„Срамно е за една држава ако нејзините ентитети бараат поддршка, потпора во големите нации. А овие од надвор постојано се обидуваат од нив да направат сопствен манипулативен материјал. Нашите Срби мора да бидат наши, а ќе  бидат наши ако ние бидеме нивни. Нашите Албанци ќе бидат наши, ако ние бидеме нивни“, смета првиот човек на Сојузот на Борците. За влезот во ЕУ и НАТО Атанасовски смета дека најголема пречка сме самите ние. Тој истакнува дека балканските големодржавни доктрини нема да ја остават Македонија на мира и по влезот во ЕУ.

 

Инбокс7: Дали сте задоволни од начинот на кој што се прославува АСНОМ, годинава се бележиме 70 години од првото заседание. Македонскиот државен врв веќе не ни бара дозвола за одбележување во манастирот Прохор Пчински?

 

Атанасовски: Како можам да бидам задоволен. Јас сум борец и мислам дека треба да бидам борец до крај. Мене Македонија не ми должи ништо, јас сè уште и должам нејзе. Јас сум благодарен на судбината зашто сум се родил во тоа време и сум придонел за Македонија. Но, јас не сакам да наплаќам за тоа. Тие секој саат го наплаќаат. Македонија е сега во многу неповолна ситуација, таа е под власта на сопствените ултра-националисти. Тие не ја чуваат Македонија, тие ја разградуваат. Ја лично мислам дека на ниво на елити веќе не може ништо да се направи. Елитите ја имаат можноста да одозгора ја артикулираат целата политичка ситуација и кој им пречи. Во нив е и оревот и каменот, што вели народот. Или да речеме ние да бидеме одговорни за добрососедските односи… Како можеме ние да бидеме одговорни освен да се откажеме од самите себе. И не само тоа, туку да се откажеме и од она што сме биле и во тој големиот, светски глобален фронт. Бидејќи Европа се дистанцира сега од тоа.

Но, ние не можеме да живееме само од историјата. Во овој момент во Македонија да му се свртиме на АСМОН значи да се свртиме со лицето кон развојот. Тоа не е свртување грб кон иднината. Шовинизмот е грб кон иднината. Ние едноставно не можеме да мрднеме од шовинизам, мултиплициран шовинизам.

Народно ослободителната војска и партизанските одреди не беа признати од страна на агресорите, во однос н нас не важеше ни меѓународното воено право. Тоа значи ако не заробат не убиваа, другарките-партизанки ако ги заробеа ги силуваа, ги масакрираа. Јас, АСНОМ кога се обнароди новата држава, реков пред командантот Милески, сега веќе не сме војници без држава, реков не сум веќе ничиј војник, сега сум војник на една држава. Но таа држава, тогаш не знаев, баш во тој момент направила цел дар-мар на Балканот. На трети август 1944 на Балканот веќе ништо не беше исто.

Има уште една држава и тоа не баш сакана држава, не ја сакаат ни Бугарите, ни Грците, ни Србите, ни големо-албанците. Не ја сака дури ни македонската буржоазија. Во оваа сегашна Македонија, Вардарска, веќе ништо не е исто. Бугарите не се веќе анектори, фашистичка, царска Бугарија која ја присвојува Македонија и сега дури мисли дека сме нивна ќерка. Сега е тренд, држави – мајки и држави – ќерки, Грција па Кипар, Албанија па Косово, Бугарија па Македонија… На тој начин се манифестираат големо- државните доктрини. Но кога во мали земји манифестираат големо- државните доктрини, тоа е тогаш уште погрдо.

И сега не само што не сум ист, јас сум еден војник на една држава, туку не се исти ни окупаторите, ни граѓаните не се исти, ни територија веќе не е иста. Не е веќе ничија територија- тоа е национално војувалиште. Македонија со АСНОМ си доби свој статус во тоа е големината настанот. Затоа велам АСНОМ инспирира и обврзува како да се води оваа држава.

 

Инбокс7: Како да се води оваа држава, а при тоа да не се гази врз постулатите на АСНОМ?

Атанасовски: Пред околу една година ЕУ финансираше проект- Моќта на елитите во Македонија и во Албанија. Целата ситуација во Македонија и во Албанија ја артикулираат елитите. Денеска во Македонија доминираат национализмите, така не беше дури ни 2001-та година. Во 2001 беснееја само два национализма.

