Денешна дата
02/07/2022

АФРИМ ТАХИРИ, ИВЗ: СОЖИВОТ НЕ СЕ ПРАВИ САМО ПРЕКУ РЕКЛАМИ

Не бевме поканети на ифтар вечера кај премиерот, а и да бевме немаше да одиме, вели во интервју за Инбокс7, генералниот секретар на Исламската верска заедница во РМ, Африм Тахири. „За прв пат оваа година ИВЗ не учествуваше на ифтар организиран од политички лидер или владин функционер. ИВЗ има свои причини- многу отворени прашања, многу неостварени ветувања“, смета Тахири

ИВЗ четири-пет години бара локација за административна зграда и „покрај тоа што финансиски помогнавме за промена на деталниот урбанистички план на Кале имавме и неколку средби со премиерот и министерот за транспорт и врски, на крај бевме елиминирани од можноста да учествуваме на тендерот за купување на земјиштето“, објаснува вториот човек на ИВЗ. Што се однесува до изјавите на владините структури- во Македонија може да постои исламски радикализам ако постои и христијански радикализам. Ние сме против таквите изјави, вели Тахири, кои можат да поттикнат радикални реакции.

 

Инбокс7: Масовни демонстрации кои се случуваа во Македонија пред судот каде луѓето го искажуваа своето незадоволство со високите затворски казни, но кои секогаш започнуваат по петочната молитва во џамијата во Чаир. И владеачката ВМРО-ДПМНЕ кажа дека во Македонија постои исламски радикализам кој што можеби стои зад протестите. Кој е вашиот став?

 

Тахири: Протестите не почнуваат од џамиите, просторот Јаја Пашина џамија е старо име на тој дел од Скопје- ниеден имам не учествуваше на протести. Ние не можеме да ги спречиме, но протестите треба да бидат мирни и врз основа на исламските верски принципи. Ние како институција сме против секакви протести кои немаат организатор. И нашите апели беа верниците да внимаваат да не бидат изманипулирани од некакви структури кои никому не сакаат добро. Што се однесува до изјавите на владините структури- во Македонија може да постои исламски радикализам ако постои и христијански радикализам. Во суштина ниедна вера не прифаќа радикализам, екстремизам или разни изми, бидејќи во божјите книги нема такви учења за радикално однесување. Самиот збор ислам значи мир, значи не може да се спојува со радикализам. Ние сме против таквите изјави кои можат да поттикнат радикални реакции.

 

Инбокс7: По повод светиот месец Рамазан и премиерот Груевски организираше ифтар вечера. Дојдоа сите политички претставници, но поглаварот на ИВЗ, реис ули лема ефенди Реџепи не се појави таму. Има ли некоја посебна причина.

 

Тахири: Не бевме поканети на вечерата кај премиерот,  и да бевме немаше да одиме, ние организиравме ифтар за лидерите на верските заедници и амбасадори и немавме ниту еден претставник од политичкиот живот. Во својот говор реисот кажа дека му е драго што се собравме верски лидери од Албанија, Косово и сметаме дека така е подобро и решивме да не учествуваме на ниту еден ифтар организиран од политичка партија. За прв пат оваа година ИВЗ не учествуваше на ифтар организиран од политички лидер или владин функционер. ИВЗ има свои причини- многу отворени прашања, многу неостварени ветувања. Не постои добра клима за жал и немавме ниту една причина за заеднички ифтар. Имаме потреба да соработуваме со сите државни институции но тие средби треба да бидат работни, а не свечени.

 

Инбокс7: ИВЗ веќе со години бара локација за ново седиште. Што се случува на тој план, дали има некакво поместување?

 

Тахири: Веќе 4-5 години работиме во таа насока, интензивно се работеше последните три години но за жал не успеавме како што успеале другите верски заедници да си најдат соодветно место за административна зграда на ИВЗ која ќе ги исполнува условите на една значајна верска заедница во државата. И финансиски помагавме за промена на деталниот урбанистички план на Кале имавме и неколку средби со премиерот и министерот за транспорт и врски но на крај бевме елиминирани од можноста да учествуваме на тендерот за купување на земјиштето. Огромни проблеми има ИВЗ со враќањето на имотите со денационализацијата, постои своевидна дискриминација во оваа насока бидејќи 1998 до денес да не можеме да си го вратиме нашиот имот, а имаме комплетна документација, тоа е нелогично. Ова прашање се најде и во извештаите на меѓународната заедница дека ИВЗ за разлика од другите верски заедници во државата е дискриминирана.

 

Инбокс7: Каде се кочи работата?

 

Тахири: Едноставно нема политичка волја и досега за 16 години не се вратени повеќе од 16%.

 

Инбокс7: Се работи за некои стратешки објекти од кои што државата не може да откаже?

 

Тахири: За Капан ан имаме судски процес, Куршумли ан, Безистен, Арабати баба теќе во Тетово и слично. Предмети кои се пред меѓународни судови, како што е Јели џамија во Битола, Хусамедин џамијата во Штип која е сега споменик на културата, а има документи каде што пишува дека корисници се ИВЗ и МЦП и такви грешки постојат. За жал некои грешки се намерни.

 

Инбокс7: Едно од горките прашања е неинкорпорираноста на Медресата во воспитно – образовниот систем на Македонија. Со какви проблеми се соочувате и како сметате дека ова може да се реши. Зошто останува ова средно училиште непризнато, так да се каже, во државата?