 

Инбокс7: До каде ќе не однесе ваквата ситуација?

 

Атанасовски: Затоа велам Македонија не е бинационална, Македонија е мултинационална. Дури не е ни битен квантумот на одредени колективитети. Погледнете по војните кои се водеа во поранешна Југославија, оттаму во Македонија избегаа Бошњаци и немало никаков проблем да се приземјат тие тука и сосема уредно партиципираат во јавниот живот на Македонија. Затоа што нашиот амбиент е мултикултурен, затоа што е тоа наша состојба, а не механички збир, тоа е наша култура.

 

Заедно во борбените редови и за време на Илинденското востание учествувале сите народи. Манифестот е напишан на сите нивни јазици. Четите во НОБ биле мултиетнички. Како ги цените односите денес меѓу различните етникуми?

 

Атанасовски: Ако ја немавме поддршката од народот дали ние ќе успеевме? Ние имавме стил на народна војска. Секој војник го поддржувале седум – осум до десет луѓе. Ако сме биле сто илјади значи ние сме имале осумстотини поддржувачи. Учител во кичевско село дојден од Албанија за да учи децата на албански јазик, па тој се приклучи кон НОБ. Во 1942 година во велешко село млад оџа е обесен од Бугарите. Ова се прекрасни примери, имавме и турски батаљони и српски чети и албански. Во Народно Ослободителната Војска на Македонија, тогаш сме имале стратегија која е прифатлива за сите, сега немаме таква стратегија.

 

Инбокс7: Каде ја лоцирате грешката во денешново време?

 

Атанасовски: Грешката е што е напуштен тој тренд. Не може да се третира како обичен настан четири години војна. Четири години во фронтот на најпрогресивните. Ние тогаш бевме со интелектуалната елита Ањштајн е со нас, Тесла е со нас, Еренбург е со нас, Сартр е со нас. Тоа е кремот на интелектуалната елита глобално. Сме биле и тогаш рурален народ, но благодарение на комунистите кои се патриоти и космополити, нивниот интернационализам им овозможува да осмислат вистинска стратегија во тие времиња.

 

Инбокс7: Меѓутоа националистите се сметаат себе си за многу поголеми патриоти од комунистите.

 

Атанасовски: Еве ги гледаме рака за рака се држат и каде сме. Па и Европа е окована со национализам преку десните сили. Уште 2010 кога требаше да се одржи Денот на победата над фашизмот, го прогласија, како да сама Европа се борела против фашизмот, но тоа не е така… Тука е и Океанија и целиот Пацифик, тука е и Африка, сите континенти. Втората Светска војна е единствена вистински во секој случај глобална војна.

 

Инбокс7: Велите Македонија не е биетничка држава, меѓутоа сите народи се бореа заедно. Каде се случи повторно да се раздвојат , а знаеме имаа ист став, тука се од дамнина…

 

Атанасовски: Многу деликатно прашање. Јас зборувам за војната не за по војната. Војната и по војната додека да излезат од едно јајце се битно различни состојби. И тоа не било какви сегментарни состојби туку целосно состојби во кои учествуваат и луѓето сакале или не сакале. Значи тоа се цели општествени состојби. И нашата војна тогаш беше цела општествена состојба. Немам право јас да ја мајоризирам. Зашто јас учествував во војната на тој народ, но не го давам тоа право на било кого да врши мајоризација. Дури и на овие кои велат дека се тие наследници на партизаните. Еве зошто. Не верувам и дека некои мои соборци ќе го прифатат мојот одговор. Некои трендови културни и развојни кои започнаа и траеја во војната дури и за кратко време си добиваа големо значење. Воените времиња се брзи интензивни времиња. Во тоа кратко време од четири години се случија многу важни работи. Некои процеси кои беа започнати во војната, а процес е и националното зреење и не само на една етничка група, затоа НОБ беше ослободителна војна и за нашите Срби, и за нашите Албанци, и за нашите Турци, и за нашите Роми, и за нашите Власи да набројувам ли уште? Но, некои трендови се редуцираа… Јас за повоеното време не сакам да критикувам многу но, сакам тоа да се анализира, а не само некој да го искористува. Една структура која го искористи е нашиот функционерски корпус по војната. Зошто тоа се случило, зошто тргнале по своите кариери? Еве нас не напаѓаат за Ченто и за други умни големи луѓе. Јас сум исто така против нивното репресирање. Но на Ченто и на другите не можам да им простам што не биле поумни од мене, тие морале да бидат поумни од нас децата.

Знаете ли јас како го памтам Ченто? Негде по Илинден, по АСНОМ, дојде во Врановце, велешко. Дојде Втората македонска народна бригада, јас бев комесар на батаљонот Страшо Пунџур, а командант беше Баслиевски Наум-Овчарот. И не собраа нас офицери да се дотераме и да не претстават и на АСНОМ и на главниот штаб. Тогаш Ченто плачеше кога ме гушкаше мене. Тие сега го манипулираат Ченто, всушност не го слават. Мене ми вика син му вие го предадовте Ченто, да ние може го предадовме, но, вие го продадовте.

 

Инбокс7: На почетокот рековме дека ќе зборувате лично и искуствено, но сепак сте претседател на Сојузот на борците, третманот во државата е познат. Што можете да направите?

 

Атанасовски: Другарката Верка Бунтевска, една од потпретседателите, таа е најактивна и има најмногу нерви и храброст, колку и е тешко само таа знае. Јас сум малку настрана дури сум и привилегиран. Никој мене лично не ме напаѓа, јас сум секој ден сè послаб. Мисијата на Сојузот на борците е многу сериозна. Таа мисија има многу специфична тежина токму за Македонија, па и пошироко. Срамно е за една држава ако нејзините ентитети бараат поддршка, потпора во големите нации. А овие од надвор постојано се обидуваат од нив да направат сопствен манипулативен материјал. Нашите Срби мора да бидат наши, а ќе  бидат наши ако ние бидеме нивни. Нашите Албанци ќе бидат наши, ако ние бидеме нивни. Нашите Роми се наши Роми. Ако некој ги следел трагите на Народно ослободителната војна, па дури и Бадинтер ќе учел од нас. Јас нему капа му симнувам, но велам дека ние тогаш бевме многу прогресивни. Сите ние заедно овде не сме сакале да направиме ни национална слобода, ни сопствена држава што ни беше многу важно, на било која стана. И тоа во време кога правеле другите така.

 

Инбокс7: Каде ја гледате Македонија во иднина, таа е аспирант за членство во НАТО и ЕУ?

 

Атанасовски: Тоа се општи трендови. Една е стратегијата за влегување, а друга за делување откако ќе влезеш.

 

Инбокс7: Но, големи пречки ни стојат на патот. Бугарија бара потпишување договор за добрососедство, со Грција го имаме проблемот околу името?

 

Атанасовски: Најголема пречка сме самите ние. Ние треба да ги унапредиме сопствените состојби кои мора да потекнат од овие корени- Македонија е по род антифашистичка земја. Дружењето на национализмите не е долговечно, ниту вековито. И ова еден ден ќе престане. Се плашам само да не биде катастрофално. Нема да ни дадат овие доминантните стратегии, нема да ни дадат да правиме тука нова војна, зашто тие не би биле доследни на себе и на сопствените стратегии ако ни дозволат нестабилност. Никој нека не мисли дека нас балканските големодржавни доктрини ќе не остават на мира и во ЕУ. Ни се мешаат во секоја стратегиска ситуација. И во НОБ ни се мешаа и не тераа да преминеме на страната на Германија. Па Ванчо Михајлов кај Анте Павелиќ беше гостин и специјален агент на Гестапо. Кога ние го промовиравме АСНОМ кога видоа дека нема шега, го донесоа Ванчо Михајлов да ја пресврти Македонија на страната на Хитлер.

 

Инбокс7: Но не успеа.

 

Атанасовски: Па не успеа нормално, ни овие нема да успеат да ја направат ригидна земја. Македонија е осудена да биде демократска, слободна и рамноправна за секој човек.

 

Инбокс7: За крај како се чувствувате кога поминувате низ центарот на Скопје?

 

Атанасовски: Најмногу ми е жал за Паркот на жената. Нема ниту еден парк во светот. Тоа зборува за прогресивноста на нашата Народно ослободителна војна. Тој парк сега е уништен, бербат е направен а е единствен парк на жената – борец.

stavrova@inbox7.mk