 

Тахири: Средните верски училишта се основани врз основа на законот за односи за верските заедници, но не се врз основа на законот за средно образование во РМ. Барање поднесуваме до министерство за Исабеговата медреса, како и за средното училиште на МПЦ, од друга страна пак се акредитирани факултетите за исламски науки и богословија. Постои дисконтинуитет. Оваа година над 800 редовни ученици се соочуваме со проблеми кога ќе завршат дел се запишуваат на други факултети. Промената на програмата ја имаме исполнето. Документацијата е комплетирана и со години чекаме. Дали со владина одлука тоа ќе се реши или со измени во законот за средни училишта.

 

Инбокс7: Како мултиетничко општество најголемите верски заедници МПЦ и ИВЗ треба да се погрижат за соживотот меѓутоа и меѓу вас останаа некои спорни точки. На последната меѓуверска конференција не зедовте учество, тоа се случува втор пат. Дали се работи на надминување на ваквата ситуација?

 

Тахири: Ние како ИВЗ имаме добра соработка со сите верски заедници и со МПЦ се собираме 3-4 пати годишно, сме имеле и заеднички апели. Не постои проблем меѓу ИВЗ и МПЦ. Организатор на светската конференција за дијалог меѓу религиите не беше МПЦ туку владата на РМ. Во 2010 година имавме барање дека веднаш по конференцијата ќе се почне со реконструкција на прилепската џамија, на џамијата во Лажец и други прашања до од тогаш до 2013 кога беше третата конференција, работите останаа таму каде што беа. Соживотот не се прави само преку реклами, туку преку конкретна работа. Ние продолжуваме да имаме добри односи со сите верски заедници но со забелешки до владините институции. Тие ветија потпишаа договори и ништо, ние остануваме на тоа дека тие договори треба да се почитуваат до крај и ние да имаме чист образ пред нашите верници. Јавно кажавме дека дека ќе учествуваме на втората конференција дека џамијата во Прилеп ќе се обновува после тоа, дадовме и пари за првата фаза на обнова, меѓутоа нема ништо и во 2013 не гледавме прилика за да учествуваме. Инвестираме во соживотот и градењето на добрите односи со верските заедници, но тоа не значи дека сме во добри односи со владините институции. Владините институции треба да ги почитуваат договорите и придонесуваат за решавање на проблемите.

 

Инбокс7: Зошто тој игнорантен однос од страна на државата?

 

Немаме официјален одговор еве на пример за чарши џамија во Прилеп, не знаеме. Пред неколку години и делегација на ОН ја посети и тоа влезе во нивниот извештај. Градењето на друга џамија во Прилеп е незаконско – тоа е двоен аршин, надвор од законот и тоа не не води на добар пат.

 

Инбокс7: Во последниот извештај на Стејт департментот главна забелешка беше упатена кон ИВЗ за наплаќањето на визите за верниците кои одат на аџилак, а визите се всушност бесплатни. Зошто го прави ИВЗ тоа, тоа влегло во извештајот како проблем?

 

Тахири: ИВЗ не зема пари за визи, туку за услуги. ИВЗ за организација на аџилакот први големи трошоци. 3-4 пати годишно испраќа свои делегации во Саудиска Арабија, како и во амбасадата во Тирана. Аџилакот го организира врз основа на законот за верски заедници и другите нормативни акти. На секои 25 аџии има по еден водич, на секои 50 по еден лекар. ИВЗ не смее да троши повеќе отколку што и е дозволено. Сите 20-24 дена колку што трае аџилакот ние сме на услуга на нашите аџии. Лани отидоа 1.200 аџии. За оваа година ќе чини 3.200 евра. аџилакот не е обврска за тие што немаат пари, тоа е само за тие што имаат материјална можност. На Косово е 3.200, Словенија 3.850, има аџилак ВИП над 17.000 евра. Значи ние правиме една средина. Кој сака, не се регистрира со сила, кој сака да оди преку ИВЗ а оди толку е. Целиот профит го насочуваме за нашето средно училиште. Сите тие институции кои мислат дека профитираме многу нека ги преземат трошоците на исламското верско училиште и организацијата околу аџилакот ние ќе се дистанцираме од тоа. Според исламот аџилак не е обврска на секој верник туку само тие што имаат, и само еднаш во животот се оди.

На аџилак треба да одам само тие што имаат материјална можност, верска обврска немаат. Ние немаме забелешка од ниту еден верник. Министерство за здравство добива донација вакцини од Турција, а ние за секој аџија плаќаат по 50 евра, велат тоа е за услуга. Зошто тогаш ИВЗ да не може да профитира од своја услуга 100-150 евра и тие пари да одат во следното училиште.

 

Инбокс7: За крај на разговорот Г-не Тахири во моментов се генерален секретар на ИВЗ. Сепак, јавноста смета дека имате големи амбиции дали во иднина може да очекуваме да ве видиме на местото поглавар на ИВЗ.

 

Тахири: Никако. Јас немав ни амбиции да бидам генерален секретар на ИВЗ, понесував и оставка пред еден месец. Други работи повеќе ме исполнуваат како книгите, преводите на арапски и т.н., немам лична амбиција да станам поглавар и еве 14 години тука работам. Над 90% од активностите на ИВЗ се инвестиција во образовни институции, тоа ќе вроди со плод.

stavrova@inbox7.mk